Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали е од посебно значење тоа што во Библијата се спомнува дека апостол Петар бил сместен кај некој кожар пред да појде кај Корнелиј?

Извештајот од книгата Дела ни открива дека Петар останал „долго време во Јопа кај еден кожар Симон“, кој имал „куќа покрај морето“ (Дела 9:43; 10:6). Во очите на Евреите, работата на кожарите била нечиста и понижувачка. Според Талмудот, на кожарите се гледало со многу поголемо потценување отколку на оние што собирале измет од стока. Поради тоа што бил кожар, Симон постојано бил во допир со мрши на животни, што значи дека според законот постојано бил нечист (3. Мојсеева 5:2; 11:39). Како што се дознава од различни дела напишани на оваа тема, изгледа дека Симон користел морска вода додека ги штавел кожите. Неговата работилница била надвор од градот веројатно затоа што при штавењето се ширела одвратна смрдеа.

И покрај тоа, на Петар очигледно не му пречело да биде сместен кај Симон. Ова покажува дека расчистил со раширените предрасуди што Евреите ги имале кон луѓето кои биле сметани за нечисти — предрасуди кои претходно ги осудил и самиот Исус (Матеј 9:11; Лука 7:36-50).

Што сакал да каже Исус со зборовите „ти самиот го рече тоа“?

Кога еврејскиот првосвештеник Кајафа отворено го прашал Исус дали е Христос, Божјиот Син, тој одговорил: „Ти самиот го рече тоа“ (Матеј 26:63, 64). Што сакал да каже со тие зборови?

Исус не сакал да одбегне да одговори на прашањето што му го поставил Кајафа. Изразот „ти самиот го рече тоа“ веројатно бил вообичаен еврејски идиом со кој се потврдувала точноста на некоја изјава. На пример, во ерусалимскиот Талмуд, еврејско религиозно дело составено во 4 век од н.е., се зборува за некој Евреин што, кога го прашале дали некој рабин умрел, одговорил: „Ти го рече тоа“. Овие зборови биле сфатени како потврда дека рабинот навистина умрел.

Исус добро знаел дека првосвештеникот имал право да го испрашува за да ја дознае вистината. Всушност, тоа што ќе молчел можело да се сфати како одрекување дека е Христос. Значи, кога Исус рекол „ти самиот го рече тоа“, му дал потврден одговор на првосвештеникот. Според паралелниот извештај што го напишал Марко, кога Кајафа отворено го прашал Исус дали тој е Месијата, Исус храбро одговорил: „Да, јас сум“ (Марко 14:62; види и Матеј 26:25 и Марко 15:2).

[Слика на страница 18]

Кожарница во фес (Мароко)