Зошто животот изгледа бесмислен?

Зошто животот изгледа бесмислен?

Зошто животот изгледа бесмислен?

ЗОШТО можеме да веруваме дека еден ден животот ќе биде поинаков од овој ‚суетен живот кој поминува како сенка‘, како што рекол цар Соломон? (Проповедник 6:12). Божјата вдахновена Реч, Библијата — која е непогрешлив извор на информации — ветува дека еден ден животот ќе има вистинска смисла (2. Тимотеј 3:16, 17).

Таа ни кажува каква намера имал Бог со Земјата на почетокот. Исто така, ни објаснува зошто во светот има толку многу неправди, угнетување и страдања. Зошто е важно да го разбереме ова? Затоа што главната причина поради која луѓето мислат дека животот нема никаква смисла е тоа што не знаат — или намерно не сакаат да знаат — која е Божјата намера со Земјата и со човештвото.

Која била Божјата намера со Земјата?

Јехова Бог * ја создал Земјата за да биде совршен рајски дом за луѓето — место каде што сите ќе бидат среќни и ќе живеат вечно. Оваа основна вистина е сосема спротивна на општоприфатената и небиблиска идеја дека Бог ја создал Земјата како место на кое ги испитува луѓето за да одреди дали заслужуваат да живеат во духовниот свет. (Види ја рамката  „Мора ли да ја напуштиме Земјата за да имаме смисловен живот?“ на страница 6.)

Бог ги создал мажот и жената според својот лик и им дал способност да ги одразуваат неговите прекрасни особини (1. Мојсеева 1:26, 27). Ги направил совршени. Имале сѐ што им било потребно за да уживаат во смисловен и исполнет живот засекогаш. Тоа вклучувало да ја наполнат Земјата со луѓе и да ја потчинат, претворајќи ја во рај како еденската градина (1. Мојсеева 1:28-31; 2:8, 9).

Што тргнало наопаку?

Очигледно, нешто тргнало наопаку. Луѓето денес не ги одразуваат особините на Бог. Земјата воопшто не личи на рај. Што се случило? Нашите прародители, Адам и Ева, ја искористиле својата слободна волја на погрешен начин. Сакале да ‚станат како Бог‘ и сами да одлучуваат што е „добро, а што зло“. Така, и тие се повеле по Сатана Ѓаволот (1. Мојсеева 3:1-6).

Значи, злото не е дел од некаков таинствен, однапред смислен план на Бог. Тоа започнало кога Сатана — а подоцна и Адам и Ева — се побуниле против Божјето владеење. Како последица од нивната побуна, нашите прародители ги изгубиле рајот и совршенството. Си навлекле грев и смрт не само себеси туку и на своите потомци — целото човештво (1. Мојсеева 3:17-19; Римјаните 5:12). Тоа е причината за проблемите поради кои изгледа дека животот нема никаква смисла.

Зошто злото не било искоренето веднаш?

Некои се прашуваат: ‚Зошто Бог веднаш не го искоренил злото и не ги уништил Сатана и другите бунтовници за да започне сѐ одново?‘ Дали тоа навистина ќе било мудро? Какво мислење би имал ти за една моќна влада што веднаш го погубува секој што ќе ѝ се спротивстави? Зар чесните луѓе би имале почит и доверба во таа влада?

Бог одлучил да не дејствува веднаш против тие бунтовници. Напротив, мудро дозволил да помине време за да се решат еднаш засекогаш спорните прашања во врска со неговиот начин на владеење.

Крај на сето зло

Не смееме да го заборавиме следново: Бог дозволил злото да постои само одредено време. Тоа го направил бидејќи знаел дека, откако ќе се решат спорните прашања покренати со побуната против него, тој ќе може да ги отстрани сите жалосни последици предизвикани од злото.

Бог не се откажал од својата намера со луѓето и со Земјата. Преку пророкот Исаија, Јехова нѐ уверува дека тој е Творецот на Земјата, оној што ‚не ја создал залудно, туку ја обликувал за да биде населена‘ (Исаија 45:18). Многу скоро тој ќе ја врати Земјата во совршената состојба во која била на почетокот. Кога Јехова јасно ќе покаже дека има право да владее, ќе ја употреби својата неограничена моќ за да го спроведе она што го наумил и тогаш потполно ќе го отстрани злото (Исаија 55:10, 11). Во молитвата Оченаш, Исус Христос му упатил таква молба на Бог. Тој нѐ поучил да се молиме: „Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Што значат овие зборови?

