,Борба против зли духовни сили‘

,Борба против зли духовни сили‘

Глава 8

,Борба против зли духовни сили‘

1. Зошто активноста на злите духови е од посебен интерес за нас?

 ЛУЃЕТО кои се материјалистички настроени можеби се потсмеваат на идејата за постоење на зли духови. Но тоа воопшто не е смешно. Сеедно дали тие веруваат или не, демонската активност врши притисок на секого. Ниту обожавателите на Јехова не се исклучок, напротив, тие се главна мета. Апостол Павле нѐ предупредува на овој судир, со зборовите: „Нашата борба не е против крв и месо, туку против владите [кои не се во подрачјето на крв и месо], против властите, против светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небеските места“ (Еф. 6:12, NW). Во наше време притисокот достигнал кулминација затоа што Сатана е исфрлен од небото и е бесен, знаејќи дека неговото време е кратко (Отк. 12:12).

2. Како е можно успешно да се бориме против натчовечки духови?

2 Како можеме да победиме во борбата против натчовечките духовни сили? Само со потполна доверба во Јехова. Мораме да го слушаме него и да сме послушни на неговата Реч. Ако го правиме тоа, тогаш ќе бидеме поштедени од физички, морални, емоционални и душевни штети кои ги доживуваат оние кои се под Сатанска контрола (Еф. 6:11; Јак. 4:7).

Светски владетели во небесните простори

3. На што и кому Сатана пакосно му се противи?

3 Јехова живописно ни ја опишува светската ситуација како што ја гледа од својата поволна положба на небесата. На апостол Јован тој му дал визија во која Сатана бил осликан како „голем црвен змев“ кој тежнеел да го проголта, ако е можно, Божјето Месијанско Царство, веднаш откако тоа ќе се роди на небото во 1914 н. е. Не успевајќи во тоа, Сатана се нафрлил на видливите претставници на тоа Царство, второстепениот дел од семето на Божјата „жена“, со бран од жестоки прогонства (Отк. 12:3, 4, 13, 17).

4. а) На кој факт, во однос на изворот на моќта на човечките влади, нѐ предупредува Библијата? б) За што сега се собираат сите политички владетели, и кој ги собира?

4 Изворот на моќта и власта на човечките влади бил исто така разоткриен во откровението дадено на Јован. Му била покажана дива ѕверка со обележја на различни животни, со 7 глави и 10 рогови, која има власт „над секое племе и народ и јазик и нација“. Таа не ја претставува само една влада, туку глобалниот политички систем. Јован бил известен дека ‚змејот [Сатана Ѓаволот] ѝ ја дал на ѕверката својата моќ и својот престол и голема власт‘ (Откр. 13:1, 2, 7, NW; спореди Лука 4:5, 6). И покрај било кое религиозно уверување на тие политички владетели, ниту еден член од нациите на „ѕверката“ не се подложил на Јеховината сувереност и на неговиот наименуван Цар, Исус Христос. Сите тие се борат да го задржат својот сопствен суверенитет. Денес, како што покажува Откровението, „изјави инспирирани од демони“ ги собираат сите нив во „војната на големиот ден на Бог, Семоќниот“ во Хар-Магедон (Откр. 16:13, 14, 16, NW). Навистина, како што напишал апостол Павле, „светските владетели“ не се само луѓе, туку ‚зли духовни сили на небесните места‘ (Еф. 6:12, NW). Сите кои ќе се покажат како прави обожаватели на Јехова мораат да го сфатат полното значење на овој факт.

5. Зошто е потребна претпазливост за да не бидеме заведени да го поддржуваме Сатановиот систем?

