Цени ја Божјата лојалност и спремност да прости

Цени ја Божјата лојалност и спремност да прости

„Ти, Јехова, си добар и спремен да простиш, голема е твојата милост кон сите што те повикуваат“ (ПС. 86:5)

1, 2. а) Зошто ги цениме пријателите кои се лојални и спремни да простат? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

ШТО е вистински пријател? „Според мене, вистински пријател е оној што секогаш е спремен да ти помогне и што ти простува кога ќе згрешиш“, вели една христијанка по име Ешли. Сите ние ги цениме пријателите кои се лојални и спремни да простат. Таквите пријатели нѐ сакаат и ни влеваат чувство на сигурност (Изр. 17:17).

2 Јехова е најлојалниот Пријател кој би можеле да го имаме, и тој е спремен да прости. Во врска со него, псалмистот рекол: „Ти, Јехова, си добар и спремен да простиш, голема е твојата милост [„лојална љубов“, фус.] кон сите што те повикуваат“ (Пс. 86:5). Што значи некој да биде лојален и спремен да прости? Како Јехова ги покажува овие прекрасни особини? И како може да го следиме неговиот пример? Одговорите на овие прашања ќе ни помогнат уште повеќе да ја продлабочиме својата љубов кон нашиот најдобар пријател, Јехова. Освен тоа, ќе ни помогнат да бидеме уште поблиски пријатели еден со друг (1. Јов. 4:7, 8).

ЈЕХОВА Е ЛОЈАЛЕН

3. Што значи некој да биде лојален?

3 Лојалноста е прекрасна особина која вклучува оддаденост, верност и непоколеблива приврзаност. Оној што е лојален не е непостојан. Напротив, тој со љубов се приврзува кон некого (или нешто), и не го напушта дури и кога ќе се најде во тешки околности. Јехова е највозвишениот пример за лојалност (Отк. 16:5).

4, 5. а) Како Јехова покажува дека е лојален? б) Зошто сме охрабрени кога размислуваме за лојалноста што ја покажува Бог?

4 Како Јехова покажува дека е лојален? Тој никогаш не ги напушта своите верни слуги. Еден таков слуга бил цар Давид, кој го фалел Јехова поради Неговата лојалност. (Прочитај Псалм 18:25.) Кога доживувал неволји, Јехова го водел, го штител и го избавувал (2. Сам. 22:1). Давид знаел дека Јехова не е лојален само на збор туку и на дело. Зошто Бог постапувал на ваков начин со овој цар? Бидејќи самиот Давид бил лојален. Јехова многу ги сака своите слуги затоа што му се верни, и постапува лојално со нив (Изр. 2:6-8).

5 Охрабрени сме кога размислуваме за лојалноста што Јехова ја покажува кон своите слуги. „Многу ми помага тоа што читам како Јехова постапувал со Давид во тешките периоди од неговиот живот“, вели еден верен брат кој се вика Рид. „Дури и кога Давид морал да бега и да се крие по пештери, Јехова секогаш се грижел за него. Тоа многу ме зајакнува! Ме потсетува дека, без оглед на околностите и без оглед на тоа колку некоја ситуација може да изгледа мачна и безизлезна, Јехова ќе биде покрај мене ако му останам лојален“. Сигурно и ти имаш слични чувства (Рим. 8:38, 39).

6. На кои други начини Јехова покажува лојалност, и како тоа им користи на неговите слуги?

6 Јехова покажува дека е лојален и со тоа што цврсто се држи за своите мерила. Тој нѐ уверува: „И до вашата старост јас ќе бидам истиот“ (Иса. 46:4). Јехова секогаш донесува одлуки на темел на своите непроменливи мерила за добро и зло (Мал. 3:6). Тој покажува лојалност и со тоа што секогаш ги исполнува своите ветувања (Иса. 55:11). Значи, лојалноста на Јехова им користи на сите негови верни слуги. Во кој поглед? Кога даваме сѐ од себе за да се држиме за неговите мерила, можеме да бидеме сигурни дека тој ќе нѐ благослови, токму како што ветил (Иса. 48:17, 18).

БИДИ ЛОЈАЛЕН КАКО ЈЕХОВА

7. На кој начин би можеле да бидеме лојални како Јехова?

 7 Како би можеле да бидеме лојални како Јехова? Еден начин е така што ќе им помагаме на оние кои се наоѓаат во тешки околности (Изр. 3:27). На пример, дали познаваш некој соверник кој е разочаран затоа што можеби има здравствени проблеми, се соочува со противење од семејството или, пак, се бори со некои лични слабости? Ако да, би можел ли да се потрудиш да го охрабриш со ‚пријатни и утешни зборови‘? (Зах. 1:13). * На тој начин ќе покажеш дека си лојален и вистински пријател, кој е ‚поприврзан од брат‘ (Изр. 18:24).

8. На кои други начини можеме да бидеме лојални како Јехова?

