Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали еволуцијата е факт?

Дали еволуцијата е факт?

Дали еволуцијата е факт?

„ЕВОЛУЦИЈАТА е исто толку факт колку што е факт и топлината од Сонцето“, тврди професор Ричард Докинс, познат еволуционист. Се разбира, експериментите и директните набљудувања докажуваат дека Сонцето е жешко. Но, дали експериментите и директните набљудувања даваат исто толку непобитни докази и за еволуцијата?

Пред да одговориме на ова прашање, мора да разјасниме нешто. Многу научници забележале дека со текот на времето, потомците на живите суштества можат да претрпат незначителни промени. Чарлс Дарвин го нарекол овој процес „добивање потомство кај кое доаѓа до постепени промени“. Ваквите промени се забележани со директно набљудување и се докажани со експерименти, а одгледувачите на растенија и животни вешто ги користат. * Овие промени би можеле да се сметаат за факти. Меѓутоа, овие незначителни промени научниците ги нарекуваат „микроеволуција“. Дури и самиот збор го покажува она што го тврдат многу научници — дека овие мали промени се доказ за една сосема поинаква појава, појава што никој не ја видел и која тие ја нарекуваат макроеволуција.

Значи, Дарвин отишол многу подалеку од ваквите видливи промени. Во својата прочуена книга Потеклото на видовите, тој напишал: „Според мене, сите живи суштества не се посебни созданија, туку директни потомци на само неколку суштества“. Дарвин рекол дека, во текот на долги временски периоди, овие првобитни „неколку суштества“, или таканаречени прости животни облици, малку по малку еволуирале — со помош на „незначително мали промени“ — во милионите различни животни облици што постојат на Земјата. Еволуционистите учат дека овие мали промени се надоврзале една на друга и довеле до големите промени што биле потребни рибите да станат водоземци и мајмуните да станат луѓе. Ваквите наводни големи промени се нарекуваат макроеволуција. На многу луѓе, ова второ тврдење им звучи разумно. Тие се прашуваат: ‚Ако можат да настанат мали промени во склоп на еден вид, тогаш зошто еволуцијата не би довела до големи промени во текот на подолги временски периоди?‘ *

Учењето за макроеволуција се темели на три главни претпоставки:

1. Мутациите го даваат она што е потребно за да се создадат нови видови. *

2. Природната селекција води до создавање на нови видови.

3. Фосилите ги потврдуваат макроеволуционите промени кај растенијата и животните.

Дали доказите за макроеволуцијата се толку силни што таа би требало да се смета за факт?

Дали со мутациите можат да настанат нови видови?

Многу детали од некое растение или животно се одредени врз основа на упатствата што се содржани во неговиот генетички код, планот што го содржи јадрото на секоја клетка. * Истражувачите откриле дека мутациите — или случајните промени — во генетичкиот код можат да доведат до промени кај потомците на растенијата и животните. Во 1946 година, Херман Џ. Милер, добитник на Нобелова награда и иницијатор на истражувањето на генетичките мутации, рекол: „Не само што ваквото надоврзување на многу ретки, најчесто ситни промени е главен начин на кој вештачки се усовршиле растенијата и животните, туку, што е уште поважно, е начин на кој се одвивала природната еволуција, водена од природната селекција“.

Всушност, учењето за макроеволуција се темели на тврдењето дека со помош на мутациите не само што можат да настанат нови видови туку и сосема нови фамилии растенија и животни. Постои ли некаков начин да се провери ова смело тврдење? Па, разгледај што било откриено по околу 100 години истражувања на полето на генетиката.

Кон крајот на 1930-тите, научниците воодушевено ја прифатија идејата дека, ако природната селекција можела да создаде нови видови растенија благодарение на случајни мутации, тогаш вештачката селекција на мутации предизвикана од човек би требало да биде уште поефикасна. „Меѓу повеќето биолози, а особено меѓу генетичарите и одгледувачите на растенија и животни, завладеа еуфорија“, рече во едно интервју за Разбудете се! Волф-Екехард Лониг, научник од германскиот Институт за истражување на одгледување растенија Макс Планк. Зошто сета таа еуфорија? Лониг, кој околу 28 години ги изучувал мутациите во гените на растенијата, рекол: „Овие истражувачи мислеа дека дошло време од корен да се промени традиционалниот метод на одгледување растенија и животни. Тие помислија дека, со тоа што ќе предизвикаат и ќе селектираат поволни мутации, ќе успеат да создадат нови и подобри растенија и животни“. *

