Зошто толку многу страдања и неправди?

Зошто толку многу страдања и неправди?

Дел 6

Зошто толку многу страдања и неправди?

1, 2. Кое прашање може да се постави во врска со човечкото искуство?

1 Меѓутоа, ако Врховното Битие имало намера на Земјата засекогаш да живеат совршени луѓе во рајски околности и ако тоа е сѐ уште негова намера, зошто сега нема рај? Зошто, наместо тоа, човештвото со векови доживувало толку многу страдања и неправди?

2 Без сомнение, човечката историја е преполна со беда предизвикана од војни, империјалистичко освојување, експлоатација, неправда, сиромаштво, несреќа, болест и смрт. Зошто толку многу лоши работи им се случиле на толку многу невини жртви? Ако Бог е семоќен, зошто илјадници години допуштал толку многу страдања? Бидејќи Бог толку добро го замислил и уредил универзумот, зошто би дозволил неред и разорување на Земјата?

Пример

3-5. а) Која споредба ни помага да разбереме зошто еден Бог на редот би дозволил неред на Земјата? б) Која од повеќето претпоставки одговара на ситуацијата во која се наоѓа Земјата?

3 Да земеме еден пример за да илустрираме зошто Бог на редот би дозволил неред на Земјата. Замисли, одиш во шума и наидуваш на една куќа. Кога ќе ја прегледаш куќата, увидуваш дека се наоѓа во неред. Прозорците се искршени, покривот е многу оштетен, дрвениот трем е полн со дупки, вратата виси на една шарка, и не функционира водоводната инсталација.

4 Со оглед на сите овие оштетувања, дали би заклучил дека оваа куќа нема интелигентен конструктор? Дали нередот би те уверил дека куќата се создала случајно? Или, ако заклучиш дека некој навистина ја замислил и изградил, дали би помислил дека тој човек бил невешт и непромислен?

5 Кога потемелно ќе ја испиташ градбата, ќе увидиш дека на почетокот таа била добро направена, давајќи докази за добро промислена грижа. Но сега едноставно се распаѓа и е на пат да се сруши. На што би можеле да укажуваат оштетувањата и проблемите? Можеби на тоа дека 1) сопственикот умрел; 2) тој е способен градител кој повеќе не е заинтересиран за куќата; или 3) привремено им го изнајмил својот посед на неблагодарни станари. Последнава претпоставка е слична со ситуацијата во која се наоѓа Земјава.

Што тргнало наопаку

6, 7. Што се случило со Адам и со Ева кога го прекршиле Божјиот закон?

6 Од раниот библиски извештај учиме дека не била Божја намера луѓето да страдаат или да умираат. Нашите прародители, Адам и Ева, умреле само затоа што не го послушале Бог (1. Мојсеева, поглавја 2 и 3). Кога станале непослушни, повеќе не ја вршеле Божјата волја. Не биле веќе под Божјата грижа. Всушност, ги прекинале врските со „изворот на животот“ (Псалм 35:9).

7 Како една машина која ќе забави и ќе запре кога ќе ја исклучиме од изворот на енергија, така и нивните тела и умови се дегенерирале. Како резултат на тоа, Адам и Ева почнале да слабеат, остареле и на крајот умреле. Што се случило тогаш? Тие се вратиле таму од каде што и дошле: ‚Земја си, и во земја ќе се вратиш!‘ Бог ги предупредил дека смртта ќе биде последица на непослушноста спрема неговите закони: „Ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:17; 3:19).

8. Како влијаел врз човечката фамилија гревот на нашите прародители?

8 Не умреле само нашите прародители туку и сите нивни потомци, целата човечка раса, се подложни на смрт. Зошто? Затоа што според законите на генетиката, децата ги наследуваат карактеристиките на своите родители. А децата на нашите прародители наследиле несовршеност и смрт. Римјаните 5:12 ни соопштува: „Гревот влезе во светот преку еден човек [Адам, прататкото на човештвото], а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија [со тоа што наследиле несовршеност, односно грешни склоности]“. И бидејќи гревот, несовршеноста и смртта се единствените работи што луѓето ги знаат, некои ги сметаат за природни и неизбежни. Сепак, првите луѓе биле создадени со способноста и желбата вечно да живеат. Затоа, повеќето луѓе се фрустрирани од изгледот нивниот живот да биде прекратен со смрт.