8 Можеме да бидеме лојални како Јехова и со тоа што ќе им бидеме верни на оние што ги сакаме. На пример, ако сме во брак, знаеме дека мора да му останеме верни на брачниот другар (Изр. 5:15-18). Затоа не го правиме ни првиот чекор што на крајот би можел да води до прељуба (Мат. 5:28). Освен тоа, покажуваме дека сме лојални кон нашите соверници така што не ги озборуваме и не ги клеветиме, па дури и одбиваме да слушаме кога некој сака да зборува лошо за нив (Изр. 12:18).

9, 10. а) На кого особено сакаме да му бидеме лојални? б) Зошто не е секогаш лесно да ги слушаме Јеховините заповеди?

9 Пред сѐ, сакаме да му останеме лојални на Јехова. Како? Така што ќе се трудиме да гледаме на работите како што гледа тој — да го сакаме она што тој го сака и да го мразиме она што тој го мрази — и да се однесуваме во склад со тоа. (Прочитај Псалм 97:10.) Колку повеќе ги усогласуваме своите мисли и чувства со Божјите, толку поспремни ќе бидеме да ги слушаме неговите заповеди (Пс. 119:104).

10 Се разбира, не е секогаш лесно да им бидеме послушни на Јеховините заповеди. Мора да се трудиме да останеме лојални. На пример, некоја немажена сестра можеби сака да се омажи, но сѐ уште не нашла некој брат кој би бил добар сопруг за неа (1. Кор. 7:39). Можеби колегите на работа, кои не се Сведоци, се обидуваат секогаш одново да ја запознаат со некого со кого би можела да стапи во врска. Иако сестрата се чувствува осамено, сепак е решена да му остане верна на Јехова и да не стапи во брак со некој што не е Божји слуга. Христијаните кои постапуваат како оваа сестра се прекрасни примери за лојалност. Јехова сигурно ќе ги награди сите што му остануваат верни и покрај тешкотиите (Евр. 11:6).

ЈЕХОВА Е СПРЕМЕН ДА ПРОСТИ

11. Што значи некој да биде спремен да прости?

11 Една од најубавите особини на Јехова е неговата спремност да прости. Оној што е спремен да прости одлучува да премине преку нечија навреда или престап доколку тоа лице навистина се кае. Но, тоа не значи дека му прогледува низ прсти или дека ја намалува сериозноста на она што се случило. Напротив, тој свесно избира да не држи лутина. Библијата вели дека Јехова е ‚спремен да им прости‘ на оние што покажуваат дека искрено се каат (Пс. 86:5).

12. а) Како Јехова покажува дека е спремен да прости? б) Во која смисла Бог може да ги ‚избрише‘ нашите гревови?

12 Како Јехова покажува спремност да прости? Тој простува „великодушно“, односно простува потполно и трајно (Иса. 55:7). Од каде знаеме дека Јехова простува потполно? Размисли за уверувањето што ни го дал во Дела 3:19. (Прочитај.) Апостол Петар ги поттикнал оние што го слушале ‚да се покаат и да се обратат‘. Оној што искрено се кае длабоко жали за гревот што го направил и решен е да не го повтори (2. Кор. 7:10, 11). Освен тоа, вистинското каење го поттикнува ‚да се обрати‘, односно да престане да греши и да почне да прави сѐ што може за да му угоди на Бог. Петар им рекол на Израелците што го слушале дека, ако вистински се покаат, нивните гревови ќе бидат „избришани“. Според тоа, кога простува, Јехова ги брише гревовите како никогаш да не биле направени. Неговото простување е потполно (Евр. 10:22; 1. Јов. 1:7).

13. Што учиме за Јехова од зборовите: „Повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев“?

13 Од каде знаеме дека Јехова простува трајно? Размисли за пророштвото што го дал Еремија во врска со новиот сојуз кој бил склучен со помазаните христијани. Благодарение на тој сојуз Јехова вистински ќе им прости на сите што покажуваат вера во откупнината. (Прочитај Еремија 31:34.) Тој вели: „Ќе им го простам нивниот престап и повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев“. Според тоа, Јехова нѐ уверува дека, штом еднаш ќе ни прости нешто, во иднина нема да презема никакви чекори против нас за тие гревови. Тој не се навраќа на нашите гревови со цел да нѐ обвинува или секогаш одново да нѐ казнува поради нив. Напротив, повеќе не ги спомнува и ги простува трајно (Рим. 4:7, 8).

14. Зошто е утешно да размислуваме за тоа колку Јехова е спремен да прости? Наведи пример.