Научници во Соединетите Држави, во Азија и во Европа започнаа истражувачки програми во кои беа вложени огромни средства, користејќи методи што ветуваа дека ќе ја забрзаат еволуцијата. Какви беа резултатите по подолго од 40 години интензивно истражување? „И покрај огромните финансиски трошоци“, вели истражувачот Петер фон Зенгбуш, „обидот да се добијат сѐ попродуктивни подвидови со помош на озрачување се покажа неуспешен.“ Лониг рече: „Во 1980-тите, надежта и еуфоријата меѓу научниците во целиот свет згаснаа. Во западните земји беше напуштено одгледувањето со мутации како посебна гранка на истражувањето. Речиси сите мутанти покажаа ‚негативни селективни вредности‘, односно изумреа или беа послаби од природните видови“. *

Сепак, податоците што се собрани сега, по околу 100 години истражување на полето на мутациите воопшто, и особено по 70 години одгледување со помош на мутации, им овозможуваат на научниците да дојдат до некои заклучоци во врска со способноста на мутациите да создадат нови видови. Откако ги испитал доказите, Лониг заклучил: „Мутациите не можат да променат еден вид [било растителен било животински] во сосема нов вид. Овој заклучок е во склад со сите искуства и резултати што се добиени од истражувањата на полето на мутациите во 20-тиот век собрани заедно, како и со законите на веројатноста. Така, законот на повторливи варијации укажува дека генетички прецизно дефинирани видови имаат граници што не можат да се поништат ниту да се отстранат со случајни мутации“.

Размисли што значи сево ова. Ако високо школувани научници не можат да создадат нови видови со помош на вештачки предизвикани и избрани поволни мутации, дали е веројатно еден процес во кој не е вклучена никаква интелигенција да заврши подобра работа? Ако истражувањето покажува дека мутациите не можат да променат еден вид во сосема нов вид, тогаш како точно се одвивала макроеволуцијата?

Дали природната селекција води до создавање нови видови?

Дарвин верувал дека она што го нарекол природна селекција ќе биде во корист на оние животни облици што се најпогодни за околината, додека понепогодните со текот на времето ќе изумрат. Денешните еволуционисти велат дека, како што видовите се ширеле и се изолирале, природната селекција ги избирала оние што, поради генетичките мутации што се случувале кај нив, биле најпогодни за нивната нова средина. Како резултат на тоа, еволуционистите претпоставуваат дека овие изолирани групи, со текот на времето, се развиле во сосема нови видови.

Како што забележавме претходно, доказите од истражувањата јасно покажуваат дека со помош на мутациите не можат да настанат сосема нови видови растенија или животни. Сепак, какви докази имаат еволуционистите за да го поткрепат тврдењето дека природната селекција избира корисни мутации за да се создадат нови видови? Во една брошура што во 1999 година ја издаде Државната академија на науките во Соединетите Држави, стои: „Еден особено убедлив пример на еволуција на нов биолошки вид се 13 видови зеби што ги изучувал Дарвин на Островите Галапагос, сега познати како зеби на Дарвин“.

Во 1970-тите, една група за истражување предводена од Питер и Розмари Грант почнале да ги изучуваат овие зеби и откриле дека, по една година суша, зебите што имале малку поголеми клунови полесно преживеале отколку оние со помали клунови. Бидејќи големината и обликот на клуновите е еден од главните начини да се одредат 13-те вида зеби, овие откритија се сметаа за многу значајни. Во брошурата понатаму стои: „Грантови проценија дека, ако на островите настапува суша на секои 10 години, нов вид зеби би можеле да се појават дури по отприлика 200 години“.

Меѓутоа, во истата брошура не се спомнуваат некои значајни, но непријатни факти. Во годините по сушата, бројот на зеби со помали клунови повторно се зголемил. Затоа, Питер Грант и дипломецот Лајл Гибс напишале во научното списание Nature во 1987 година дека увиделе „дека селекцијата оди во обратен правец“. Во 1991 година, Грант напишал дека „бројот на птици, подложни на природна селекција, осцилира горе-долу“ секогаш кога ќе се промени климата. Исто така, истражувачите забележале дека меѓу некои од различните „видови“ зеби доаѓало до парење и новото потомство преживувало полесно од родителите. Питер и Розмари Грант заклучиле дека, ако продолжи меѓусебното парење, за 200 години би можело да дојде до спојување на два „вида“ во само еден вид.

