Животот и крвта — дали ги сметаш за свети?
Глава 20
Животот и крвта — дали ги сметаш за свети?
1. а) Како Бог гледа на животот? б) Како ние можеме да покажеме дека го цениме Божјиот дар на живот?
НЕ ТРЕБА да нѐ изненади тоа што Божјето гледиште за животот многу се разликува од она на светот. За Бог, човечкиот живот е свет. Дали и ти размислуваш така? Ние сме наполно зависни од Бог кој „на сите им дава живот, дишење и сѐ“ (Дела 17:25-28; Псал. 35:9). Ако го застапуваме Божјето гледиште, нашите животи ќе бидат заштитени. Меѓутоа, ние нема да го прекршиме божествениот закон само за да го спасиме својот сегашен живот. Го цениме Божјето ветување дека ќе им даде вечен живот на оние кои навистина покажуваат вера во неговиот Син (Матеј 16:25, 26; Јован 6:40; Јуда 21).
2. Чиј став за животот го одразува светот, и до каков заклучок понекогаш тоа води?
2 Спротивно на тоа, Сатана Ѓаволот, владетелот на овој свет „е човекоубиец од почетокот“, како што рекол Исус (Јован 8:44; 12:31). Тој на луѓето им нанесувал смрт уште од самиот почеток на неговиот бунтовнички пат. Светската историја, полна со насилство, го одразува неговот дух. Но, Сатана може да се претстави и во поинакво светло. Така, луѓето кои се под влијание на неговото размислување можеби тврдат дека е сосем исправно да се биде религиозен, но кога е во прашање животот, подобро е да го послушаме нивниот „стручен“ совет наместо да ја цитираме Библијата. (Спореди 2. Коринтјаните 11:14, 15.) На која страна ќе натежне нашето срце кога ќе се соочиме со таква ситуација каде што се работи за живот или смрт? Се разбира, треба да имаме желба да му угодиме на Јехова.
3. а) Зошто треба да бидеме посебно заинтересирани за она што Библијата го вели за крвта? б) Прочитај ги 1. Мојсеева 9:3-6 и Дела 15:28, 29 и одговори на прашањата наведени во врска со овој текст.
3 Божјата Реч открива дека помеѓу животот и крвта постои тесна врска, кога вели: „Зашто душата [или животот] на секое тело е неговата крв“. Исто како што е свет животот, Бог ја посветил и крвта. Таа му припаѓа нему, и затоа треба да се употреби само на начин којшто тој го одобрува (3. Мој. 17:3, 4, 11; 5. Мој. 12:23). Затоа, исправно ќе постапиме ако внимателно разгледаме што бара тој од нас во врска со крвта.
Прочитај 1. Мојсеева 9:3-6
Поради кои обичаи во твоето место на живеење треба да внимаваш да не јадеш животинска крв?
Со оглед на она што е речено во стих 4 за животинската крв, како би реагирал на пиење на човечка крв (што било вообичаено во гладијаторските борби во Рим)?
Како што е произлегува од 5. и 6. стих, пред кого првенствено некој мора да одговара за пролевање на човечка крв?
Прочитај Дела на св. апостоли 15:28, 29
Дали тука е речено дека барањата ќе важат само еден ограничен период? Дали тие важат и за нас?
Дали од начинот на изразување што е употребен овде може да се разбере дека тоа не важи за човечката крв?
Дали текстот укажува дека во итни случаи смеат да се направат исклучоци?
4. Кои мерки мора некој да ги преземе според Библијата за да не биде виновен за крв?
4 Не смееме да мислиме дека сме ослободени од вина за човечка крв само затоа што не сме извршиле убиство. Ако сме дел од некоја организација која е виновна за крв пред Бог, мораме — како што покажува Библијата — да ги прекинеме сите наши врски со неа ако не сакаме да учествуваме во нејзините гревови (Отк. 18:4, 24; Михеј 4:3). Тој чекор мора неодложно да се направи.
5. Каква врска постои меѓу марливоста во службата на проповедање и ослободувањето од вина за крв?
5 Што се однесува до Божјите слуги кои што тој ги овластил да предупредуваат за уништувањето кое доаѓа во големата неволја, за да останат чисти од вина за крв мораат верно да ја објавуваат таа вест. (Спореди Језекиил 3:17-21.) Со оглед на службата која му била доверена, апостолот Павле себеси се сметал за должник спрема сите луѓе. Дури откако им дал темелно сведоштво за Божјата подготовка за спасение, се сметал за ослободен од одговорноста за нивната крв (Рим. 1:14, 15; Дела 18:5, 6; 20:26, 27). Дали со твојата марливост во службата на проповедање покажуваш дека и ти си свесен за одговорноста која лежи на сите Јеховини сведоци?
