СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 25

ПЕСНА 7 Јехова е нашата сила

Имај на ум дека Јехова е „живиот Бог“

Имај на ум дека Јехова е „живиот Бог“

Жив е Јехова! (ПС. 18:46)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да ни помогне да сфатиме колку многу ќе ни користи тоа што ќе имаме на ум дека Богот на кој му служиме е „живиот Бог“.

1. Што им помага на Јеховините слуги да продолжат да му служат и покрај проблемите со кои се соочуваат?

 ВО БИБЛИЈАТА пишува дека ние денес живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тим. 3:1). Јеховините слуги се соочуваат со истите проблеми кои ги имаат и сите други луѓе во овој злобен сатански свет. Но, ние се соочуваме и со прогонство и со противење. Што ни помага да продолжиме да му служиме на Јехова и покрај овие проблеми? Една главна работа е тоа што сме почувствувале дека Јехова ни помага и што знаеме дека „тој е жив Бог“ (Ерем. 10:10; 2. Тим. 1:12).

2. Како она што го знаеме за Јехова може да нѐ зајакне?

2 Јехова е вистинска личност која нѐ поддржува за време на нашите неволји и бара начини за да ни помага (2. Лет. 16:9; Пс. 23:4). Ако гледаме на него како на жив Бог, тоа ќе ни помогне успешно да се справиме со која и да било тешкотија. Да разгледаме како ова се покажало вистинито во случајот со цар Давид.

3. Што сакал да каже Давид кога рекол: „Жив е Јехова“?

3 Давид го познавал Јехова и се потпирал на него. Кога цар Саул и други се обидувале да го убијат, тој му се молел на Јехова за помош (Пс. 18:6). Откако Бог одговорил на неговата молитва и го избавил, Давид рекол: „Жив е Јехова!“ (Пс. 18:46). Со овие зборови тој не сакал само да укаже на фактот дека Бог постои. Во една книга за Псалмите пишува дека Давид ја изразил својата доверба дека Јехова е „жив Бог кој постојано му помага на својот народ“. Давид од свое лично искуство знаел дека Бог е свесен што му се случува и дека е спремен да му помогне. Тоа го охрабрило и го поттикнало да продолжи да го слави Јехова и да му служи (Пс. 18:28, 29, 49).

4. Како ни користи тоа што сме уверени дека Јехова е живиот Бог?

4 Нашата увереност дека Јехова е живиот Бог може да ни помогне да му служиме со ревност. Ќе ја имаме силата што ни е потребна кога минуваме низ тешкотии и ќе имаме желба да продолжиме трудољубиво да му служиме на Бог. Исто така, ќе бидеме решени да останеме блиски со Јехова.

ЖИВИОТ БОГ ЌЕ ТЕ ЗАЈАКНЕ

5. Што може да ни влее храброст кога се соочуваме со неволји? (Филипјаните 4:13).

5 Ќе можеме да истраеме во секоја неволја, без разлика дали е голема или мала, ако имаме на ум дека Јехова е жив и дека е тука за да ни помогне. Тој може да ни помогне бидејќи ниту еден наш проблем не е претежок за него. Јехова е Семоќен, и може да ни даде сила да истраеме. (Прочитај Филипјаните 4:13.) Затоа, ја имаме секоја причина храбро да се соочиме со секоја неволја. Кога гледаме дека Јехова ни помага додека се соочуваме со помали неволји, тоа нѐ уверува дека тој ќе ни помогне и кога ќе се соочиме со поголеми неволји.

6. Кои случки од младоста му ја зајакнале довербата на Давид во Јехова?

6 Да разгледаме две случки од животот на Давид кои му ја зголемиле довербата во Јехова. Кога Давид бил млад и ги чувал овците на татко му, еден лав, а потоа и една мечка однеле по една овца од стадото. И во двете прилики, тој постапил храбро — се стрчал по лавот и по мечката и ги спасил овците. Но, Давид не мислел дека тоа го направил со сопствена сила бидејќи знаел дека Јехова е тој што му помогнал (1. Сам. 17:34-37). Давид никогаш не ги заборавил овие случки. Тоа што размислувал за нив, му влеало доверба дека живиот Бог ќе го зајакне и во иднина.

7. На што се концентрирал Давид, и како тоа му помогнало да се бори со Голијат?

7 Подоцна, веројатно додека сѐ уште бил тинејџер, Давид го посетил воениот логор на Израелците. Тој дознал дека војниците биле преплашени бидејќи еден филистејски џин по име Голијат излегол да ги предизвика „четите на Израел“ (1. Сам. 17:10, 11). Војниците се уплашиле бидејќи се концентрирале на големината на Голијат и на неговите зборови (1. Сам. 17:24, 25). Но, Давид се концентрирал на нешто друго. Тој знаел дека, кога Голијат ѝ се потсмевал на војската на Израел, всушност, му се потсмевал на „живиот Бог“ (1. Сам. 17:26). Давид го имал Јехова на ум. Тој бил сигурен дека Богот кој му помогнал додека бил овчар ќе му помогне и во оваа ситуација. Уверен дека ја има поддршката од Бог, Давид се борел со Голијат и, се разбира, го победил! (1. Сам. 17:45-51).