Во 1966 година, еволуционистичкиот биолог Џорџ Кристофер Вилијамс напишал: „Мислам дека е жалосно што теоријата за природна селекција најнапред настана како објаснување на еволутивните промени. Таа е многу поважна како објаснување за одржување со помош на адаптација“. Во 1999 година, еволуционистот Џефри Шварц напишал дека, ако се исправни заклучоците на Вилијамс, природната селекција можеби им помага на видовите да се адаптираат на променливите услови за опстанок, но таа „не создава ништо ново“.

Всушност, зебите на Дарвин не стануваат „ништо ново“. Тие си остануваат зеби. А тоа што меѓусебно се парат ги доведува во прашање методите што ги користат некои еволуционисти за да ги дефинираат видовите. Освен тоа, тие го изнесуваат фактот дека дури и угледните научни академии знаат да бидат пристрасни кога изнесуваат докази.

Дали фосилите се доказ за макроеволуциони промени?

Претходно споменатата брошура на Државната академија на науките му остава впечаток на читателот дека фосилите што ги пронашле научниците даваат повеќе од доволно докази за макроеволуцијата. Во оваа брошура се вели: „Толку меѓуоблици се откриени помеѓу рибите и водоземците, помеѓу водоземците и влекачите, помеѓу влекачите и цицачите, и кај потомците на приматите, што честопати е тешко прецизно да се открие кога настанува преод од еден во друг вид“.

Оваа изјава, дадена со толкава увереност, е за изненадување. Зошто? Во 2004 година, во National Geographic фосилните пронајдоци беа опишани како „филм за еволуцијата од кој 999 од секои 1.000 слики останаа на подот на просторијата за монтажа“. Дали секоја илјадита „слика“ што преостанува уверливо го докажува процесот на макроеволуција? Што точно покажуваат фосилите? Најлс Елдреџ, убеден еволуционист, признава дека фосилите покажуваат дека долги временски периоди „кај повеќето видови имало само мали или никакви еволуциони промени“.

До ден-денес, научниците во целиот свет откопале и каталогизирале околу 200 милиони големи фосили и милијарди микрофосили. Многу истражувачи се согласуваат дека овие обемни и детални откритија покажуваат дека сите главни групи животни се појавиле одеднаш и останале речиси непроменети, а многу видови исчезнале исто толку ненадејно како што се појавиле. Откако ги разгледува доказите што ги даваат фосилите, биологот Џонатан Велс пишува: „На ниво на царства, редови и класи, нема докази дека од заеднички предци се развило потомство со одредени промени. Судејќи според доказите што ги даваат фосилите и молекулите, тоа не е дури ниту добро потврдена теорија“.

Еволуцијата — факт или бајка?

Зошто многу угледни еволуционисти упорно тврдат дека макроеволуцијата е факт? Откако критикувал некои размислувања на Ричард Докинс, угледниот еволуционист Ричард Левонтин напишал дека многу научници се спремни да прифатат научни тврдења што се против здравиот разум „бидејќи имаме една првенствена обврска, обврската кон материјализмот“. * Многу научници одбиваат дури и да размислат за можноста дека постои интелигентен Творец бидејќи, како што пишува Левонтин, „не можеме да ја прифатиме дури ни идејата дека постои Бог“.

Во врска со ова, социологот Родни Старк е цитиран во Scientific American, каде што вели: „Веќе 200 години се пропагира идејата дека, ако сакаш да бидеш човек што се разбира од наука, мора да си го ослободиш умот од прангите на религијата“. Понатаму, тој вели дека на универзитетите за научни истражувања, „религиозните луѓе си молчат“, а „нерелигиозните ги дискриминираат религиозните“. Според Старк, „во повисоките кругови [на научниот свет] награден е оној што не верува во Бог“.

Ако го прифатиш како вистинито учењето за макроеволуција, мора да веруваш дека научниците што се агностици или атеисти нема да дозволат нивните лични верувања да влијаат врз нивното толкување на научните откритија. Мора да веруваш дека мутациите и природната селекција ги создале сите сложени облици на живот, и покрај тоа што по еден век истражувања, односно изучување на милијарди мутации, покажува дека со мутациите ниеден прецизно дефиниран вид не преминал во некој сосема нов вид. Мора да веруваш дека сите живи суштества постепено еволуирале од еден заеднички предок, иако фосилите јасно покажуваат дека главните видови растенија и животни се појавиле одеднаш и не еволуирале во некои други видови, дури ни во бескрајно долги временски периоди. Дали ти звучи дека ваквото верување се темели на факти, или на бајка?

