Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА

Платон

Платон

Платон (о. 427-347 пр.н.е.) бил пагански грчки филозоф. Роден во Атина во аристократско семејство, стекнал добро образование, што било вообичаено за богатите млади Грци. Врз него силно влијание извршиле познатиот филозоф Сократ и следбениците на славниот филозоф и математичар Питагора.

ОТКАКО го пропатувал Медитеранот и откако некое време активно бил вклучен во политичкиот живот во Сиракуза, грчки град на Сицилија, Платон се вратил во Атина, каде што ја основал својата филозофска школа наречена Академија. Оваа школа, која се смета за прв европски универзитет, станала центар за изучување на математиката и филозофијата.

ЗОШТО ОВА Е ВАЖНО ЗА НАС?

Учењата на Платон извршиле силно влијание врз религиозните верувања на милиони луѓе, вклучувајќи ги и оние што се изјаснуваат како христијани, од кои мнозина се во заблуда дека овие верувања се темелат на Библијата. Едно од главните учења на Платон е идејата дека луѓето имаат бесмртна душа што продолжува да живее по смртта на телото.

„Бесмртноста на душата е една од омилените теми на Платон“ (Телото и душата во древната филозофија)

Платон многу се интересирал за животот по смртта. Книгата Телото и душата во древната филозофија (Body and Soul in Ancient Philosophy) вели дека „бесмртноста на душата е една од омилените теми на Платон“. Тој бил цврсто убеден дека „душата продолжува да живее по смртта на телото и чека да биде наградена, односно казнета“ во задгробниот живот, во зависност од тоа како живеел човекот додека бил на Земјата. *

КАКО СЕ РАШИРИЛЕ УЧЕЊАТА НА ПЛАТОН?

Во деветте века постоење, од 387 год. пр.н.е. до 529 год. од н.е., Платоновата Академија била доста влијателна. Идеите на Платон биле почитувани во земјите под власта на Грција и Рим. Еврејскиот филозоф Филон од Александрија го прифатил платонизмот, како што направиле и многу верски водачи од христијанскиот свет. Како резултат на тоа, во учењата на јудаизмот и христијанството се вовлекле многу пагански филозофски идеи, вклучувајќи ја и идејата за бесмртност на душата.

Во еден речник стои: „Целокупната христијанска теологија е под влијание, барем во извесна мера, на современата грчка филозофија, главно платонизмот, но некои христијански мислители... со право го заслужуваат називот христијански платонисти“ (The Anchor Bible Dictionary). Да разгледаме што велат следниве дела:

Што рекол Платон: „[При смртта], вистинската личност на секој од нас, која ја нарекуваме бесмртна душа, си заминува кај другите богови, каде што... треба да положи сметка — суд со кој добрите се соочуваат смело, но од кој злите се тресат од страв“ (Платон — Закони, книга XII).

Што вели Библијата: Душата е самата личност, односно нејзиниот живот. Дури и животните се души. При смртта, душата престанува да постои. * Размисли за следниве стихови:

  • „Првиот човек, Адам, стана жива душа“ (1. Коринќаните 15:45).

  • „Потоа Бог рече: ‚Земјата нека пушти од себе живи души според нивните видови, домашни животни, други животни што се движат и диви земни животни‘“ (1. Мојсеева 1:24).

  • „Нека ми умре душата“ (4. Мојсеева 23:10).

  • „Онаа душа што греши, таа и ќе умре“ (Езекиел 18:4).

Очигледно, Библијата не учи дека душата продолжува да живее по смртта на телото. Затоа, прашај се: ‚Дали моите верувања се темелат на Библијата или на филозофијата на Платон?‘

^ пас. 7 Иако Платон бил тој што ја раширил идејата за бесмртност на душата, таа не потекнува од него. Многу векови пред него, овој концепт во различни форми бил дел од паганската религија, вклучувајќи ја и религијата во Египет и Вавилон.

^ пас. 12 Библијата учи дека мртвите се во состојба слична на сон и дека ги чека воскресение (Проповедник 9:5; Јован 11:11-14; Дела 24:15). Спротивно на ова, таканаречените бесмртни души не можат да умрат, што значи дека немаат потреба од воскресение.