Практикувај побожна оддаденост дома
Поглавје седумнаесет
Практикувај побожна оддаденост дома
1. Како влијаело врз браковите применувањето на водството од Божјата реч?
ЈЕХОВА е Основачот на бракот, и неговата Реч го дава најдоброто водство за семејствата. Како резултат на применувањето на тоа водство, многу луѓе изградиле успешни бракови. Пофално е тоа што некои, кои само живееле заедно, биле поттикнати законски да го регистрираат својот брак. Други прекинале со вонбрачни врски. Насилни мажи, кои ги малтретирале своите сопруги и деца, научиле да покажуваат љубезност и нежност.
2. Што е вклучено во христијанскиот семеен живот?
2 Христијанскиот семеен живот вклучува многу работи како, на пример, како гледаме на трајноста на бракот, што правиме за да ја исполниме својата одговорност во семејството и како постапуваме со членовите на семејството (Ефешаните 5:33—6:4). Иако можеби знаеме што вели Библијата за семејниот живот, сосем друга работа е да се применува библискиот совет. Никој од нас не сака да биде како оние што Исус ги осудил поради престапување на Божјите заповеди. Тие лажно резонирале дека религиозната побожност е доволна самата по себе (Матеј 15:4—9). Не сакаме да имаме облик на побожна оддаденост а да пропуштиме да ја практикуваме во своето сопствено домаќинство. Наместо тоа, сакаме да покажуваме вистинска побожна оддаденост, која е „средство за голема добивка“ (1. Тимотеј 5:4; 6:6; 2. Тимотеј 3:5)
Колку долго ќе трае бракот?
3. а) Што се случува со многу бракови, но на што треба да бидеме решени? б) Со помош на твојата Библија, одговори на прашањата наведени под овој пасус.
3 Сѐ почесто, брачните врски се покажуваат кревки. Некои двојки што биле заедно со години, одлучуваат да се разведат и да се венчаат со некој друг. Исто така, повеќе не е необично да се чуе дека млади двојки се разделиле откако биле венчани само кратко време. Без разлика што прават другите, ние треба да сакаме да му угодиме на Јехова. Па, да ги разгледаме следните прашања и стихови за да видиме што вели Божјата реч за трајноста на бракот.
Кога маж и жена ќе се венчаат, колку долго треба да очекуваат дека ќе останат заедно? (Марко 10:6—9; Римјаните 7:2, 3)
Која е единствената основа за развод со можност за повторно венчавање што е важечко пред Бог? (Матеј 5:31, 32; 19:3—9)
Што мисли Јехова за разводите кои не се дозволени според неговата Реч? (Малахија 2:13—16)
Дали Библијата застапува одвојување како средство за решавање на брачните проблеми? (1. Коринќаните 7:10—13)
Под кои околности одвојувањето може да е оправдано? (Псалм 11:5; Лука 4:8; 1. Тимотеј 5:8)
4. Зошто некои бракови опстојуваат?
4 Некои бракови се успешни, трајни. Зошто? Еден фактор е што двете страни чекаат додека не созреат, но исто така е важно и да најдеш партнер кој ги дели твоите интереси и со кого можеш отворено да дискутираш за работите. Сепак, од поголема важност е да најдеш брачен партнер кој го љуби Јехова и кој ја почитува неговата Реч како основа за решавање на проблемите (Псалм 119:97, 104; 2. Тимотеј 3:16, 17). Таквото лице нема да го има ставот дека, ако работите не одат добро, ќе може во секое време да добие одвојување или развод. Тој нема да ги користи недостатоците на својот партнер како оправдување да ги избегне своите одговорности. Наместо тоа, ќе се соочи со проблемите и ќе најде изводливи решенија.
5. а) Каква улога игра лојалноста кон Јехова во бракот? б) Какви користи може да произлезат од придржувањето кон Јеховините мерила дури и кога ќе се наиде на противење?