Божјата намера со Земјата

Меѓу другото, „кротките ќе ја поседуваат земјата“ (Псалм 37:9-11, 29; Изреки 2:21, 22). Исус Христос „ќе го избави сиромавиот кој вика за помош“. Ќе го спаси „страдалникот... од угнетување и од насилство“ (Псалм 72:12-14). Нема да има повеќе војни ниту смрт, солзи, болка или страдања (Псалм 46:9; Откровение 21:1-4). Безброј луѓе кои умреле додека Бог го допуштил злото, ќе воскреснат на Земјата и ќе им биде дадена можност да ги добијат овие и други благослови (Јован 5:28, 29).

Всушност, Јехова ќе ја поправи сета штета што била предизвикана со побуната на Сатана. Тоа ќе го направи толку темелно што „поранешните неволји [сѐ што ни предизвикува болка во денешно време] ќе бидат заборавени“ (Исаија 65:16-19). Можеме да бидеме уверени во ова. Бог не лаже. Тој исполнува сѐ што ќе вети. Животот повеќе нема да биде „суета и трчање по ветар“ (Проповедник 2:17). Наместо тоа, ќе има вистинска смисла.

Но, како е денес? Откако ќе дознаеш што пишува во Библијата и која е Божјата намера со Земјата, може ли твојот живот да добие вистинска смисла? Ова прашање ќе биде одговорено во следната статија.

[Фуснота]

^ пас. 5 Јехова е личното име на Бог, кое е запишано во Библијата.

[Рамка на страница 6]

 Мора ли да ја напуштиме Земјата за да имаме смисловен живот?

Со векови, луѓето што не ја знаеле Божјата намера со Земјата велеле дека животот ќе има смисла дури откако ќе ја напуштиме Земјата.

Некои тврделе дека душите „имаат повисок облик на постоење пред да влезат во човечките тела“ (New Dictionary of Theology). Други велеле дека душата била „заробена во телото како казна за гревовите што ги правела додека била на небото“ (Cyclopedia of Biblical, Theological, and Ecclesiastical Literature).

Грчките филозофи, како што биле Сократ и Платон, го тврделе следново: Дури откако душата ќе излезе од човечкото тело, ќе биде „ослободена од своите недоумици, лудости и стравови, од своите лоши желби и од сите други зла што ги снаоѓаат луѓето“. Тогаш ќе живее „заедно со боговите во сета вечност“ (Plato’s Phaedo, 81, A).

Подоцна, таканаречените христијански водачи ги презеле од грчките филозофи „претпоставките за бесмртност на душата“ и ги вметнале во своите учења (Christianity—A Global History).

Спореди ги овие идеи со трите темелни вистини што ни ги открива Библијата:

1. Божјата намера е Земјата засекогаш да им биде дом на луѓето, а не место на кое ќе престојуваат привремено за да се види кој заслужува да живее со Бог на небото. Да беа послушни на Божјите закони, Адам и Ева сѐ уште ќе живееја во рај на Земјата (1. Мојсеева 1:27, 28; Псалм 115:16).

2. Додека повеќето религии учат дека човекот има душа — нешто нематеријално што е во него — Библијата едноставно вели дека човекот е „жива душа“ направена од „земниот прав“ (1. Мојсеева 2:7). Таа никогаш не вели дека душата е бесмртна. Во неа пишува дека душата може да биде убиена или уништена, односно да престане да постои (Псалм 146:4; Проповедник 9:5, 10; Езекиел 18:4, 20). Кога умрел првиот човек, Адам, се вратил во правот од кој бил создаден. Тој повеќе не постоел (1. Мојсеева 2:17; 3:19).

3. Дали човекот ќе живее и во иднина не зависи од тоа дали има бесмртна душа што заминува во некој духовен свет туку од Божјето ветување за воскресение во рај на Земјата (Даниел 12:13; Јован 11:24-26; Дела 24:15).