Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како мудро да ги трошам парите?

Како мудро да ги трошам парите?

Што вели Библијата

Како мудро да ги трошам парите?

„Заработувам сѐ помалку, а сметките ми се сѐ поголеми. Честопати не ме фаќа сон додека размислувам како ќе успеам да го издржувам семејството“ (Џејмс).

„Се чувствувам како во лавиринт без излез“ (Шери).

ВО ПЕРИОДИ на економска нестабилност, често може да се слушнат вакви изјави. Коментирајќи за неодамнешната светска економска криза, Хуан Сомавиа, генерален директор на Меѓународната служба за труд, рекол: „Ова не е криза само за Вол Стрит“, додавајќи понатаму: „Ова е светска криза“.

Неочекуваното губење на работното место или недостигот на основните средства за живот за семејството може да водат до длабока загриженост, па дури и до очај. Имало моменти кога и библискиот писател Давид се чувствувал така. Тој се молел: „Се намножија маките на моето срце, избави ме од мојата тегоба“ (Псалм 25:17). Што вели Библијата за нашево време и може ли вдахновената мудрост што таа ја содржи да ни даде поголемо чувство на сигурност и душевен мир?

Мудрост соодветна за тешки времиња

Библијата прорекла дека „последните денови“ од сегашниов злобен свет ќе се одликуваат со ‚болни неволји‘ и со „особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1; Матеј 24:8). Како што гледаме, овие зборови се исполнуваат пред наши очи! Сепак, не сме оставени без надеж бидејќи Бог, преку Светото писмо, ни ја дава мудроста што ни е потребна за да се справиме со економската неизвесност.

На пример, Библијата ни помага да имаме исправно гледиште за парите. Во Проповедник 7:12 се вели: „Мудроста е заштита, а и парите се заштита. Но предноста на знаењето и на мудроста е во тоа што тие им го чуваат животот на оние што ги имаат“. Да, парите можат да ни бидат извесна заштита, но само Божјата мудрост од Библијата може да ни даде чувство на вистинска сигурност во секое време. Еве неколку примери.

Практични предлози

Биди трудољубив. „Мрзливецот е полн со желби, но неговата душа нема ништо, а душата на трудољубивите ќе се насити“ (Изреки 13:4). Која е поуката од овој стих? Биди на глас дека си чесен, вреден работник. Работодавците многу ги ценат добрите работници, кои поради својата трудољубивост најверојатно ќе бидат примени на работа први, а отпуштени последни (Ефешаните 4:28).

Пред да купиш нешто, размисли за трошокот. Исус рекол: „Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот за да види дали има со што да ја доврши?“ (Лука 14:28). Иако Исус со оваа споредба истакнува дека, пред да станеме негови ученици, треба да земеме предвид што сѐ е вклучено во тоа, очигледно е дека неговите зборови можат да се применат и дословно. Затоа, планирај како ќе ги трошиш парите — направи список со своите потреби и со трошоците.

Не троши ги парите за лоши навики. Бог не го одобрува коцкањето, пушењето и злоупотребата на дрога и алкохол (Изреки 23:20, 21; Исаија 65:11; 2. Коринќаните 7:1).

Во твојот живот нека нема „љубов кон парите“. (Евреите 13:5) Луѓето на кои парите им значат сѐ во животот се несреќни и разочарани и ‚си нанесуваат многу маки‘ (1. Тимотеј 6:9, 10). Освен тоа, стануваат робови на својата ненаситност затоа што, сеедно колку имаат, никогаш не им е доволно (Проповедник 5:10).

Научи да бидеш задоволен со она што го имаш. „Ништо не сме донеле на светов, па не можеме ништо ни да однесеме од него. Значи, ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:7, 8). Оној што е задоволен со помалку нема да го фати паника во случај на економска криза. Затоа, научи да живееш во границите на своите можности. (Види ја рамката десно.)

Никој од нас не знае што ќе биде утре. „Времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого од [нас]“, стои во Проповедник 9:11. Затоа, една мудра личност нема ‚да се потпира на несигурното богатство, туку на Бог‘, кој на своите верни слуги им ветил: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“ (1. Тимотеј 6:17; Евреите 13:5).

ШТО МИСЛИШ?

● Како Библијата го опишува нашево време? (2. Тимотеј 3:1-5)

● Каде може да се најде сигурно водство денес? (Псалм 19:7)

● Како можам да му обезбедам сигурна иднина на моето семејство? (Проповедник 7:12)

[Рамка/слика на страница 19]

КАКО ДА ЗАШТЕДИШ?

Купување: Прави список. Избегнувај да купуваш работи што не си планирал да ги купиш. Барај поволни цени. Користи ги купоните и купувај кога има попуст. Она што ти треба, купувај го на распродажба или вон сезоната. Секогаш кога е можно, купувај на големо.

Домашни трошоци: Плаќај ги сметките на време за да избегнеш камати. Подготвувај оброци и напитоци дома и биди умерен во поглед на храната и алкохолот. Исклучувај ги светилките и апаратите што не ги користиш. Доколку е можно, користи апарати што штедат струја. Стави добра изолација во домот. Размисли дали можеш да живееш во помал стан.

Превоз: Ако ти треба возило, избери некое издржливо и економично. Не мора да биде ново. Секогаш кога е можно, дели го трошокот со други. Друга варијанта е да користиш јавен превоз, да пешачиш или да возиш велосипед. Оди на одмор вон сезона и можеби некаде поблизу.

Телефони и забава: Дали ти се потребни и домашен и мобилен телефон? Ако твоите деца имаат свој мобилен, можат ли да бидат поштедливи или можеби да се откажат од него? Ако си претплатен на некоја кабловска телевизија, би можел ли да го скратиш трошокот така што ќе го намалиш бројот на каналите? Наместо да купуваш филмови и книги, позајмувај ги од библиотека односно видеотека. *

[Фуснота]

^ пас. 26 Додатни предлози можеш да најдеш во статиите „Мудро ракувај со парите“ во Разбудете се! од март 2009 и „Младите прашуваат... Како да се контролирам кога трошам?“ во Разбудете се! од јуни 2006.