Слобода што ја уживаат обожавателите на Јехова
Глава 5
Слобода што ја уживаат обожавателите на Јехова
1, 2. а) Каков вид на слобода ѝ дал Бог на првата човечка двојка? б) Наведи некои од законите кои го управувале нивното постапување.
КОГА Јехова ја создал првата човечка двојка, тие уживале слобода која далеку ја надминува секоја слобода што луѓето ја уживаат денес. Нивниот дом бил Рај. Ниедна болест не го нарушувала нивното уживање во животот. Не ги чекала смрт. Но, за да можеле и понатаму да уживаат во таа слобода, морале да ги почитуваат Божјите закони.
2 Некои од тие закони можеби не биле соопштени со зборови, но Адам и Ева биле создадени на таков начин што било сосем нормално да ги слушаат. Така апетитот ја сигнализирал потребата да јадат; жедта — потребата да пијат. Заоѓањето на сонцето ги поттикнувало да појдат на починка и да спијат. Јехова исто така зборувал со нив и им дал работна задача. Всушност таа работа била закон, бидејќи тој требало да ги одредува нивните постапки. Но, колку добронамерен, корисен закон било тоа! Работата што ја извршувале била задоволувачка и им овозможувала во потполност и на корисни начини да ги употребуваат своите способности. Тие требало да раѓаат деца, да владеат над земскиот животински свет и постепено да ги прошируваат границите на Рајот сѐ додека тој не ја покрие целата планета (1. Мој. 1:28; 2:15). Бог не ги оптоварувал со непотребни поединости. Им била допуштена голема слобода да донесуваат сопствени одлуки. Зарем би можел некој да побара повеќе?
3. Што можело да му помогне на Адам мудро да ја користи својата слобода на одлучување?
3 Секако, кога на Адам му била допуштена предноста сам да донесува одлуки, тоа не значело дека секоја одлука што ќе ја донел автоматски ќе донела добри резултати. Неговата слобода на одлучување била поврзана со одговорност. Тој можел да учи слушајќи го својот небесен Татко и набљудувајќи ги Неговите дела, а Бог му дал на Адам интелигенција која му овозможувала да го применува она што го научил. Со оглед на тоа што Адам бил создаден „по Божја слика“, негова природна наклоност би била да ги одразува божествените особини кога ќе донесува одлуки. Ако навистина би го ценел она што Бог го сторил за него и кога би сакал да му угоди на Бог, тој сигурно би внимавал да постапува така (1. Мој. 1:26, 27, NW; спореди Јован 8:29).
4. а) Дали ограничувачките заповеди коишто му биле дадени на Адам му ја одзеле слободата? б) Зошто тоа барање било исправно?
4 За да го потсети човекот на зависноста од неговиот Творец и Животодавач, Јехова му ја дал оваа заповед: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, [со сигурност, NW] ќе умреш“ (1. Мој. 2:16, 17). Дали овој закон му ја одземал слободата на човекот? Секако не. На Адам му било допуштено да послуша или да не послуша. Забраната не била наметната. Тој имал во изобилство за јадење и без тоа дрво. Сепак, тоа било поставено за тој да признае дека Земјата на која живеел му припаѓа на Бог и дека Бог, како Творец, е правосилниот Владетел над своето творештво (Пс. 24:1, 10, NW).
5. а) Како Адам и Ева ја изгубиле својата прекрасна слобода што ја имале? б) Што дошло на нејзино место, и како тоа влијае на нас?
5 Но што се случило? Поттикнат од себична амбиција, еден ангел ја измамил Ева така што се прикажал како советник достоен да му се верува и ѝ гарантирал нешто спротивно на Божјата волја. Наместо да го слуша својот Татко, Адам ѝ се придружил на Ева во престапот. Со тоа што посегнале по нешто што не им припаѓало ним, Адам и Ева ја изгубиле прекрасната слобода што ја имале. Гревот завладеал со нив и, како што ги предупредил Бог, со сигурност ги очекувала смрт. И што можеле сега како наследство да му остават на своето потомство? Грев, кој бил видлив во вродената склоност кон погрешно постапување, во слабоста која ги направила подложни на болест, во процесот на стареење, и на крајот смрт. Наследното тежнеење кон погрешно постапување, засилено преку влијанието на Сатана, произвело човечко општество во кое животот на секој поединец станал несигурен. Каква спротивност на слободата која Бог во почетокот им ја дал на луѓето! (Рим. 5:12; Јов 14:1; Откр. 12:9, NW).
Каде може да се најде слобода?
6. а) Каде може да се најде вистинска слобода? б) За каков вид слобода зборувал Исус во Јован 8:31, 32?