5 Секојдневно, нашите судири се погодени од судирите кои го раздвојуваат човечкото семејство. Вообичаено е луѓето со зборови или со дела да застапуваат некоја нација, племе, јазична група или социјална класа на која тие припаѓаат. Дури и кога групата на населението на која некој ѝ припаѓа не е директно вклучена во некој текушт судир, тие можат да ѝ даваат предност на едната или на другата страна. Но, што тие луѓе всушност поддржуваат, без оглед за каква неприлика станува збор, односно за кое лице или повод некој се зазема? Библијата јасно наведува дека „целиот свет лежи во моќта на злиот“ (1. Јов. 5:19, NW). Како, тогаш, некој може да избегне да не биде заведен како останатиот дел од човештвото? Само ако својата целосна поддршка му ја пружи на Божјето Царство и ако задржи потполна неутралност во однос на судирите меѓу различните партии во светот (Јован 17:15, 16, NW).

Подмолни методи на Злобниот

6. Што спаѓа во средствата кои Сатана ги употребува за да ги одврати луѓето од вистинското обожавање?

6 Во секое време од историјата, Сатана употребувал вербални и физички прогонства за да одврати поединци од вистинското обожавање. Но тој исто така применувал и попрефинети средства — лукави постапки и подмолни методи.

7. Како се покажува Сатановата вештина во неговата употреба на лажната религија?

7 Тој вешто го држи големиот дел од човештвото во темнина преку лажната религија, допуштајќи им да мислат, ако така сакаат, дека му служат на Бог. Бидејќи им недостига искрена љубов кон вистината, тие можат да бидат привлечени од мистични и емотивни религиозни служби или да бидат импресионирани од моќни дела (2. Сол. 2:9, 10). Но ние сме предупредени дека дури и меѓу оние кои имаат удел во вистинското обожавање, „некои ќе отпаднат . . . обрнувајќи внимание на заведувачки инспирирани изјави и демонски науки“ (1. Тим. 4:1, NW). Како може тоа да се случи?

8. Како Сатана ги намамил во лажна религија дури и некои кои го обожавале Јехова?

8 На подмолен начин, Ѓаволот ги користи слабостите на поединецот. Дали сѐ уште го обзема стравот од луѓето? Ако да, тогаш тој може да го изложи на притисок од роднините или соседите да учествува во обичаи кои потекнуваат од лажната религија. А што ако лицето е гордо? Во тој случај може да се навреди кога некој му дава совет или кога другите не ги прифаќаат идеите што тој ги застапува (Изреки 29:25; 15:10; 1. Тим. 6:3, 4, сите NW). Што ако неговото учествување во службата на проповедање не е мотивирано од љубов? Наместо да ги прилагоди своите гледишта за да ги усклади со примерот на Христос, тој може да биде склон кон оние кои ‚му ги скокоткаат ушите‘ и велат дека е доволно само да се чита Библијата и да се води „пристоен живот“ (2. Тим. 4:3, NW). На Сатана му е сеедно дали тој дословно ќе се придружи на друга религиозна група или ќе остане при своето религиозно сфаќање сѐ додека не го обожава Јехова на начинот како што Бог заповедал преку својата Реч и организација.

9. Како Сатана лукаво го употребил половиот нагон за да ги исполни своите цели?

9 Сатана исто така лукаво ги наведува луѓето да ги задоволуваат своите нормални желби на погрешни начини. Тоа го сторил со желбата за интимни односи. Одбивајќи го библискиот морал, многумина во светот на сексуалните односи помеѓу невенчани лица гледаат како на оправдано задоволство или како на начин да се докажуваат дека се возрасни. А како е со венчаните лица? За световните луѓе кои доживуваат брачни проблеми не е невообичаено да се разведат и да се превенчаат или само да се одвојат и живеат со друг партнер. Кога го посматраме овој начин на живот, чувствуваме ли дека пропуштаме нешто или дека христијанскиот начин на живот е престрог? Сатановото префинето пристапување има цел да предизвика лицето да мисли дека Јехова го лишува од нешто добро. Тој нѐ бодри да мислиме на задоволствата кои ги имаме сега — а не на долгорочните последици за нас, за другите, и секако, за нашиот однос со Јехова и неговиот Син (Гал. 6:7, 8; 1. Кор. 6:9, 10).

