Што значи за тебе Мојсеевиот Закон?

Што значи за тебе Мојсеевиот Закон?

Глава 19

Што значи за тебе Мојсеевиот Закон?

1. а) Што покажува дека, почнувајќи од 36. н. е., необрежаните луѓе од Народите биле прифатливи за Јехова како христијани? б) Но, кој став го поддржувале некои рани христијани?

 ЕДНО прашање по кое се воделе жешки расправи во времето на апостол Павле било: дали паганските христијани биле обврзани да постапуваат согласно со барањата на Мојсеевиот Закон. Вистина е дека во 36. н. е. светиот дух дошол на необрежаните луѓе од Народите. Но, некои христијани од еврејско потекло го поддржувале ставот дека учениците од Народите треба да бидат обрежани и научени да го држат Мојсеевиот Закон. Дали воопшто било неопходно да го држат тој Закон или можеби дел од него? Околу 49. н. е., прашањето било упатено до водечкото тело во Ерусалим (Дела 10:44-48; 15:1, 2, 5).

2. Зошто ова спорно прашање би требало да нѐ интересира?

2 Исходот е од посебен интерес за нас. Зошто? Не само затоа што повремено среќаваме луѓе кои тврдат дека христијаните мораат да постапуваат согласно со извесни барања на Законот, како што е држењето на Сабат, туку и затоа што самата Библија вели дека „Законот е свет, и заповедта света, справедлива и добра“ (Рим. 7:12). Иако се осврнуваме како на Мојсеев Закон, бидејќи Мојсеј бил посредникот на Сојузот на Законот, тој Законски зборник всушност потекнувал од Јехова Бог (2. Мој. 24:3, 8).

За што служел Законот?

3. Зошто Законот му бил даден на Израел?

3 Како гледаме на Законот денес зависи од тоа дали разбираме зошто Јехова му го дал на Израел Законскиот зборник. Светото писмо објаснува: „Тој се додаде [на сојузот со Авраам] поради престапите, додека не дојде семето, на кое се однесува ветувањето . . . И така, Законот беше за нас воспитувач во [до, NW] Христа, за да се оправдаме преку верата“ (Гал. 3:19, 24). Како Законот го постигнал тоа?

4. а) Како Законот го направил видлив ‚престапот‘? б) Како тој, исто така, ги водел верните луѓе до Христос?

4 Поставувајќи совршен образец кој опфаќа различни аспекти од животот, тој ги прикажувал Израелците како грешници. Станало видливо дека и покрај секоја добра намера и марливите напори, не можеле во потполност да ги исполнат неговите барања. Користејќи ги Евреите како претставници на несовршеното човечко семејство, Законот ги разоткрил луѓето од целиот свет, вклучувајќи нѐ и нас, како грешници кои заслужуваат казна од Бог (Рим. 3:19, 20). Така тој ја истакнал потребата за спасител на човештвото и ги водел верните луѓе до Исус Христос, како Спасител. Како? Тој го назначил Исус како единствениот кој совршено го држел Законот, значи како единствен човек кој бил безгрешен. Животинските жртви што се принесувале под Законот имале само ограничена вредност, но како совршен човек, Исус можел да го положи својот живот како жртва која навистина требало да го отстрани гревот и да го отвори патот до вечен живот за сите кои покажуваат вера (Јован 1:29; 3:16; 1. Петр. 1:18, 19).

5. Со помош на наведените цитати, одговори на прашањата што се вклучени во овој пасус.

5 Имајќи го на ум сето ова, како би одговорил на следниве прашања?

 Дали Мојсеевиот Закон бил предвиден за целото човештво? (Псал. 147:8, 9; 2. Мој. 31:12, 13).

 Дали Јехова му дал било каков знак на Израел дека еден ден Сојузот на Законот ќе престане да важи? (Ерем. 31:31-33; Евр. 8:13).

 Дали Десетте заповеди, вклучувајќи ја и заповедта за држење на седмичен Сабат, останале на сила откако останатиот дел од Законот бил укинат? (Кол. 2:13, 14, 16; 2. Кор. 3:7-11 [за објаснување види 2. Мој. 34:28-30]; Рим. 7:6, 7).

