Спорното прашање со кое мора да се соочи целото творештво

Спорното прашање со кое мора да се соочи целото творештво

Глава 6

Спорното прашање со кое мора да се соочи целото творештво

1. а) Кое спорно прашање го покренал Сатана во Еден? б) Како тоа спорно прашање се подразбирало од Сатановите зборови?

 КОГА во Еден избувнал бунт, било покренато спорно прашање кое се однесува на целото творештво. Обраќајќи ѝ се на Ева, Сатана индиректно ѝ рекол дека таа и нејзиниот сопруг Адам се лишени од нешто многу важно. Тој ја прашал: „Вистина ли е дека Бог рекол не да не јадете од ниедно дрво во рајот?“ Ева одговорила дека само за едно дрво Бог рекол: „Не јадете од него и не се допирајте до него за да не умрете!“ Така Сатана, служејќи се со лага директно го обвинил Јехова, така што рекол дека ниту Евиниот ниту пак Адамовиот живот не зависат од послушноста кон Бог. Тој тврдел дека Бог на своите творби им скратува нешто добро — способноста да поставуваат свои сопствени мерила во животот. „Вие [сигурно, NW] нема да умрете“, изјавил Сатана. „Бог знае оти оној ден кога ќе вкусите од него ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло“ (1. Мој. 3:1-5, NW). Сатана ја навел Ева да верува дека за неа ќе биде подобро ако одлучува сама. На тој начин го нападнал Божјето право да владее и Неговиот начин на владеење. Кај поставеното спорно прашање всушност се работело за универзалната сувереност.

2. Што можело да ја заштити првата човечка двојка?

2 Љубовта кон Јехова можела да ја заштити Ева. Почитта кон поглаварството на нејзиниот сопруг можела исто така да ја спречи да не погреши. Но таа мислела само на она што изгледало како непосредна корист. Она што било забрането станало пожелно во нејзините очи. Потполно измамена со докажувањето на Сатана, таа го прекршила Божјиот закон, а потоа го вовлекла и Адам. Иако не бил измамен со Сатановата лага, тој, исто така, покажал огромен недостиг на ценење за Божјата љубов. Го занемарил поглаварството на Јехова и избрал да ѝ се придружи на својата бунтовна жена (1. Мој. 3:6; 1. Тим. 2:13, 14).

3. а) Кое натамошно спорно прашање е тесно поврзано со Сатановиот напад на Јеховината сувереност? б) На кого тоа влијае?

3 Сатановиот напад на Јеховината сувереност не завршил со она што се случило во Еден. Откако привидно успеал, како следно ја довел во прашање лојалноста на другите суштества кон Јехова. Така, тоа станало второстепено спорно прашање тесно поврзано со првото. Неговиот предизвик се проширил и го вклучил како потомството на Адам, така и сите Божји духовни синови, дури и Јеховиниот љубен првороден Син. Во деновите на Јов, Сатана тврдел дека оние кои му служат на Јехова тоа го прават, не затоа што го сакаат Бог и неговиот начин на владеење, туку од себични причини. Тврдел дека, кога би биле изложени на потешкотии, би попуштиле заради своите себични желби. Дали бил во право? (Јов 1:6-12; 2:1-6; Отк. 12:10).

Како реагирале на спорното прашање

4. Зошто многу луѓе не го поддржувале Јеховиниот суверенитет?

4 Јехова не ја исклучил можноста и други да му се придружат на Сатана во побуната. Всушност, после изрекувањето на пресудата во Еден, Бог укажал на оние кои би го сочинувале ‚семето на змијата‘ (1. Мој. 3:15). Во тоа семе спаѓаат фарисеите кои ја смислиле Исусовата смрт, и Јуда Искариотски, кој го предал Христа. Тие не направиле едноставно неколку погрешни чекори пред да бидат свесни за нив. Знаеле што било исправно, а сепак намерно зазеле став против Јехова и неговите слуги. Меѓутоа, има безброј други кои поради незнаење не постапувале согласно со Јеховините барања (Дела 17:29, 30, NW).