[Фусноти]

^ пас. 3 Оние што одгледуваат кучиња можат селективно да ги парат животните за да добијат потомци со покуси нозе или подолго влакно отколку нивните предци. Меѓутоа, промените што можат да ги предизвикаат одгледувачите на кучиња честопати се резултат на аномалии во функцијата на гените. На пример, малиот раст на јазовичарот е резултат на прекин во нормалниот развој на ’рскавицата, што доведува до џуџест раст.

^ пас. 4 Иако во оваа статија често го користиме зборот „вид“, треба да се забележи дека овој збор во библиската книга Прва Мојсеева не се користи како научен израз и затоа не треба да се меша со зборот „вид“ што се користи во науката.

^ пас. 6 Види ја рамката „Како се класифицирани живите организми?“

^ пас. 11 Истражувањата покажуваат дека цитоплазмата, мембраната и другите составни делови на клетката исто така играат улога во обликувањето на еден организам.

^ пас. 13 Изјавите на Лониг што се дадени во оваа статија се лично негови и не го претставуваат мислењето на Институтот за истражување на одгледување растенија Макс Планк.

^ пас. 14 Експериментите со мутациите секогаш покажуваа дека има сѐ помалку нови мутанти, и дека постојано се појавуваат веќе добиените мутанти. Од оваа појава, Лониг дошол до „законот на повторливи варијации“. Освен тоа, само помалку од 1 отсто од мутациите кај растенијата биле избрани за натамошно истражување, а помалку од 1 отсто од нив беа погодни за комерцијална употреба. Резултатите од одгледувањето со мутации кај животните беа уште полоши отколку кај растенијата, и овој метод беше сосема отфрлен.

^ пас. 29 Материјализмот, во оваа смисла, се однесува на теоријата дека материјата е единствената или основна реалност, дека сѐ во универзумот, вклучувајќи го и сиот жив свет, настанало без интервенција од некое натприродно суштество.

[Истакната мисла на страница 15]

„Мутациите не можат да променат еден вид [било растителен било животински] во сосема нов вид“

[Истакната мисла на страница 16]

Во најмала рака, зебите на Дарвин покажуваат дека еден вид може да се адаптира на промените во климата

[Истакната мисла на страница 17]

Според фосилните докази, сите главни групи животни се појавиле одеднаш и останале речиси непроменети

[Табела на страница 14]

(Види во публикацијата)

КАКО СЕ КЛАСИФИЦИРАНИ ЖИВИТЕ ОРГАНИЗМИ

Организмите се класифицираат во групи што прогресивно растат, од одредени видови до царства. * На пример, да ја споредиме класификацијата на луѓето со класификацијата на овошните мушички што се наведени подолу.

ЛУЃЕ ОВОШНИ МУШИЧКИ

Вид сапиенс меланогастер

Род Хомо Дрозофила

Фамилија Хоминиди Дрозофилиди

Ред Примати Двокрилци

Класа Цицач Инсекти

Тип Хордови Членконоги

Царство Животинско Животинско

[Фуснота]

^ пас. 49 Забелешка: Во 1. поглавје од 1. Мојсеева се вели дека растенијата и животните требало да се размножуваат „според својот вид“ (1. Мојсеева 1:12, 21, 24, 25). Меѓутоа, зборот „вид“ што се наоѓа во Библијата не се користи како научен израз и не треба да се меша со зборот „вид“ што се користи во науката.

[Извор на слика]

Табелата се темели на книгата Икони на еволуцијата — наука или бајка? Зошто поголемиот дел од она што го учиме за еволуцијата е погрешно? (Icons of Evolution—Science or Myth? Why Much of What We Teach About Evolution Is Wrong), од Џонатан Велс

[Слики на страница 15]

Мутираната овошна мушичка (горе), иако е видоизменета, сепак е мушичка

[Извор на слика]

© Dr. Jeremy Burgess/Photo Researchers, Inc.

[Слики на страница 15]

Експериментите со мутациите кај растенијата секогаш покажуваа дека има сѐ помалку нови мутанти, и дека постојано се појавуваат веќе добиените мутанти (Прикажаниот мутант има поголеми цветови)

[Извор на слика на страница 13]

Од една фотографија на Mrs. J. M. Cameron/ U.S. National Archives photo

[Извор на слика на страница 16]

Глави на зеби: © Dr. Jeremy Burgess/ Photo Researchers, Inc.

[Извори на слики на страница 17]

Диносаурус: © Pat Canova/Index Stock Imagery; фосили: GOH CHAI HIN/AFP/Getty Images