6. Каква врска постои меѓу заштитата од несреќни случаи и почитувањето за светоста на животот?
6 Несреќните случаи кои би можеле да предизвикаат смрт, би требало исто така да бидат причина за сериозна загриженост. Под Мојсеевиот Закон, лицата кои случајно би предизвикале смрт на ближниот не биле сметани за невини. Биле казнувани (2. Мој. 21:29, 30; 5. Мој. 22:8; 4. Мој. 35:22-25). Ако го земеме при срце начелото што е вклучено тука, внимателно ќе се чуваме да не предизвикаме некој смртен случај со начинот на возење или со некои смели постапки и да не дозволиме во нашиот дом или на работното место да постојат извори на опасности. Дали твојот став спрема ваквите работи одразува потполно ценење за светоста на животот?
Како е со медицинската употреба на крв?
7. а) Дали трансфузијата на крв од еден човек во друг е споива со светоста на крвта? б) Зошто е неразумно да се мисли дека заповедта да се „воздржуваме од крв“ се однесува само на обичаи од првиот век?
7 И покрај тоа што ваквата пракса не е ништо ново, крвта, особено во 20. век, се употребува во голема мерка за трансфузија со намера да се спаси живот. За ваква цел се користи како крвта така и нејзините основни состојки. Се разбира, ваквите медицински постапки не гарантираат дека пациентот нема да умре. Всушност, понекогаш смртта може да настапи како директна последица на трансфузија на крв. Но што е уште поважно, дали библиското барање ‚да се воздржуваме од крв‘ се однесува и на ваквата медицинска постапка? Сигурно! Оној кој во своето тело зема крв од какво и да е друго суштество, било човечко или животинско, го престапува Божјиот закон. Со тоа покажува непочитување спрема светоста на крвта (Дела 15:19, 20). Не постои основа да се мисли дека заповедта ‚да се воздржуваме од крв‘ се однесувала само на обичаи од првиот век, а не на современите медицински техники. Размисли: Кој би можел да тврди дека библиската заповед против убиство не се однесува на убиство со пушка затоа што пушката била измислена многу подоцна? И дали би било разумно да се тврди дека забраната за пијанство се применува само во врска со пијалоците кои биле познати во првиот век, а не и на денешните жестоки пијалоци? За лицата кои навистина сакаат да му се допаднат на Бог, сосема е јасна пораката што е пренесена преку заповедта да се ‚воздржуваме од крв‘.
8. а) Како можеш да одлучиш дали некоја медицинска постапка е прифатлива за еден христијанин? б) Ако лекарот бара да се извади дел од твојата крв за да се складира, а потоа повторно да се врати во твоето тело во текот на операцијата, кои библиски начела можат да ти помогнат да донесеш разумна одлука? в) Како може некој да размислува за постапка при која крвта циркулира низ некоја направа надвор од телото?
8 Меѓутоа, сложеноста на некои медицински постапки дава повод за некои прашања. Како можеме да ги решиме? Најпрвин, замоли го својот лекар точно да ти ја објасни предложената терапија. Потоа анализирај го тоа во молитва во склад со библиските начела. Лекарот може да те советува да дозволиш да се земе дел од твојата сопствена крв и да се складира за подоцна, доколку биде потребна да се употреби при операцијата. Дали ќе се согласиш? Сети се дека според Божјиот Закон даден преку Мојсеј, крвта што е отстранета од некое суштество треба да се пролие на земја (5. Мој. 12:24). Ние денес не сме под Мојсеевиот Закон, но основната порака е дека крвта е света и дека штом се извади од телото на некое суштество, таа треба да му се врати на Бог така што ќе се пролее на неговото подножје, односно но Земјата. (Спореди Матеј 5:34, 35.) Затоа, како би можело да биде исправно твојата крв да се складира (дури и за релативно кратко време), а потоа да се врати назад во твоето тело? Но, што ако лекарот вели дека во текот на операцијата или во текот на некоја друга постапка твојата крв ќе биде спроведена преку опрема надвор од твоето тело, а потоа повторно ќе ја вратат? Дали ќе прифатиш? Некои сметале дека со чиста совест можат да го дозволат тоа доколку опремата претходно е наполнета со течност која не е крв. Тие ја сметаат таквата надворешна опрема како продолжение на својот крвоток. Се разбира, постојат различни ситуации, а ти мораш самиот да одлучиш. Но најважно е при донесувањето на твојата одлука да имаш чиста совест пред Бог (1. Петр. 3:16; 1. Тим. 1:19).