14 Утешно е да размислуваме за Јеховината спремност да прости. Да го разгледаме примерот на една сестра која била исклучена, и по неколку години повторно била примена во собранието. Таа вели: „Иако си кажував себеси и на другите оти верувам дека Јехова ми прости, секогаш имав чувство дека тие се поблиски со него и дека им е пореален отколку мене“. Но, нашла утеха кога размислувала за некои библиски споредби во кои е опишана спремноста на Јехова да прости. „Ја почувствував Јеховината љубов и грижа како никогаш порано“, вели таа. Особено ја допрела до срце следнава мисла: „Кога Јехова ги простува нашите гревови, не треба да мислиме дека до крајот на животот ќе носиме дамка од нив“. * Таа вели: „Сфатив дека, всушност, не верував дека Јехова може потполно да ми прости, и мислев дека ќе морам да го носам тој товар до крајот на мојот живот. Знам дека ќе треба време, но веќе чувствувам дека станувам поблиска со Јехова, и тој товар сѐ помалку ме притиска“. Колку е убаво што му служиме на еден таков грижлив и милостив Бог! (Пс. 103:9).

СПРЕМНО ПРОСТУВАЈ КАКО ШТО ПРОСТУВА ЈЕХОВА

15. Како би можеле спремно да простуваме како што простува Јехова?

15 Можеме да го следиме примерот на Јехова така што спремно ќе си простуваме еден на друг секогаш кога има основа за тоа. (Прочитај Лука 17:3, 4.) Сети се дека, кога Јехова ги простува нашите гревови, тој ги заборава во таа смисла што никогаш повеќе не нѐ повикува на одговорност за нив. На сличен начин, кога ние им простуваме на другите, нема да размислуваме постојано за она што ни го направиле и нема повторно да им ги спомнуваме грешките во иднина.

16. а) Дали тоа што спремно им простуваме на другите значи дека замижуваме пред нивните грешки или дека им дозволуваме да си играат со нас? Објасни. б) Што треба да правиме за Јехова да ни прости нам?

 16 Кога спремно им простуваме на другите, тоа не значи дека замижуваме пред нивните грешки или дека им дозволуваме да си играат со нас. Напротив, свесно одлучуваме да не бидеме огорчени на нив. Важно е да не заборавиме дека, ако сакаме Јехова да ни прости, мора и ние спремно да им простуваме на другите како што простува тој (Мат. 6:14, 15). Бидејќи е сочувствителен, Бог „си спомнува дека сме прав“ (Пс. 103:14). Тогаш, зарем не треба сочувството да нѐ поттикне и нас да преминуваме преку грешките и слабостите на другите, и да им простуваме великодушно и од срце? (Еф. 4:32; Кол. 3:13).

17. Што ќе ни помогне ако некој соверник нѐ повредил?

 17 Се разбира, не е секогаш лесно да се простува. Дури и на некои помазани христијани во првиот век очигледно им било тешко да ги решаваат меѓусебните несогласувања (Фил. 4:2). Што може да ни помогне ако некој соверник нѐ повредил? Размисли за Јов. Тој бил многу повреден кога неговите „пријатели“ — Елифаз, Вилдад и Софар — го опсипале со неосновани обвиненија (Јов 10:1; 19:2). На крајот, Јехова ги укорил овие лажни обвинители. Бог им заповедал да појдат кај Јов и да принесат жртва за своите гревови (Јов 42:7-9). Но, Јехова барал и самиот Јов да направи нешто. Тој му заповедал да се моли за нив. Јов постапил како што барал Јехова, и Јехова го благословил затоа што спремно им простил на оние што го обвинувале. (Прочитај Јов 42:10, 12, 16, 17.) Која е поуката за нас? Ако искрено се молиме за некој што ни згрешил, тоа може да ни помогне да не бидеме огорчени на него.

ПРОДОЛЖИ ДА ГО ПРОДЛАБОЧУВАШ СВОЕТО ЦЕНЕЊЕ ЗА ЈЕХОВИНИТЕ ОСОБИНИ

18, 19. Како можеме да го продлабочуваме своето ценење за Јеховините прекрасни особини?

18 Навистина се чувствуваме духовно зајакнати откако ги разгледавме овие прекрасни особини на Јехова. Видовме дека тој е пристаплив, непристрасен, великодушен, разумен, лојален и спремен да прости. Се разбира, можеме да учиме уште многу за неговите особини. Всушност, во сета вечност ќе можеме со радост да учиме за него (Проп. 3:11). Во потполност се согласуваме со апостол Павле, кој рекол: „О длабочино на Божјето богатство, мудрост и знаење!“ Исто толку голем восхит кај нас предизвикуваат и Божјите особини што ги разгледавме во овие статии (Рим. 11:33).

19 Да продолжиме да го продлабочуваме своето ценење за Јеховините возвишени особини. Ќе можеме да го правиме тоа ако и понатаму ги проучуваме, ако размислуваме за нив и ако се трудиме да ги покажуваме во својот живот (Еф. 5:1). Така нашата љубов кон Јехова ќе расте и ќе бидеме сѐ поблиски со него. Ќе се чувствуваме како псалмистот, кој рекол: „Мене ми е добро да бидам близу до Бог“ (Пс. 73:28).

^ пас. 7 Корисни предлози во врска со ова можеш да најдеш во статијата „Си охрабрил ли некого во последно време?“ во Стражарска кула од 15 јануари 1995, и во статијата „Да се поттикнуваме кон љубов и добри дела — како?“ во Стражарска кула од 1 април 1995.