5. За разлика од Ева, како оние кои останале лојални на Јехова гледале на неговата Реч? б) Како Ное ја докажал својата лојалност, и како може да ни користи неговиот пример?

5 За разлика од сите нив, постоеле мажи и жени од вера кои покажале интерес за својот Творец и ја докажале својата лојалност кон него како Суверен. Тие верувале во Бог. Знаеле дека нивните животи зависеле од служењето и послушноста кон него. Ное бил таков човек. Затоа, кога Бог му рекол на Ное: „Крајот на секое тело пред очите Мои дојде . . . Изгради си за себе ковчег“, Ное го послушал Јеховиното упатство. А неговите современици, иако биле предупредени, продолжиле со својот нормален секојдневен живот како да немало да се случи ништо необично. Но, Ное изградил огромна арка и останал вработен во проповедањето на другите за Јеховините праведни патишта. Како што вели извештајот: „И направи Ное сѐ: направи така како што му го заповеда Господ Бог“ (1. Мој. 6:13-22; види и Евреите 11:7 (NW) и 2. Петр. 2:5).

6. По што друго се одликувале оние кои ја чувале својата беспрекорност? б) Како Сара ги покажувала овие особини, и на кој начин можеме ние да извлечеме корист од нејзиниот пример?

6 Сите кои ја сочувале својата беспрекорност се одликувале со тоа што покажувале високо почитување спрема начелото на поглаварство и лична љубов кон Јехова. Тие не биле налик на Ева, која се истрчала пред својот сопруг. Ниту како Адам, кој го занемарил Јеховиниот закон. Овие добри особини ги покажала и Сара, жената на Авраам. Не само во нејзиниот говор, туку и во нејзиното срце Авраам бил нејзин „господар“. Понатаму, таа лично го љубела Јехова и била жена од вера. Со Авраам, таа „го очекуваше оној град [Божјето Царство], што има [вистински, NW] основи и чиј градител и творец е Бог“ (1. Петр. 3:5, 6; Евр. 11:10-16).

7. Под какви околности Мојсеј го поддржал Јеховиниот суверенитет? б) Како може да ни користи неговиот пример?

7 Околу 430 години подоцна, откако Авраам ја напуштил својата родна земја, Мојсеј ја поддржал Јеховината сувереност кога се соочил со египетскиот фараон. Но, не затоа што Мојсеј бил самоуверен. Напротив, тој дури се сомневал во својата способност да зборува доволно добро. Сепак, го послушал Јехова. Со Јеховина поддршка и со помош на својот брат Арон, Мојсеј повеќе пати му ја пренесувал Јеховината реч на фараонот. Фараонот бил тврдоглав. Дури и некои од синовите на Израел остро го критикувале Мојсеј. Но лојалниот Мојсеј сторил сѐ што Јехова му заповедал, и со негова помош Израел бил ослободен од Египет (2. Мој. 7:6; 12:50, 51).

8. а) Што покажува дека лојалноста кон Јехова вклучува повеќе отколку да се прави само она што Бог посебно го дал во писмен облик? б) Како може ценењето на овој вид лојалност да ни помогне да го применуваме стихот од 1. Јованово 2:15?

8 Оние кои му биле лојални на Јехова не сметале дека сѐ што се барало од нив е само да се држат на пишаниот закон, односно да го слушаат само она што Бог го дал написмено. Кога Петефриевата жена се обидела да го наговори Јосиф да има неморални односи со неа, не постоела пишана заповед од Бог која посебно забранувала прељуба. Но врз основа на она што Јосиф го знаел за брачното уредување кое Јехова го воспоставил во Еден, тој бил свесен дека на Бог не би му се допаднало кога би имал сексуален однос со туѓа жена. Јосиф не бил заинтересиран да ги испитува границите до кои Бог би му дозволил да биде налик на Египќаните. Тој ги поддржувал Јеховините патишта, размислувал за Божјето постапување со човештвото и потоа совесно го правел она за кое сметал дека е Божја волја (1. Мој. 39:7-12; спореди Псалми 77:11, 12, NW).

9. Како Ѓаволот повторно се покажал како лажливец со обвинението што го подигнал во времето на Јов?