9. а) Кои мерки на претпазливост треба да ги преземеш за да бидеш сигурен дека ќе се почитува твојата одлука да се ‚воздржуваш од крв‘? б) Како е можно понекогаш дури и во итен случај да се избегне непријатен конфликт? в) Што би сторил ако лекарот или судот се обиде да те присили на трансфузија на крв?
9 За да бидеш сигурен дека лекарот ќе ја почитува твојата одлука да се ‚воздржуваш од крв‘, разговарај со него пред да се јави потреба од некоја итна медицинска постапка. Доколку е потребно да се лечиш во болница, преземи мерки на претпазливост така што писмено ќе побараш да не се употребува крв, а исто така разговарај лично за тоа со лекарот кој ќе го води твојот случај. Но што ако ненадејно дојде до итен случај? Непријатните конфликти често пати можат да се избегнат ако разумно и со почитување поразговараш со лекарот и го замолиш да го стори најдоброто што го може за да помогне, но при тоа да ја почитува твојата христијанска совест (Изр. 15:1; 16:21, 23). Меѓутоа, што да се стори ако медицинскиот персонал се обидува да те присили да примиш крв, најдобронамерно тврдејќи дека доколку одбиеш крв тоа ќе го загрози твојот живот? Вербата во исправноста на Јеховините патишта ќе ни помогне да останеме цврсти. Лојалноста кон Јехова мора да нѐ наведе одлучно да се спротивставиме на притисокот бидејќи сме одбрале да го слушаме Бог повеќе отколку луѓето (Дела 5:29; спореди Јов 2:4; Изр. 27:11).
Колку е тоа сериозно?
10. Зошто тврдењето дека со трансфузија на крв можеме да си го спасиме животот нема да го смени нашето гледиште по тоа прашање?
10 За луѓето кои сѐ уште не го познаваат Јехова, доказите кои одат во прилог на трансфузијата на крв можеби понекогаш навидум покажуваат високо почитување за светоста на животот. Но не смееме да заборавиме дека многумина кои го тврдат ова, исто така одобруваат да се уништи живот со абортус. Јехова знае за животот и крвта повеќе отколку било кој медицински „стручњак“. Сите Негови заповеди се покажале дека се за наше добро и дека го заштитуваат нашиот сегашен живот и нашите идни изгледи (Иса. 48:17; 1. Тим. 4:8). Зарем е нешто поинаку со заповедта да се ‚воздржуваме од крв‘?
11. а) Само за која цел Јехова им дозволил на Израелците да употребуваат крв? б) Зошто е ова посебно важно за нас како христијани?
11 Сериозноста да се почитува светоста на крвта е нагласена со она што Јехова го рекол за единствениот начин на кој таа може да се употреби. „Зашто душата на секое тело е неговата крв, и Јас ви ја дадов за жртвеникот за да се молите за душите ваши, бидејќи таа крв ќе се помоли место душата. Поради тоа и им реков на синовите Израилеви: ниедна душа меѓу вас не смее да јаде крв“ (3. Мој. 17:11, 12). Сета животинска крв која била излиена врз Јеховиниот олтар во склад со тоа барање ја предочувала скапоцената крв на Исус Христос (Евр. 9:11, 12; 1. Петр. 1:18, 19). Божјиот закон кој забранува секаква друга употреба на крв на тој начин ја истакнува светоста на самата Исусова крв. Оттука може да се види дека секаква злоупотреба на крвта покажува огромно непочитување на Јеховината подготовка за спасение преку неговиот Син.
12. Зошто еден вистински христијанин, дури иако е соочен со смрт, нема да прибегне кон било каква злоупотреба на крвта само за да остане жив?
12 Колку кратковидно би било кога би му го свртеле грбот на Бог кога ќе се соочиме со ситуација во која се работи за живот или смрт! Иако ја цениме службата на совесните лекари, ние не се обидуваме очајнички да го продолжиме својот живот или пак животите на нашите сакани само за неколку дена или години, на тој начин што ќе го прекршиме Божјиот закон, како сегашниот живот да е сѐ што имаме. Ние имаме вера во вредноста на Исусовата пролиена крв и во вечниот живот кој со тоа ни е овозможен. Со целото наше срце веруваме дека верните Божји слуги — дури и оние кои ќе умрат — ќе бидат наградени со вечен живот (Јован 11:25; 1. Тим. 4:10).
За повторување
● Што ги прави животот и крвта свети? Зошто светот тврди поинаку?
● Како покажуваме почитување спрема светоста на животинската крв?
● На кои различни начини би требало секој од нас да покаже дека човечкиот живот го смета за свет? Колку е важно да го правиме тоа?
[Прашања]