6 Со оглед на денешните услови, не изненадува тоа што луѓето копнеат по слобода поголема од онаа што ја имаат. Но каде може да се најде вистинска слобода? Исус Христос рекол: „Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32). Со оваа слобода не се мисли на ограничената слобода на која се надеваат луѓето кога ќе соборат еден политички владетел или облик на влада во корист на друг. Наместо тоа, станува збор за слобода која зафаќа во сржта на човечките проблеми. Она за кое Исус зборувал било слобода од грев, од ропското служење на гревот. (Види Јован 8:24, 34-36.) Според тоа, кога некој ќе стане вистински ученик на Исус Христос, тоа предизвикува изразита промена во неговиот живот, односно ослободување.
7. а) Во која смисла можеме денес да бидеме ослободени од гревот? б) Што мораме да правиме за да ја имаме таа слобода?
7 Тоа не значи дека правите христијани денес повеќе не ги чувствуваат последиците од вродената склоност кон грешно постапување. Напротив, поради тоа се во постојана борба (Рим. 7:21-25). Сепак, ако некој навистина живее во склад со Исусовите учења, повеќе нема да му робува на гревот. Гревот повеќе нема да владее со него како цар на чии заповеди тој се покорува. Повеќе не е заробеник на начинот на живот кој е без цел и кој ја оптоварува совеста. Ќе се радува на чиста совест пред Бог бидејќи минатите гревови му се простени на темел на неговата вера во Христовата жртва. Неговите грешни склоности можеби ќе се обидат да дојдат до израз, но ако тој одбива да им попушти, сеќавајќи се на чистата Христова наука, ќе покаже дека гревот не владее со него (Рим. 6:12-17).
8. а) Каква натамошна слобода ни дава вистинското христијанство? б) Како тоа треба да влијае на нашиот став спрема световните владетели?
8 Како христијани ние уживаме голема слобода. Ослободени сме од последиците на лажните учења, од ропството на суеверјето и од робувањето на гревот. Величествените вистини за состојбата на мртвите и воскресението нѐ ослободиле од неразумниот страв од насилна смрт поради кој луѓето ја потиснуваат својата совест. Спознанието дека несовршените човечки влади ќе бидат заменети со Божјето праведно Царство, нѐ ослободува од безнадежноста. Но таквата слобода не ни дава право да бидеме безобѕирни спрема законот или да не ги почитуваме владините службеници, под изговор дека наскоро стариот систем ќе го снема (1. Петр. 2:16, 17; Тит 3:1, 2).
9. а) Како Јехова љубезно ни помага да уживаме најголема мера на слобода која сега е можна за луѓето? б) Како можеме со своите одлуки да покажеме дека јасно ги разбираме последиците од Адамовата злоупотреба на слободата?
9 Јехова не бара од нас преку испробување да процениме кој е најдобриот начин на живот. Тој знае како сме создадени, што може навистина да нѐ задоволи и да ни даде чувство на лично достоинство, и што ќе биде од најтрајна корист за нас. Тој исто така го знае својот временски план за остварување на својата намера, па според тоа знае и која активност за нас денес е најдобра. Тој исто така знае кои мисли и однесување можат некого да го изопачат или да го расипат неговиот однос со другите, дури и да доведат до тоа дотичниот да ги проигра благословите на Божјето Царство. Затоа тој љубезно нѐ известува за овие работи преку Библијата и преку својата видлива организација (Гал. 5:19-23, NW; Марко 13:10; спореди 1. Тимотеј 1:12, 13.) Оттука нам ни преостанува да ја користиме нашата од Бог дадена слободна волја, да одлучиме како ќе постапиме. Ако сме зеле при срце што Библијата ни кажува за тоа како Адам ја загубил слободата што му била дадена на човештвото на самиот почеток, ќе донесуваме мудри одлуки. Ќе покажеме дека добриот однос со Јехова е најважната работа во нашиот живот.
Копнеж по еден друг вид на слобода
10. По каков вид слобода тежнеат некои кои велат дека се христијани?
10 Понекогаш, некои млади луѓе кои пораснале како Јеховини сведоци, а и некои други кои веќе не се толку млади, почнуваат да чувствуваат дека сакаат друг вид на слобода. Светот може да им изгледа привлечен, и колку повеќе размислуваат за тоа, толку посилна станува во нив желбата да прават некои работи што ги прават луѓето во светот. Можеби немаат намера да одат толку далеку, па да земаат дрога, да се опиваат или да вршат блуд. Но времето после училиште или после работа почнуваат да го поминуваат со световно друштво. Секако, тие сакаат да бидат прифатени од нивните нови другари, и така почнуваат да го имитираат нивниот говор и однесување (3. Јов. 11).
11. Од каде понекогаш доаѓа мамката за такво нешто?
11 Понекогаш мамката да се препуштиш на световно однесување доаѓа од некој друг кој тврди дека му служи на Јехова. Токму тоа се случило во Еден кога Сатана ја завел Ева, а потоа Ева го наговорила Адам да ѝ се придружи. Тоа им се случило и на првите христијани, а истите работи се случуваат и денес. Таквите поединци често сакаат возбудувања и копнеат по работи кои донесуваат големо задоволство. Ги наговараат и другите „малку да се забавуваат“. Тие ‚ветуваат слобода, додека самите се робови на расипаноста‘ (2. Петр. 2:18, 19, NW).