9 Дури и ако повеќепати бидат ставени на испит, оние кои навистина го познаваат Јехова нема да се одвратат од него. Сатана тврдел дека и Јов, за кого Јехова имал високо мислење, ќе го напушти Бог ако го изгуби својот имот или ако биде физички малтретиран. Но, Јов докажал дека Ѓаволот е лажливец и покрај тоа што не знаел на што се должела сета таа несреќа која го снашла (Јов 2:3, 9, 10). И понатаму обидувајќи се да го докаже своето тврдење, Сатана подоцна навел еден разбеснет цар на Вавилон да им се закани на тројца млади Евреи со смрт во вжарена печка доколку во знак на обожавање не се поклонат пред еден кип што го поставил царот. Присилени да избираат помеѓу заповедта на царот и Јеховиниот закон против идолопоклонство, тие одлучно дале до знаење дека му служат на Јехова и дека тој е нивни Највиши Суверен. За нив верноста на Бог била подрагоцена од животот (Дан. 3:14-18).

10. Како можеме ние како несовршени луѓе да докажеме дека навистина сме му лојални на Јехова?

10 Дали на темел на ова треба да заклучиме дека некој мора да биде совршен за да биде лојален на Јехова и дека оној кој прави грешки во потполност промашил? Никако! Библијата посебно ни зборува за ситуациите кога Мојсеј грешел. На Јехова тоа не му се допаѓало, но тој не го отфрлил Мојсеј заради тоа. Иако биле примерни во многу погледи, и апостолите имале свои слабости. Лојалноста бара да се биде послушен постојано и од срце. Но, бидејќи Јехова ја зема во обѕир нашата наследена несовршеност, тој е задоволен ако намерно не ја занемаруваме неговата волја во кој и да е поглед. Ако заради слабостите бидеме вовлечени во погрешно постапување, важно е искрено да се покаеме и тоа да не ни стане навика. Така покажуваме дека навистина го сакаме она што Јехова вели дека е добро и дека го мразиме она што тој го означува како лошо. На основа на нашата вера во откупната вредност на Исусовата жртва, можеме да се радуваме на чиста положба пред Бог (Амос 5:15; Дела 3:19; Евр. 9:14).

11. а) Кој меѓу луѓето задржал совршена оддаденост на Бог, и што тоа докажува? б) Како она што тој го направил ни помага нам?

11 Сепак, дали може да се случи луѓето едноставно да не можат да покажат совршена оддаденост на Бог? Пред околу 4.000 години, одговорот на ова прашање бил „света тајна“ (1. Тим. 3:16, NW). Иако бил создаден како совршен човек, Адам не дал совршен пример за оддаденост на Бог. Тогаш, кој можел да даде? Секако, ниту еден од неговото грешно потомство. Исус Христос бил единствениот човек кој можел да го стори тоа. Она што го сторил Исус докажало дека Адам, кој бил во многу поповолни околности, можел да задржи совршена беспрекорност, само ако сакал. Бог не направил грешка при создавањето. Затоа Исус Христос е примерот кој треба да го имитираме не само со покажувањето на послушност спрема Божјиот закон, туку и во личната оддаденост кон Јехова, Универзалниот Суверен.

Каков е твојот личен одговор?

12. Зошто мораме постојано да бидеме будни со оглед на нашиот став спрема Јеховината сувереност?

12 Секој од нас денес мора да се соочи со универзалното спорно прашање. Не можеме да го избегнеме тоа. Ако отворено сме изјавиле дека сме на Јеховина страна, стануваме мета за Сатана. Тој врши притисоци врз нас од секоја можна страна и ќе продолжи да го прави тоа сѐ до крајот на неговиот зол систем на ствари. Не смееме никогаш да попуштиме во својата будност (1. Петр. 5:8). Нашето однесување покажува каде стоиме во однос на најголемото спорно прашање.

13. а) Што во врска со потеклото на лажењето и крадењето треба да нѐ наведе да ги избегнуваме? б) Одговори по ред на прашањата на крајот од овој пасус, земајќи ги предвид ситуациите во кои некои луѓе се наведени кон такво неисправно постапување.