10. Со кои средства Сатана се обидува да го поткопа нашиот став кон насилството?

10 Друга природна желба е желбата за забава. Кога е здрава, таа може физички, душевно и емотивно да освежува. Но како реагираме кога Сатана вешто ги користи приликите за опуштање за да се обиде нашето размислување да го оддалечи од Божјето? Ние знаеме, на пример, дека Јехова ги мрази оние кои го сакаат насилството (Псалми 11:5, NW). Но кога тоа се прикажува во ТВ филмовите или во театар, дали пасивно седиме и го впиваме тоа во себе? Или, кога се прикажува насилство во името на спортот, дали го прифаќаме, можеби дури навивајќи за учесниците? (Спореди 1. Мојсеева 6:13, NW.)

11. На кој начин може дури некој кој ја спознал вистината за спиритизмот да биде уловен, ако не е буден?

11 Исто така, свесни сме дека оние кои се препуштаат на која и да е форма на спиритизам — гатање, волшебништво или повикување на духовите — се „нешто одвратно на Јехова“. Ние немаме намера да бараме совет од духовните медиуми и секако не ги повикуваме во нашиот дом за да ги практицираат своите демонски вештини. Но дали ги слушаме и гледаме фасцинирано кога ќе се појават на нашиот ТВ екран? Иако никогаш нема да прифатиме третман на надрилекар, можеби врзуваме врвка околу зглобот на рачето на нашето новороденче со мислата дека тоа може некако да го заштити од зло? Или, ако знаеме дека Библијата забранува ‚да се врзуваат другите со урок‘, ќе дозволиме ли некој хипнотизер да ги контролира нашите мисли, па дури и ако е за кратко време? (5. Мој. 18:10-12, NW; Гал. 5:19-21).

12. а) Како се користи музиката за да нѐ наведе да размислуваме за работи кои знаеме дека се погрешни? б) Како може нечија облека, фризура или начин на зборување да покаже дека тој им се восхитува на оние чијшто животен стил Јехова не го одобрува? в) Што се бара од нас ако сакаме да не станеме жртва на подмолните Сатанови методи?

12 Во Писмата сме читале дека ‚блуд и секаков вид нечистота [особено не со неприкладен мотив] дури ни да се спомнува меѓу нас‘ (Еф. 5:3-5, NW). Но што ако таквите теми се вешто придружени со музика која има угодна мелодија, допадлив ритам или упадлив такт? Почнуваме ли можеби несвесно да повторуваме стихови кои го возвишуваат предбрачниот секс, употребата на дроги заради задоволство и уште повеќе? Или, иако знаеме дека не треба да го имитираме начинот на живот на луѓе кои се препуштиле на таквите работи, дали сме склони да се поистоветуваме со нив, имитирајќи го нивниот начин на облекување, нивните фризури или начинот на зборување? Колку Сатана е препреден! Колку се подмолни методите што ги користи за да ги наведе луѓето да се ускладат со неговите расипани мисли! (2. Кор. 4:3, 4). За да не станеме жртви на неговите подмолни методи, мораме да избегнуваме да не бидеме одвлечени со светот. Треба да задржиме на ум кои се ‚светските владетели на оваа темнина‘ и сесрдно да се бориме против нивното влијание (Еф. 6:12, NW; 1. Петр. 5:8).

Опремени да победиме

13. Како е можно и покрај нашата несовршеност да го победиме светот над кој владее Сатана?