8. Што може да ја зајакне нашата увереност дека Јехова ќе ни помогне кога ќе се соочиме со некоја неволја? (Види ја и сликата.)

8 И ние можеме успешно да се справиме со неволјите ако имаме на ум дека живиот Бог е спремен да ни помогне (Пс. 118:6). Можеме да си ја зајакнеме довербата во овој факт така што ќе размислуваме што направил Јехова во минатото. Читај ги библиските извештаи кои ќе те потсетат како Јехова ги спасувал своите слуги (Иса. 37:17, 33-37). Исто така, на нашата интернет-страница jw.org можеш да читаш или да гледаш извештаи кои покажуваат како Јехова им помага на нашите браќа и сестри денес. Освен тоа, сети се на некои моменти кога Јехова ти помогнал тебе лично. Можеби си мислиш дека Јехова не направил нешто толку спектакуларно за тебе, како на пример да те спаси од лав или од мечка. Но, факт е дека Јехова направил многу работи за тебе во твојот живот! Тој те привлекол кон себе и ти дал можност да бидеш негов пријател (Јован 6:44). Дури и денес, благодарение на неговата помош, ти си сѐ уште во вистината. Затоа, моли го Јехова да ти помогне да се сетиш на моментите кога одговорил на твоите молитви, кога ти го дал токму она што ти било потребно во вистинското време или кога се грижел за тебе во некоја тешка ситуација. Тоа што ќе размислуваш за вакви искуства, ќе ја зајакне твојата увереност дека Јехова ќе продолжи да ти помага.

Начинот на кој реагираме кога се соочуваме со неволји влијае врз чувствата на Јехова (види во пасуси 8-9)

9. Како може да гледаме на нашите неволји? (Изреки 27:11).

9 Тоа што ќе гледаме на Јехова како на жив Бог, ќе ни помогне исправно да гледаме на нашите неволји. Зошто? Кога се соочуваме со неволји, треба да се концентрираме на она што е најважно. Ѓаволот тврди дека, ако имаме тешкотии, ќе го напуштиме Јехова. Според тоа, начинот на кој реагираме на нашите неволји влијае врз чувствата на Јехова (Јов 1:10, 11; прочитај Изреки 27:11). Ако останеме верни и покрај неволјите, ќе покажеме дека го сакаме Јехова и ќе докажеме дека Ѓаволот е лажливец. Дали се соочуваш со противење од властите или со економски проблеми? Дали луѓето на кои им проповедаш не се заинтересирани за добрата вест или можеби доживуваш некоја друга неволја? Ако се наоѓаш во некоја од овие ситуации, не заборавај дека тоа ти дава можност да го израдуваш срцето на Јехова. Исто така, не заборавај дека тој никогаш нема да дозволи да бидеш искушан повеќе отколку што можеш да поднесеш (1. Кор. 10:13). Тој ќе ти ја даде силата што ти е потребна за да издржиш.

ЖИВИОТ БОГ ЌЕ ТЕ НАГРАДИ

10. Што ќе направи живиот Бог за оние кои му служат?

10 Јехова секогаш ги наградува оние кои му служат (Евр. 11:6). Тој ни дава мир и задоволство денес, а ќе ни даде и вечен живот во иднина. Ние сме потполно уверени дека Јехова сака и може да нѐ награди. Од таа причина, продолжуваме да го даваме нашето најдобро додека му служиме, исто како што правеле Божјите верни слуги во минатото. Токму тоа го правел и Тимотеј во првиот век (Евр. 6:10-12).

11. Што го поттикнувало Тимотеј трудољубиво да служи во собранието? (1. Тимотеј 4:10).

11 Прочитај 1. Тимотеј 4:10. Тимотеј имал силна вера дека живиот Бог ќе го награди. Токму затоа, тој вложувал голем труд за да им служи на Јехова и на другите. На кои начини го правел тоа? Апостол Павле го поттикнал подобро да поучува во службата на проповедање и во собранието. Исто така, Павле му кажал да биде добар пример за соверниците — и за младите и за старите. Му биле доверени и некои тешки задачи во кои било вклучено да им даде цврст, но љубезен совет на оние на кои им било потребно (1. Тим. 4:11-16; 2. Тим. 4:1-5). Понекогаш, другите не го забележувале она што го правел Тимотеј или не го ценеле тоа, но тој бил сигурен дека Јехова ќе го награди (Рим. 2:6, 7).

12. Зошто старешините продолжуваат со сета душа да служат во собранието? (Види ја и сликата.)