13 Не можеме да си дозволиме нелојалното однесување да го сметаме за неважно само затоа што е вообичаено во светот. За да ја задржиме беспрекорноста потребно е да ги применуваме Јеховините праведни патишта на секое подрачје од животот. За илустрација, размисли за следните примери:

 1. Сатана употребил лага за да ги наведе нашите прародители на грев. Тој станал „татко на лагата“ (Јован 8:44).

 Под кои околности младите луѓе понекогаш се неискрени спрема своите родители? Зошто е важно младите христијани да го избегнуваат тоа? (Изр. 6:16-19).

 Во која трговска практика може некој да биде поврзан со „таткото на лагата“ наместо со Богот на вистината? (Мих. 6:11, 12, NW).

 Дали е погрешно да зборуваме на начин со кој пред другите би изгледале подобри отколку што навистина сме, ако тоа не повредува никого (Пс. 118:163; спореди Дела 5:1-11).

 Зошто е важно оној кој сторил сериозен грев да не се обидува да прибегнува кон лага за да го прикрие гревот? (Изр. 28:13).

 2. Кога Ева, а потоа и Адам, постапиле според Сатановото наговарање да донесуваат свои лични одлуки за тоа што е добро а што зло, првата работа што ја направиле била таа што зеле нешто што не им припаѓало. Станале крадци.

 Дали крадењето е оправдано ако лицето е во оскудица или ако оној од кого е украдено има многу? (Изр. 6:30, 31; 1. Петр. 4:15).

 Дали кражбата е помало злодело ако е вообичаено таму каде што живееме, или ако украденото е од мала вредност? (Рим. 12:2; Еф. 4:28; Лука 16:10, NW).

14, 15. а) Какво искушение ќе дојде на целото човештво на крајот од Христовото Илјадагодишно владеење? б) Како она што го правиме сега ќе влијае на нашиот исход тогаш?

14 За време на Илјадагодишното Христово владеење, Сатана и неговите демони ќе бидат во бездна, и повеќе не ќе можат да влијаат на човештвото. Какво ослободување ќе биде тоа! Но на крајот од тие илјада години, ќе бидат ослободени за кратко време. Сатана и оние кои ќе го следат ќе извршат притисок врз „светите“ — луѓето од обновеното човештво кои ја чуваат својата беспрекорност. Како во војна, тој ќе настапи против „љубениот град“, небесниот Нов Ерусалим, така што ќе се обиде да ја уништи праведноста која ќе биде воспоставена на Земјата (Откр. 20:7-10, NW).

15 Мошне е веројатно дека, Сатана, како и во минатото, ќе се послужи со измама, апелирајќи на себичност и гордост, за да ги наведе луѓето да постапуваат нелојално спрема Јехова. Како ние лично ќе регираме ако имаме предност да бидеме живи тогаш? Каде ќе биде нашето срце во однос на универзалното спорно прашање? Бидејќи тогаш сите луѓе ќе бидат совршени, секоја постапка на нелојалност ќе биде намерна и ќе доведе до вечно уништување. За да можеме тогаш да се покажеме лојални, пресудно е уште сега да ја негуваме навиката спремно и позитивно да дозволиме да нѐ води Јехова, било да е тоа преку неговата Реч или преку неговата организација! Со тоа ќе ја покажеме нашата искрена оддаденост кон него како Универзален Суверен.

За повторување

● Кое е големото спорно прашање со кое мора да се соочи целото творештво? Како сме вклучени и ние во тоа?

● Што е посебно во начините на кои мажите и жените, споменати на 49. страница, ја докажале својата беспрекорност кон Јехова?

● Зошто е неизоставно секојдневно да настојуваме да му оддаваме чест на Јехова со нашето однесување?

[Прашања]

[Слики на страница 49]

ТИЕ ЈА ПОДДРЖУВАЛЕ ЈЕХОВИНАТА СУВЕРЕНОСТ

Ное

Сара

Мојсеј

Јосиф

Јов

Што можеме да научиме од нивниот пример?