 Со чие посредство Јехова го укинал Сојузот на Законот? (Кол. 2:13-17; Мат. 5:17, 18; Рим. 10:4).

6. Што произлегува од тврдењата дека Мојсеевиот Закон е сѐ уште на сила?

6 Во светлото на овие информации, што произлегува од тврдењата дека Мојсеевиот Закон е сѐ уште на сила? Всушност тоа претставува отфрлање на верата во Исус Христос. Зошто? Затоа што таквото гледиште го отфрла фактот дека Исус го исполнил Законот и дека на тој начин му го отворил патот на Бог да го укине. На лицата кои се изјаснувале како христијани, а кои дозволиле да бидат поколебани со аргументите во корист на држење на Законот или на некои делови од него, апостол Павле мошне изрично им напишал: „Вие, што посакавте да се оправдате со Законот, Го изгубивте Христа, отпаднавте од благодатта“ (Гал. 5:4; види и Римјаните 10:2-4).

7. а) Што не сфаќаат во потполност оние кои тврдат дека извесни делови од Законот треба и понатаму да се држат? б) Колку се важни христијанските дела, и каква врска имаат тие со нашето постигнување на дарот на вечен живот?

7 Оние кои тврдат дека одредени делови на Законот треба и понатаму да се држат, не сфаќаат во потполност дека нечија праведна положба пред Бог не зависи од делата на Законот, туку од верата во вредноста на Исусовата жртва (Гал. 3:11, 12). Тие сметаат дека човек мора да се покаже праведен преку такви дела — нешто што е невозможно за грешните луѓе. Додуша, важно е христијанинот послушно да постапува во склад со Божјите и Христовите заповеди. (Јак. 2:15-17; Мат. 28:19, 20). Таквите дела се знак за нашата љубов и вера, па ако изостанат тоа би значело дека нашата вера е мртва. Но, ние не можеме да заслужиме спасение, сеедно колку се трудиме. Спасението од гревот и смртта не е возможно без жртвата на Исус Христос. Така, вечниот живот е дар од Бог преку Исус Христос, израз на извонредна незаслужена доброта, а не наплата за нашите дела (Еф. 2:8, 9; Рим. 3:23, 24; 6:23).

8. Што одлучило Водечкото тело од I век околу спорното прашање дали Мојсеевиот Закон важи за нееврејските христијани?

8 Кога спорното прашање во врска со тоа дали Мојсеевиот Закон важи и за христијаните од Народите било изложено пред водечкото тело во Ерусалим во првиот век, неговата одлука била во склад со овие факти. Тие сфатиле дека Јехова не барал од верниците од Народите да извршуваат дела во знак на послушност спрема Мојсеевиот закон, пред да биде излиен врз нив светиот дух. Во одлуката на водечкото тело биле наброени извесни забрани кои биле во склад со тој Закон, како нешто „што е потребно“. Се темелеле на библиските извештаи за настани кои уследиле пред воведувањето на Законот. Затоа, на христијаните од Народите не им била наметната одговорноста да постапуваат во склад со Мојсеевиот Закон или со делови од него, туку да постапуваат согласно со мерилата кои биле признати уште пред Мојсеј (Дела 15:28, 29; спореди 1. Мојсеева 9:3, 4; 34:2-7; 35:2-5).

9. а) Дали Бог сѐ уште бара од Евреите да го слушаат Мојсеевиот Закон? б) Кои посебни подготовки биле направени за нив преку начинот на кој Христос умрел?

9 После Пентакост од 33. н. е., Бог повеќе не барал ни од самите Евреи да постапуваат според Мојсеевиот Законски зборник. А оние Евреи кои покажувале вера увиделе посебна причина да се радуваат на ова. Зошто? Иако Народите биле исто така грешници и поради тоа морале да умираат, само Евреите биле под Божје проклетство заради престапување на Сојузот на Законот. Но со начинот на кој Христос умрел — прикован на столб како да бил проколнат злосторник — го заземал местото на оние Евреи кои положиле вера во него, ослободувајќи ги од казната што си ја навлекле како последица на непослушноста спрема Законот (Гал. 3:10-13). Така, тој за нив обезбедил простување кое никогаш не можеле да го добијат под Мојсеевиот Закон (Дела 13:38, 39).