12 Денес, и старешините можат да бидат сигурни дека Јехова го гледа и го цени она што го прават. Освен што прават пастирски посети, поучуваат и проповедаат, многу старешини помагаат во изградба на теократски објекти и помагаат околу организирањето помош при катастрофи. Други служат во Група за посета на пациенти или во Одбор за посредување меѓу лекари и пациенти Јеховини сведоци. Старешините знаат дека собранието му припаѓа на Јехова, а не на некој човек. Поради тоа, тие со сета душа ги извршуваат своите задачи во собранието и имаат целосна доверба дека Бог ќе ги награди за она што го прават (Кол. 3:23, 24).

Живиот Бог ќе те награди затоа што со сета душа му служиш на собранието (види во пасуси 12-13)

13. Како се чувствува Јехова поради она што го правиме за него?

13 Не можат сите да бидат старешини. Но, сите можеме да му дадеме нешто на Јехова. Нашиот Бог многу се радува кога му служиме најдобро што можеме. Тој забележува кога даваме прилози за меѓународното дело, дури и ако тоа е многу малку. На Јехова му е многу мило кога се трудиме да ја надминеме нашата срамежливост за да кренеме рака и да коментираме на состанок. Исто така, тој многу се радува кога ќе им простиме на оние што ќе нѐ повредат. Дури ако мислиш дека не правиш за Јехова онолку колку што ти би сакал, имај доверба дека тој го цени она што можеш да го правиш. Јехова многу те сака поради тоа и ќе те награди (Лука 21:1-4).

ОСТАНИ БЛИЗОК СО ЖИВИОТ БОГ

14. Како тоа што ќе останеме блиски со Јехова ќе ни помогне да му останеме верни? (Види ја и сликата.)

14 Ако Јехова ни е реален, ќе ни биде полесно да му останеме верни. Тоа било случај со Јосиф. Тој одлучно одбил да направи неморал. Бог му бил реален и не сакал да го разочара (1. Мој. 39:9). За Јехова да ни биде реален и нам, треба да си одвоиме време за да се молиме и да ја проучуваме неговата Реч. Така, нашето пријателство со него ќе расте. Ако и ние, исто како Јосиф, сме блиски пријатели со Јехова, нема да сакаме да направиме нешто со кое би го разочарале (Јак. 4:8).

Тоа што ќе останеш близок со живиот Бог, ќе ти помогне да му останеш верен (види во пасуси 14-15)

15. Што можеме да научиме од она што им се случило на Израелците во пустината? (Евреите 3:12).

15 Оние кои забораваат дека Јехова е живиот Бог лесно би можеле да се оддалечат од него. Размисли што им се случило на Израелците додека биле во пустината. Тие биле свесни дека Јехова постои, но почнале да се сомневаат дали тој ќе се грижи за нивните потреби. Израелците дури прашале: „Дали е Јехова меѓу нас или не е?“ (2. Мој. 17:2, 7). Како резултат на тоа, тие се побуниле против Бог. Ние сигурно не би сакале да го следиме нивниот лош пример, кој служи како предупредување за нас денес. (Прочитај Евреите 3:12.)

16. Што може да ја стави на испит нашата вера?

16 Овој свет ни отежнува да останеме блиски со Јехова. Многумина ја отфрлаат идејата дека Бог постои. Честопати се чини дека оние кои ги игнорираат Јеховините барања имаат убав живот. Кога гледаме дека тоа се случува, нашата вера може да биде ставена на испит. И покрај тоа што веруваме дека Бог постои, би можеле да почнеме да се сомневаме дали тој ќе ни помага. Некое време, така се чувствувал и писателот на Псалм 73. Тој гледал дека оние околу него ги игнорираат Божјите закони, а сепак уживаат во животот. Поради тоа, тој почнал да се прашува дали вреди да му служи на Бог (Пс. 73:11-13).

17. Што ќе ни помогне да останеме блиски со Јехова?

17 Што му помогнало на псалмистот да си го промени ставот? Тој размислувал што ќе им се случи на оние кои ќе ја изгубат довербата во Јехова (Пс. 73:18, 19, 27). Исто така, тој размислувал колку многу му користи тоа што му служи на Бог (Пс. 73:24). И ние можеме да размислуваме за благословите што ни ги дава Јехова. Да си замислиме каков ќе ни беше животот доколку не му служевме на Јехова. Тоа може да ни помогне да му останеме верни. И, исто како псалмистот, ќе кажеме: „А мене ми е добро да бидам близу до Бог“ (Пс. 73:28).

18. Зошто не треба да се плашиме од иднината?

18 Ние можеме да се справиме со која и да било тешкотија што ќе ја доживееме во текот на овие последни денови, бидејќи му робуваме на „живиот и вистински Бог“ (1. Сол. 1:9). Нашиот Бог се грижи за нас и секогаш ќе ни помага. Тој докажал дека бил покрај своите слуги во минатото, а тој е и покрај нас денес. Наскоро ќе се соочиме со најголемата неволја која некогаш се случила на Земјата. Но ние нема да бидеме сами — Јехова ќе биде со нас (Иса. 41:10). „Затоа, исполнети со храброст, можеме да речеме: ’Јехова е мојот помошник, нема да се плашам‘“ (Евр. 13:5, 6).

ПЕСНА 3 Нашата сила, надеж и доверба