Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Во стапицата на брак без љубов

Во стапицата на брак без љубов

Во стапицата на брак без љубов

„Во општество каде што има висока стапка на развод, не само што повеќе несреќни бракови завршуваат со развод туку и повеќе бракови стануваат несреќни“ (СЕМЕЈНИОТ СОВЕТ НА АМЕРИКА).

СЕ ВЕЛИ дека голем дел од радоста и голем дел од бедата во животот доаѓаат од ист извор — од бракот. Навистина, малку работи во животот можат да предизвикаат толкав восхит — или толкава болка. Како што покажува придружната рамка, многу двојки повеќе припаѓаат во втората група.

Но, статистиките за развод откриваат само дел од проблемот. На секој брак што потонува, безброј други остануваат на површината, но заглавени се во застоени води. „Некогаш бевме среќно семејство, но последниве 12 години беа ужасни“, се доверила една жена која е во брак повеќе од 30 години. „Мојот сопруг не е заинтересиран за моите чувства. Тој навистина ми е најголем емоционален непријател.“ На сличен начин, еден човек кој е сопруг речиси 25 години, се жалел: „Мојата сопруга ми рече дека повеќе не ме сака. Таа вели дека, ако можеме да живееме само како цимери и секој да си оди по свој пат во слободното време, тогаш ситуацијата ќе може да биде поднослива“.

Се разбира, кога ќе се најдат во таква критична ситуација, некои го раскинуваат својот брак. Меѓутоа, за многумина разводот не доаѓа предвид. Зошто? Според д-р Карен Кајзер, некои фактори како што се децата, срамот од другите луѓе, финансиите, пријателите, роднините и религиозните верувања можат да одржат една двојка да биде заедно, па дури и ако меѓу нив нема љубов. „Наместо законски да се разведат“, вели таа, „овие сопружници одлучуваат да останат со партнерот од кого емоционално се развеле.“

Мора ли една брачна двојка чии меѓусебни односи се оладени да се помири со живот исполнет со незадоволство? Дали бракот без љубов е единствената алтернатива на разводот? Искуството докажува дека многу бракови кои се во неволја можат да се спасат — не само од агонијата на раскинувањето туку и од бедата на меѓусебниот однос во кој не владее љубов.

[Рамка на страница 3]

РАЗВОДОТ ВО СВЕТОТ

Австралија: Стапката на развод е речиси четири пати повисока во однос на раните 1960-ти.

Британија: Се прогнозира дека од секои 10 бракови, 4 ќе завршат со развод.

Канада и Јапонија: Се разведуваат околу една третина од браковите.

Соединетите Држави: Од 1970, двојките кои стапуваат во брак имаат само 50% шанси да останат заедно.

Зимбабве: Со развод завршуваат 2 од секои 5 бракови.