10. На кој начин отстранувањето на Законот придонело за обединетото обожавање?

10 Законот, всушност, ги оградувал Евреите од Народите. За Евреите биле поставени барања кои не се однесувале на Народите, а на необрежаните луѓе од Народите не им било допуштено потполно да учествуваат со Евреите во обожавањето. (Спореди 2. Мојсеева 12:48; Дела 10:28.) Но, штом Законот ја исполнил својата цел и бил отстранет, и за Евреите и за необрежаните Народи било можно да се обединат преку Христос во обожавање на единствениот вистинит Бог (Еф. 2:11-18).

Познавањето на Законот е корисно за нас

11. Како познавањето на Законот ни помага да ги разбереме Христовите науки?

11 Иако ние денес не сме под Законот, познавањето на Законот ќе биде од голема корист за секого од нас. На кој начин? Запомни, Исус бил роден од мајка Еврејка и бил под Мојсеевиот Закон. Некои работи можел да ги разбере само ако ги познавал барањата на тој Закон (Гал. 4:4; види Лука 22:7, 8). Исто така тој ја вршел својата служба токму меѓу луѓето кои биле под тој Закон. Затоа во своите учења честопати се осврнувал на ситуации кои биле поврзани со Законот. (Спореди Матеј 5:23, 24.)

12. а) На каква врска меѓу својот живот и Мојсеевиот Закон укажувал Исус? б) Како апостол Павле ја истакнал вредноста од познавањето на Законот? в) Што може да произлезе ако го сфатиме духовното значење на барањата што биле поставени од Законот?

12 По воскресението, Исус ги потсетил своите ученици дека во текот на неговиот живот како човек ги исполнил работите што биле запишани за него во Законот, во Пророците и во Псалмите (Лука 24:44). Исто така, апостол Павле се осврнал на некои карактеристики поврзани со Сојузот на Законот како на ‚образ [типична претстава, NW] и сенка на небесните работи‘ и рекол дека ‚Законот ја имал сенката на идните добра‘ (Евр. 8:4, 5; 10:1). Во Мојсеевиот Закон се опфатени зачудувачки подробности кои се исполниле во свештеничката служба на Исус Христос и во жртвувањето на неговиот човечки живот. Кога ќе ги сфатиме овие подробности, таквата подготовка за нас станува уште позначајна. Меѓу пророчките обрасци се наоѓаат детаљи кои го насочуваат вниманието на подготовките за обожавање на Јехова на прифатлив начин денес, во неговиот голем духовен храм. Додека расте нашето разбирање за ова, расте и нашето ценење за духовно помазаното собрание и за улогата што тоа ја игра под водството на Исус Христос во врска со нашето обожавање.

13. Зошто е корисно да медитираме за одличните начела кои се одразени во Законот?

13 Мојсеевиот Закон е дел од Писмата кои се вдахновени од Бог, од кои сите се ‚полезни за поука, за изобличување [укорување, NW], поправање‘ (2. Тим. 3:16). Ако ги истражуваме и медитираме за трајните начела врз кои е заснован Законот, тоа може да ни помогне во себе да изградиме сесрдна желба да ги вршиме работите што му се угодни на Бог. Колку само корисно може да биде ако го разбереме духот на Законот и ако го одразуваме тој дух во нашите животи!

14. а) Како Исус илустрирал колку е вредно да се сфати духот на Законот? б) Спомени некои од примерните темелни начела што се опфатени во Законот, а наведени на 152. страница. в) Како може ценењето на овие работи да ни помогне уште повеќе да му угодуваме на Бог?