12. а) Кои се жалосните резултати од световниот начин на однесување? б) Зошто оние кои се впуштаат во тоа настојуваат да ги прават таквите работи дури и кога го знаат исходот?
12 Последиците од тоа не се пријатни. Недозволениот секс донесува душевен немир, а може да доведе и до болести, несакана бременост, а можеби и до развод на бракот (Изреки 6:32-35, NW; 1. Кор. 6:18; 1. Сол. 4:3-8). Злоупотребата на дрога доведува до раздразливост, предизвикува пречки во говорот, оштетување на видот, вртоглавица, тешкотии при дишењето, халуцинации и смрт. (Спореди Изреки 23:29-35, NW.) Тоа може да доведе до зависност, која наведува на криминал само за да се платат нови количини дрога. Оние кои се впуштаат во такво однесување обично знаат каков може да биде исходот. Но нивнот копнеж по забава и по сетилни задоволства ги наведува да ги затворат очите пред последиците. Тие се изговараат во себеси дека тоа е слобода, но потоа откриваат — воглавно предоцна — дека станале робови на гревот, а каков суров господар е гревот! Треба сега да размислуваме за тоа за да нѐ заштити да не доживееме такво нешто (Гал. 6:7, 8).
Каде започнуваат проблемите
13. а) Како честопати се будат желбите кои водат до овие проблеми? б) Чие гледиште ни е потребно, за да разбереме што е „лошо друштво“? в) Додека одговараш на прашањата на крајот од пасусот, истакни го Јеховиното гледиште. Одговори на секое прашање посебно.
13 Застани и размисли каде тие проблеми често започнуваат. Библијата објаснува: „Секој е искушуван кога го влече и мами неговата сопствена сласт. Потоа кога сласта ќе стане плодна, раѓа грев; а гревот пак, кога е извршен, раѓа смрт“ (Јак. 1:14, 15, NW). Но како се будат таквите желби? Преку она што влегува во мислите, а често тоа е резултат на дружењето со луѓе кои не ги применуваат библиските начела. Секако, сите ние знаеме дека треба да се избегнува „лошо друштво“. Но прашање е: Кое друштво е лошо? Што Јехова мисли за тоа? Ако размислуваме за следните прашања и стихови, тоа ќе ни помогне да донесеме исправни заклучоци.
Дали фактот што некои луѓе изгледаат чесни значи дека тие се добро друштво за нас? (Спореди 1. Мојсеева 34:1, 2, 18, 19.)
Можат ли нивните разговори, можеби нивните шеги, да покажат дали ние спаѓаме во нивното друштво? (Еф. 5:3, 4).
Имаме ли каква и да е причина да бидеме загрижени ако не веруваат како нас во истите работи во врска со Божјата намера? (Спореди 1. Коринтјаните 15:12, 32, 33, NW.)
Како би се чувствувал Јехова ако избереме друштво од луѓе кои не го сакаат него? (Спореди 2. Летописи 19:1, 2.)
Како можеме да покажеме дека не ги избираме за друштво 1. Петр. 4:3, 4).
иако можеби работиме со неверници или одиме на училиште со нив? (Гледањето телевизија и читањето книги, списанија и весници се исто така начини на дружење со другите. Од какви емисии и литература треба посебно да се чуваме во овие денови? (Изр. 3:31; Иса. 8:19; Еф. 4:17-19, NW).
Што му кажува на Јехова нашиот избор на друштво за тоа какви личности сме? (Пс. 26:1, 4, 5; 97:10, обата NW).
14. Каква величествена слобода ги очекува оние кои уште сега верно ги применуваат советите од Божјата Реч?
14 Божјето ново уредување е непосредно пред нас. Преку Неговото Царство човештвото ќе биде ослободено од поробувачкото влијание на Сатана и неговиот целокупен зол систем на ствари. Постепено сите последици на гревот ќе бидат отстранети од човештвото. Пред нив ќе биде вечниот живот во Рајот. Целото творештво конечно ќе ужива слобода која е во потполн склад со „Јеховиниот дух“ (2. Кор. 3:17, NW). Дали би имало смисла да ризикуваме да го изгубиме сето тоа затоа што сега лекомислено ќе гледаме на советите од Божјата Реч? Преку начинот на кој ја користиме нашата христијанска слобода денес, сите ние јасно да покажеме дека она што навистина го сакаме е „славната слобода на Божјите деца“ (Рим. 8:21, NW).
За повторување
● Каков вид слобода уживала првата човечка двојка? Како тоа може да се спореди со она што човештвото го доживува сега?
● За разлика од светот, каква слобода имаат вистинските христијани? Како е тоа можно?
● Која цена ја плаќаат оние кои ја бараат онаа слобода што ја има светот?
● Зошто е толку важно да се избегнува „лошо друштво“? За разлика од Адам, чии одлуки за тоа што е лошо ние ги прифаќаме?
[Прашања]