13 Пред својата смрт, Исус им рекол на своите апостоли: „Охрабрете се! Јас го победив светот“. Затоа, и тие можеле да бидат победници; а преку 60 години подоцна, апостол Јован напишал: „Кој го победува светот, ако не оној, кој верува дека Исус е Син Божји?“ (Јован 16:33, NW; 1. Јов. 5:5). Таквата вера се покажува преку нашата послушност спрема Исусовите заповеди и со ослонување на Божјата Реч, како што правел самиот тој. Што друго е потребно? Да останеме блиску до собранието чија глава е тој. Кога ќе погрешиме, мораме сесрдно да се покаеме и да бараме Бог да ни прости на темел на Исусовата жртва. На тој начин, и покрај нашата несовршеност, и ние можеме да победиме.

14. а) Прочитај Ефесјаните 6:13-18. б) Употреби ги наведените прашања и стихови како темел за дискутирање за користа од секој дел од духовната опрема.

14 За да успееме, потребно е да ја облечеме „комплетната воена опрема од Бог“, не занемарувајќи ниту еден дел од неа. Те молиме отвори ја твојата Библија во Ефесјаните 6:13-18 (NW) и прочитај како е опишана таа опрема. Потоа, преку одговорите на долу наведените прашања, размисли како може да ти користи заштитата што ја пружа секој дел од опремата.

 „Бедрата опашани со вистина“

 И покрај тоа што сме ја спознале вистината, како нѐ заштитуваат редовната студија, медитативното размислување за библиската вистина и посетувањето на состаноците? (Фил. 3:1; 4:8, 9; 1. Кор. 10:12, 13; 2. Кор. 13:5, NW; 1. Петр. 1:13, Kingdom Interlinear).

 ‚Граден оклоп на праведност‘

 Кој ги поставува мерилата на праведност? (Отк. 15:3).

 Илустрирај како непослушноста спрема Јеховините заповеди, заради пропустот да се негува љубов кон неговите патишта, може некого да го изложи на голема духовна штета. (Види 1. Самуелова 15:22, 23, NW; 5. Мојсеева 7:3, 4.)

 „Нозе обуени во опремата на добрата вест на мирот“

 Како за нас е заштита тоа што нашите нозе се постојано вработени и нѐ носат да им зборуваме на луѓето за Божјите подготовки за мир? (Рим. 10:15; Псал. 72:2, 3; 1. Тим. 5:13).

 ‚Голем штит на верата‘

 Ако имаме цврсто втемелена вера, како ќе реагираме кога ќе се соочиме со некој кој се обидува да ни всади сомневање или страв? (Спореди 2. Тимотеј 1:12; 4. Царства 6:15-17.)

 ‚Шлем на спасението‘

 Како надежта за спасение му помага на некого да избегне да не биде уловен во прекумерната загриженост за материјалните поседи? (1. Тим. 6:7-10, 19).

 ‚Меч на духот‘

 На што треба секогаш да се потпираме за да се браниме од силните напади усмерени против нашата или духовноста на другите? (Псал. 118:98; Изр. 3:5, 6; спореди Матеј 4:3, 4).

 Во согласност со Ефесјаните 6:18, 19 (NW), што уште е важно за да успееме во духовната војна? Колку често треба тоа да го правиме? Во корист на кого?

15. а) Дали е тоа само лична духовна војна која ја водиме? б) Како можеме во борбата да стапиме во напад?

15 Како христијански војници ние сме дел од големата војска која е вклучена во духовна војна. Ако останеме будни и добро ја користиме комплетната воена опрема од Бог, нема да бидеме поразени во оваа војна. Наместо тоа, ќе бидеме помош во зајакнувањето на другите Божји слуги. Ќе бидеме подготвени и спремни да стапиме во напад, ширејќи ја добрата вест за Божјето Месијанско Царство, владата на која Сатана толку жестоко ѝ се противи.

За повторување

● Зошто обожавателите на Јехова настојуваат да задржат потполна неутралност во однос на судирите помеѓу елементите на светот?

● Кои се некои од подмолните методи кои Сатана ги користи за духовно да ги уништи христијаните?

● Како оружјето кое го обезбедува Бог нѐ штити на начини кои се пресудни во оваа духовна војна?

[Прашања]