14 Исус делотворно го илустрирал ова во својата Проповед на гората. Зборувајќи им на луѓето кои биле под Законот, покажал дека, не само што треба да се воздржуваат од убиство, туку мораат да ја искоренат секоја склоност кон долготраен гнев и да внимаваат со зборови да не ги понижуваат своите браќа. Наместо да бидат задоволни со тоа што никогаш не направиле прељуба, тие не требало ниту да гледаат сладострасно на некоја жена. Слично на нив, и ние би требало да настојуваме да ги користиме сите делови од нашето тело во склад со Јеховините праведни патишта (Мат. 5:21, 22, 27-30; види и Римјаните 13:8-10). Правејќи го тоа, ќе покажеме дека, исто така, го разбираме значењето на најголемата заповед во Законот: „Возљуби Го Господа [Јехова, NW], својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“ (Мат. 22:36, 37). Ова секако ќе нѐ приближи до Јехова Бог. Иако ние не сме под Мојсеевиот Закон, бездруго ќе имаме корист ако точно ги познаваме темелните начела врз кои е заснован и пророчките обрасци кои тој ги содржи.

За повторување

● Зошто оние кои инсистираат на послушност кон Мојсеевиот Закон всушност го отфрлаат Христос?

● Како познавањето на Законот ни помага да ја разбереме Исусовата улога во Јеховината намера?

● Иако не сме под Законот, каква драгоцена поука извлекуваме ако го проучуваме?

[Прашања]

[Рамка на страница 152]

Некои темелни начела на Мојсеевиот Закон

Одговорности пред Бог

Обожавај го само Јехова 2. Мој. 20:3; 22:20

Почитувај го неговото име 2. Мој. 20:7; 3. Мој. 24:16

Љуби го и служи му со сето срце, 5. Мој. 6:5; 10:12; 30:16

со сета душа и со сета животна сила

Плаши се да не му бидеш непослушен, 5. Мој. 5:29; 6:24

имај стравопочитување кон него

Пристапувај му само на начин кој тој 3. Мој. 1:1-5; 4. Мој. 16:1-50;

го одобрува 5. Мој. 12:5-14

Дај му го најдоброто; и онака 2. Мој. 23:19; 34:26

сѐ доаѓа од него

Обожавателите мораат да бидат 2. Мој. 19:10, 11; 30:20

телесно чисти

Не занемарувај ги светите интереси 2. Мој. 20:8-10; 34:21;

заради световни тежнеења 4. Мој. 15:32-36

Забранети религиозни обичаи

Идолопоклонство 2. Мој. 20:4-6; 5. Мој. 7:25

Меѓуверство 2. Мој. 23:13; 34:12-15;

5. Мој. 6:14, 15; 13:1-5

Спиритизам, вражање, гатање, 2. Мој. 22:18; 3. Мој. 20:27;

претскажување, магија, баење 5. Мој. 18:10-12

Брак и семеен живот

Забранета е прељуба 2. Мој. 20:14; 3. Мој. 20:10

Да не се склопува брак со некој кој 5. Мој. 7:1-4

не му служи на Јехова

Забрането е родосквернавењето 3. Мој. 18:6-16; 20:11

Избегнувај сексуална перверзија 3. Мој. 18:23; 20:13

Почитувај го животот на нероденото дете 2. Мој. 21:22, 23

Оддавај им чест на родителите 2. Мој. 20:12; 21:15, 17;

5. Мој. 21:18-21

Поучувај ги своите деца за 5. Мој. 6:4-9; 11:18-21

Јеховините патишта

Одговорности кон другите луѓе

Човечкиот живот сметај го за свет 2. Мој. 20:13; 4. Мој. 35:9-34

Љуби ги ближните; избегнувај омраза 3. Мој. 19:17, 18

Биди обѕирен кон постарите 3. Мој. 19:32

Покажувај љубезна заинтересираност 3. Мој. 25:35-37;

кон оние кои се во оскудица, 5. Мој. 15:7-11; 24:19-21

сирачињата и вдовиците

Не малтретирај ги глувите и слепите 3. Мој. 19:14; 5. Мој. 27:18

Биди чесен во трговските работи 3. Мој. 19:35, 36; 25:14

Почитувај го правото на имот 2. Мој. 20:15; 22:1, 6; 23:4;

5. Мој. 22:1-3

Не го посакувај она што му припаѓа 2. Мој. 20:17

на друг

Пријави ги оние кои направиле 3. Мој. 5:1; 5. Мој. 13:6-11

тежок грев

Зборувај ја вистината; не сведочи лажно 2. Мој. 20:16; 23:1, 2

Не биди пристрасен заради положбата 2. Мој. 23:3, 6; 3. Мој. 19:15

што ја зазема другиот