Зошто толку долго?

9. Зошто Бог дозволил страдањето да трае толку долго?

9 Зошто Бог дозволил толку долго време луѓето да одат по свое? Зошто дозволил да постои страдањето низ сите овие многубројни столетија? Една важна причина е тоа што било покренато едно многу важно спорно прашање: Кој има право да владее? Треба ли Бог да биде Владетел над луѓето, или тие можат и самите успешно да владеат без него?

10. Каква способност им била дадена на луѓето и со каква одговорност?

10 Луѓето биле создадени со слободна волја, односно со способноста за избор. Не биле создадени како роботи или како животни, водени главно од инстинкт. Значи, луѓето можат да изберат на кого ќе му служат (5. Мојсеева 30:19; 2. Коринтјаните 3:17). Затоа, Божјата реч советува: „[Бидете] како слободни, а не како такви што ја употребуваат слободата како покрив на злобата, туку — како слуги Божји“ (1. Петрово 2:16). Меѓутоа, иако го имаат прекрасниот дар на слободна волја, луѓето мораат да ги прифатат последиците од нивниот избор на постапување.

11. Кој бил единствениот начин да се открие дали некое постапување независно од Бог може да биде успешно?

11 Нашите прародители направиле погрешен избор. Го избрале патот на независност од Бог. Вистина, Бог можел веднаш да ја казни со смрт првата бунтовна двојка откако таа ја злоупотребила својата слободна волја. Но, со тоа не би се решило прашањето во врска со Божјето право да владее над луѓето. Бидејќи првата двојка сакала независност од Бог, мора да се одговори прашањето: Дали тој пат би можел да доведе до еден среќен и успешен живот? Единствениот начин да се открие тоа било да им се дозволи на нашите прародители и на нивните потомци да одат по својот сопствен пат, бидејќи токму тоа и го избрале. Времето би покажало дали луѓето се создадени да владеат успешно со себеси, независно од нивниот Творец.

12. Како го оценил Јеремија човечкото владеење и зошто е тоа така?

12 Библискиот писател Јеремија знаел каков ќе биде исходот. Под водство на Божјиот моќен свет дух, односно активна сила, тој веродостојно напишал: „Знам, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои. Казни ме [исправи ме, НС] Господи“ (Јеремија 10:23, 24). Тој знаел дека луѓето мораат да бидат водени од Божјата небесна мудрост. Зошто? Едноставно речено, затоа што Бог не ги создал луѓето да бидат успешни без негово водство.

13. Без сомнение, што покажале резултатите од илјадниците години на човечко владеење?

13 Резултатите од илјадниците години на човечко владеење недвосмислено покажуваат дека луѓето не се во состојба да управуваат со своите работи одвоено од нивниот Творец. Бидејќи се обиделе во тоа, самите се виновни за катастрофалните последици. Библијата јасно го покажува тоа со зборовите: „Он [Бог] е тврдина; делата Божји се вистина, а сите патишта Негови се праведни; Бог е верен и неправда нема (во Него); Он е праведен и вистинит; но тие станаа и згрешија пред Него, тоа не се Негови деца поради пороците свои“ (5. Мојсеева 32:4, 5).

Наскоро Бог ќе интервенира

14. Зошто Бог повеќе нема да ја одложува својата интервенција во човечките работи?

14 Бидејќи низ вековите допуштил доволно време да се покаже неуспехот на човечката влада, Бог сега може да интервенира во човечките работи и да стави крај на страдањето, тагата, болеста и смртта. Бидејќи им дозволил на луѓето да се издигнат до врвот на нивните достигнувања во науката, индустријата, медицината и на другите полиња, повеќе нема потреба Бог да дава натамошни векови за луѓето кои се независни од нивниот Творец да покажат дали можат да донесат еден мирољубив, рајски свет. Не успеале во тоа и нема ни да успеат. Независноста од Бог довела до еден многу грд свет, полн со омраза и смрт.

15. Кој библиски совет е добро да го следиме?

15 Иако имало искрени владетели кои сакале да му помогнат на човештвото, нивните напори не успеале. Денес насекаде постојат докази за криза во човечкото владеење. Затоа, Библијата советува: „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение“ (Псалм 145:3).

[Прашања]

[Слика на страници 24 и 25]

Дури ни искрените светски владетели не успеале да донесат еден мирољубив, рајски свет