5 Сатана тврди дека ако страдаме, ќе ги отфрлиме Јеховините патишта (Јов 2:4, 5; Пословици 27:11). Меѓутоа, поголемиот дел од Јеховините сведоци кои страдале поради тоа што имаат партнер кој е противник, не се откажале од својот брачен завет. Тие и понатаму му се лојални на Јехова и на неговите заповеди (Матеј 5:37). Некои што истрајале, ја доживеале радоста нивниот партнер да им се придружи во служењето на Јехова — дури и после многу години противење! (1. Петрово 3:1, 2). Што се однесува до други христијани чии партнери не покажуваат знаци на промена или, пак, ги отфрлиле поради тоа што му служат на Јехова, и тие исто така знаат дека ќе бидат благословени поради тоа што даваат доказ за побожна оддаденост во домот (Псалм 55:22; 145:16).
Секој да го стори својот дел
6. За да се има успешен брак, која подготовка мора да се почитува?
6 Се разбира, за да се има успешен брак потребно е повеќе отколку само да се остане заедно. Една основна потреба е секој од партнерите да ја почитува Јеховината подготовка за поглаварство. Ова придонесува за добар ред и чувство на сигурност во домот. Во 1. Коринќаните 11:3 читаме: „Глава на секој маж е Христос; а глава на жена е мажот; а глава на Христос е Бог“.
7. Како треба да се спроведува поглаварството во семејството?
7 Дали забележа што спомнува овој стих како прво? Да, секој маж има Глава, Христос, кому тој мора да му се подложи. Ова значи дека сопругот треба да спроведува поглаварство на начин што ги одразува особините на Исус. Исус му се подложува на Јехова, длабоко го љуби собранието и се грижи за него (1. Тимотеј 3:15). Тој дури ‚се дал себеси за него‘. Исус не е горделив и безобѕирен, туку „со благ нарав и понизен во срце“. Оние што доаѓаат под негово поглаварство ‚наоѓаат освежување за своите души‘. Кога сопругот постапува со своето семејство на ваков начин, тој покажува дека и самиот му се подложува на Христос. Тогаш за христијанските сопруги треба да е корисно и освежувачко да соработуваат и да му се подложуваат на поглаварството на своите сопрузи (Ефешаните 5:25—33; Матеј 11:28, 29; Пословици 31:10, 28).
8. а) Зошто може да се чини дека во некои домови христијанските методи не доведуваат до саканите резултати? б) Што треба да правиме ако сме соочени со таква ситуација?
8 Меѓутоа, ќе се појават проблеми. Можеби некои во семејството веќе имале длабоко всадена одбивност кон тоа некој друг да им каже нешто, уште пред да почне некој во семејството да ги применува библиските начела. Љубезните молби и постапувањето со љубов можеби не донеле резултати. Знаеме дека Библијата вели да отстраниме „злобна горчина и лутина и викање и навредлив говор“ (Ефешаните 4:31). Но, што да се прави ако се чини дека некои не умеат ништо друго? Па, Исус не ги имитирал оние што се заканувале и навредувале, туку се ослонувал на својот Татко (1. Петрово 2:22, 23). Затоа, кога во домот ќе се појават искушувачки ситуации, дај доказ за побожна оддаденост со тоа што ќе го молиш Јехова за помош, наместо да постапуваш онака како што е вообичаено во светот (Пословици 3:5—7).
9. Наместо да наоѓаат грешки, што научиле да прават многу христијански сопрузи?
9 Промените не доаѓаат секогаш брзо, меѓутоа библискиот совет навистина е делотворен кога се применува стрпливо и марливо. Многу сопрузи увиделе дека бракот почнал да се подобрува откако сфатиле на кој начин Христос постапува со собранието. Тоа собрание не е составено од совршени луѓе. Па сепак, Исус го љуби, му дава исправен пример и го користи Писмото за да му помогне да се подобри. Тој го дал и својот живот за него (1. Петрово 2:21). Неговиот пример охрабрил многу христијански сопрузи да спроведуваат добро поглаварство и да нудат љубезна помош за да се подобрат нивните бракови. Ова дава многу подобри резултати отколку да се наоѓаат грешки или да се одбие да се зборува.
