Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Убавини скриени во мракот

Убавини скриени во мракот

Убавини скриени во мракот

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО СЛОВЕНИЈА

СО ЕДНА мала светилка в рака, Лука Чеч полека се пробива низ густата подземна темнина. Стигнува до една висока карпа длабоко под површината на земјата и ползејќи се искачува по неа. Трудот не му е залуден — на врвот од карпата го чека неверојатна глетка. Пред неговите очи се отвора еден треперлив, блескав свет. Што пронашол овој човек? Нов тунел во Постоинска Јама во Словенија.

Ова откритие во пролетта 1818 година го означило почетокот на туризмот во овој предел, кој во поново време доживува вистински процвет. Освен тоа, го отворило и патот за натамошна спелеологија, односно „научно изучување или истражување на пештерите“. Ако сакате одблизу да ги погледнете овие величествени пештери, придружете ни се во посетата на Постојна, гратче во западна Словенија.

Област полна со пештери

Со тунели и пештерски галерии што се протегаат во должина од над 20 километри, Постоинска Јама е една од најголемите пештери во Европа. Пештерите се наоѓаат во Словенија, во пределот наречен Крас, или Карст, кој всушност претставува варовничка висорамнина што се протега на околу 50 километри кон внатрешноста на копното од Јадранското Море, помеѓу Јулиските и Динарските Алпи. Пештерите во Постојна се само неколку од илјадниците во овој предел.

Денес зборот „карст“ има широко значење. Геолозите од целиот свет го користат за да го опишат земјиштето што е слично на она во пределот Крас. Карстни предели има во многу делови од светот како, на пример, во Австралија, Централна Америка, Кина, Индокина и Русија, а и на Карибите и во Средоземјето. Тие се карактеризираат со голо, карпесто земјиште во кое, под дејство на ерозија, се создале пештери, понори и подземни реки и езера.

Бидејќи во поголемиот дел на Словенија преовладува карстен предел, земјата изобилува со пештери и други подземни формации. Постоинска Јама е од истиот ранг на пештери како и познатата карстна Мамутска Пештера во Кентаки (САД), и пештерата Лу Ти Јен во Кујлин (Кина).

Поглед во пештерите

Првиот опис на Постоинска Јама го дал словенечкиот изучувач Јанез Вајкард Валвасор во 17 век, во својата книга The Glory of the Duchy of Carniola (Славата на војводината Крањска). Валвасор напишал дека во пештерите во таа област има „столбови со чудни облици“. Оставаат впечаток на „најразлични гадинки, змии и други животни . . . секакви облици на чудовишта, изобличени лица, сеништа и слично“. Тој додал: „Поради многуте тунели, јами и длабоки бездни на кои наидувате на секој чекор, уште повеќе ве фаќа страв и ужас“. Не е ни чудо што по читањето на ваквиот застрашувачки опис, малцина се обиделе да навлезат подлабоко во мистериозната темнина на овие пештери!

Сепак, со текот на времето Постоинска Јама станувала сѐ попопуларна. За нејзината популарност многу придонело откритието на Чеч во 1818. Веќе следната година, пештерите биле отворени за јавност. Но, дури откако била поставена железница во 1872 и откако била воведена електрична струја во 1884, мнозина можеле со свои очи да ги видат овие природни убавини. Што можеле да видат?

Денес Постоинска Јама е позната по своите прекрасни тунели. Поради живите бои и фантастичните облици на сталактитите и сталагмитите, тунелите во пештерите изгледаат како да се обложени со скапоцени камења. Некои светкаат како да се посипани со дијаманти, а други зрачат топли нијанси на окер и бронза. Натписите на ѕидовите сведочат дека и посетителите во минатите векови уживале во несекојдневната убавина на овие пештери.

Откриени се нови биолошки видови

Истражувањата на овие огромни пештерски јами откриле не само нови и необични геолошки формации туку и дотогаш непознати форми на живот. До денес, во Постоинска Јама се откриени десет нови видови на живи организми.

До едно такво откритие дошол и самиот Чеч во 1831, на голема радост на спелеолозите ширум светот. Тој открил една необична пештерска бубачка, која ја нарекол Leptodirus hohenwarti, што значи „тенковратник“. Како што се гледа и од самото име, оваа бубачка има тенко вратче. Исто така има и малечко главче, надуено стомаче и необично долги пипки и нозе. За жал, првиот примерок што бил пронајден случајно бил оштетен, и така не било возможно подобро да се проучи сѐ додека не бил најден уште еден таков инсект по цели 14 години.

Едно друго необично суштество што било пронајдено во оваа област е човечката рипка — еден слеп дождовник. Уште во 1689 година Валвасор зборува за неа како за ‚потомок на змејот‘. Овој малечок водоземец бил предмет на бројни научни студии.

Соседните пештери

Постоинска Јама е само една од многуте поврзани пештери во овој предел. Вредна за споменување е и блиската Шкоцијанска Пештера, која од 1986 се наоѓа на списокот на светско наследство на УНЕСКО. Огромните пештерски сали и длабоките кањони ги оставаат посетителите без здив. За овие пештери се вели дека се најголеми во Европа. На пример, една од нив е долга 300 метри, широка 100 метри и висока 110 метри!

Влезот на пештерата Предјама го штити една голема тврдина, која во минатото била дом на легендарниот витез Еразем Јамски. Се тврди дека овој замок со векови им одолевал на напаѓачите. Неговите жители можеле да добијат сѐ што им било потребно за живот преку тајните подземни тунели што воделе од замокот до пештерата под него. Се вели дека Еразем им се потсмевал на напаѓачите така што им фрлал свежи цреши и печено месо, како доказ дека ништо не му недостасува и покрај тоа што замокот бил под опсада. Иако не може со сигурност да се каже дали оваа приказна е вистинита или не, тајните тунели навистина постојат.

Може да биде многу возбудливо да се истражува фасцинантниот свет на пештери во овој карстен предел. Во врска со Постоинска Јама, светски познатиот вајар Хенри Мур го дал следниов опис: „Ова е најубавата изложба на вајарски дела на природата што сум ја видел со свои очи“. Доколку имате прилика да ја посетите, најверојатно и Вие ќе се согласите со него.

[Рамка/слика на страница 24]

„Човечката рипка“

Proteus anguinus меѓу локалните жители е позната како човечка рипка поради необичната боја на нејзината кожа која потсетува на човечката кожа. Овој р‘бетен водоземец го има само во подземните води во карстната област на североисточна Италија, Словенија и малку појужно. Неговата безбојна кожа и закржлавени очи не му претставуваат тешкотија, бидејќи живее во потполн мрак од јајце па до смрт. Зачудувачки е тоа што некои од овие рипки наводно живееле и до 100 години, а можат да преживеат без храна дури и по неколку години.

[Извор на слика]

Arne Hodalic/www.ipak.org

[Слики на страница 24]

1. Една јама во Шкоцијанска Пештера е длабока 110 метри

2. Оваа тврдина го чува влезот на пештерата Предјама

3. Постоинска Јама е позната во целиот свет

[Извор на слика на страница 23]

Arne Hodalic/www.ipak.org