10. а) На кои начини би можел сопругот или сопругата — дури и ако тврди дека е христијанин — да им го отежнува животот на другите во домот? б) Што би можело да се стори за да се подобри ситуацијата?
10 Што ако сопругот не е осетлив на емоционалните потреби на своето семејство или не презема иницијатива да организира семејна дискусија за Библијата или некои други активности? Или, што ако сопругата не соработува и не покажува побожна подложност? Некои постигнале добри резултати со тоа што во врска со проблемите воделе семејни дискусии полни со почит (1. Мојсеева 21:10—12; Пословици 15:22). Но, дури и ако резултатите воопшто не се онакви какви што сме се надевале, секој може да придонесе за подобрување на семејната атмосфера со тоа што ќе ги покажува плодовите на Божјиот дух во својот живот, имајќи обѕирност полна со љубов кон другите членови на семејството (Галатите 5:22, 23). Напредокот ќе дојде не ако чекаме другиот да стори нешто, туку ако ние го сториме својот дел, покажувајќи на тој начин дека практикуваме побожна оддаденост (Колошаните 3:18—21).
Каде да се најдат одговори
11, 12. Што дава Јехова за да ни помогне да го направиме семејниот живот успешен?
11 Постојат многу извори кон кои луѓето се свртуваат за совет во врска со своите семејни работи. Но, ние знаеме дека Божјата реч го содржи најдобриот совет, и сме благодарни што преку својата видлива организација Бог ни помага да ја применуваме. Дали извлекуваш целосна корист од таа помош? (Псалм 119:129, 130; Михеј 4:2).
12 Освен присуствувањето на собраниските состаноци, дали си одвоил редовни термини за семејно проучување на Библијата? Семејствата што го прават тоа, можат да бидат обединети во своето обожавање. Нивниот семеен живот станува побогат додека ја применуваат Божјата реч во нивните лични околности (Второзаконие 11:18—21).
13. а) Ако имаме прашања околу семејните работи, каде можеме честопати да ја најдеме потребната помош? б) Што треба да одразуваат сите одлуки што ги донесуваме?
13 Можеби имате прашања околу семејните работи. На пример, што е со контролата на раѓањето? Дали абортусот е оправдан во некои случаи? Ако детето покажува слаб интерес за духовни работи, до која мера може да се бара од него да учествува во семејното обожавање? Многу такви прашања биле дискутирани во литературата издадена од Јеховините сведоци. За да ги најдете одговорите, научете да ги користите помагалата за проучување на Библијата, вклучувајќи ги и индексите. Ако ги немате публикациите на кои упатува некој индекс, проверете во библиотеката во Салата на Царството. Или, можеби имате пристап до овие публикации преку вашиот компјутер. За вашите прашања можете да дискутирате и со зрели христијански мажи и жени. Но немојте секогаш да очекувате одговорот на секое прашање да биде да или не. Честопати, вие морате да одлучите, како поединци или како брачна двојка. Потоа донесете одлуки што покажуваат дека практикувате побожна оддаденост не само јавно туку и дома (Римјаните 14:19; Ефешаните 5:10).
Дискусија за повторување
• На кој начин лојалноста кон Јехова е вклучена во верноста кон својот брачен другар?
• Кога сме под притисок поради семејни проблеми, што ќе ни помогне да го правиме она што му е угодно на Бог?
• Дури и кога другите во семејството прават пропусти, што можеме ние да сториме за да ја подобриме ситуацијата?
[Прашања]
[Слика на страница 155]
Сопругот како поглавар треба да ги одразува особините на Исус
[Слика на страница 157]
Редовното проучување на Библијата со семејството помага тоа да се обедини