Како преживеала книгата?
Како преживеала книгата?
Древните списи имале природни непријатели — огнот, влагата, мувлата. Библијата не била имуна на таквите опасности. Записот за тоа како го преживеала забот на времето за да стане најдостапна книга во светот, се истакнува меѓу древните списи. Таа историја заслужува повеќе од минлив интерес.
ПИШУВАЧИТЕ на Библијата не ги врежале своите зборови на камен ниту, пак, ги впишале на трајни глинени плочки. Изгледа дека тие ги запишале своите зборови на трошливи материјали — папирус (направен од египетското растение со ист назив) и пергамент (направен од кожите на животни).
Што се случило со оригиналните списи? Тие веројатно се распаднале уште многу одамна, повеќето од нив во древниот Израел. Научникот Оскар Парет објаснува: „Обете средства за пишување [папирусот и кожата] се наоѓаат во подеднакво голема опасност од влага, мувла и различни ларви. Од секојдневно искуство знаеме колку лесно хартијата, па дури и цврстата кожа, се расипува на отворено или во влажна просторија“.1
Ако оригиналите повеќе не постојат, тогаш на кој начин зборовите на библиските писатели преживеале до нашево време?
Зачувани од прецизни препишувачи
Кратко време откако биле напишани оригиналите, почнале да се прават рачно напишани преписи. Всушност, во древниот Израел препишувањето на Писмото станало професија (1. Ездра 7:6; Псалм 45:1, обата НС). Но, и преписите биле запишувани на трошливи материјали. На крајот требало да се заменат со други рачно напишани преписи. Кога оригиналите исчезнале од сцената, овие преписи станале основа за идните манускрипти. Препишувањето на преписите било процес кој траел многу векови. Дали грешките на препишувачите во текот на вековите драстично го промениле библискиот текст? Доказите велат не.
Професионалните препишувачи биле многу оддадени. Тие имале длабоко почитување кон зборовите што ги препишувале. Исто така, тие биле и прецизни. Хебрејскиот збор преведен со „препишувач“ е софе́р и се однесува на броење и запишување. За да ја илустрираме точноста на препишувачите, да ги земеме предвид Масоретите. a Во врска со нив, научникот Томас Хартвел Хорн објаснува: „Тие . . . пресметувале која е средната буква на Пентатеухот [првите пет книги од Библијата], кој е средниот реченичен дел на секоја книга и колку пати секоја буква од [хебрејската] азбука се појавува во сите Хебрејски списи“.3
Значи, вешти препишувачи користеле неколку средства за паралелно проверување. За да избегнат да испуштат макар и една буква од библискиот текст, тие оделе толку далеку што не ги броеле само препишаните зборови туку и буквите. Размисли за грижливото внимание што било вклучено: Се вели дека воделе евиденција за 815.140 поединечни букви во Хебрејските списи!4 Таквиот трудољубив напор осигурал висок степен на точност.
Меѓутоа, препишувачите не биле непогрешни. Постои ли некаков доказ дека, и покрај вековите на постојано препишување, библискиот текст преживеал во веродостоен облик?
Цврста основа за доверба
Постои добра причина да се верува дека Библијата била точно пренесена до нашево време. Доказот се состои од рачно напишаните манускрипти кои постојат — се проценува дека има 6.000 од сите или, пак, од делови на Хебрејските списи и околу 5.000 од Христијанските списи на грчки. Во нив спаѓа и еден манускрипт на Хебрејските списи откриен во 1947 година, кој служи како пример за тоа колку точно било препишувањето на Писмото. Оттогаш бил наречен „најголемото откритие на манускрипти на денешните времиња“.5
На почетокот од таа година, додека еден млад бедуински овчар ги чувал своите стада, открил пештера во близината на Мртвото Море. Во неа пронашол неколку глинени ќупови, од кои повеќето биле празни. Меѓутоа, во еден ќуп кој бил цврсто запечатен тој пронашол кожен свиток кој бил внимателно завиткан во ленено платно и ја содржел комплетната библиска книга Исаија. На овој добро зачуван но излитен свиток се виделе дури и знаци дека бил поправен. Младиот овчар ни оддалеку не насетувал дека древниот свиток што го држел во рацете на крајот ќе го сврти вниманието на целиот свет.
Што било толку значајно во врска со овој посебен манускрипт? Во 1947 година, најстарите комплетни хебрејски манускрипти кои стоеле на располагање датирале од околу десеттиот век н. е. Но, овој свиток датирал од вториот век пр. н. е. b — повеќе од илјада години порано. c Научниците биле живо заинтересирани да откријат на кој начин овој свиток има сличност со манускриптите направени многу подоцна.
Во едно истражување, научниците го споредиле 53-тото поглавје на Исаија од свитокот од Мртвото Море со масоретскиот текст направен илјада години подоцна. Книгата A General Introduction to the Bible ги објаснува резултатите од истражувањето: „Од 166-те зборови во Исаија 53, во прашање се доведуваат само седумнаесет букви. Десет од овие букви се само работа на правопис, што не влијае врз смислата. Уште четири букви се помали стилистички промени, како што се сврзниците. Останатите три букви го сочинуваат зборот ‚светлина‘, кој е додаден во 11. стих, и не влијаат многу врз значењето . . . Така, во едно поглавје од 166 зборови, во прашање е доведен само еден збор (три букви) после илјада години пренесување — и овој збор не го менува значително самото значење на стихот“.7
Професорот Милар Бароуз, кој со години работел со свитоците, анализирајќи ја нивната содржина дошол до сличен заклучок: „Многу од разликите помеѓу . . . свитокот на Исаија и масоретскиот текст можат да се објаснат како грешки во препишувањето. Освен тоа, постои извонредна согласност, во целина, со текстот пронајден во средновековните манускрипти. Таквата согласност во еден толку постар манускрипт дава убедливо сведоштво за општата точност на традиционалниот текст“.8
„Убедливо сведоштво“ може да се даде и за препишувањето на Христијанските грчки списи. На пример, откривањето на Синајскиот кодекс во XIX век, манускрипт од фина кожа кој датира од четвртиот век н. е., помогнал да се потврди точноста на манускриптите на Христијанските грчки списи направени со векови подоцна. Еден папирусен фрагмент од евангелието по Јован, откриен во областа Фаијум (Египет), датира од првата половина на вториот век н. е., помалку од 50 години откако бил напишан оригиналот. Со векови бил чуван во сувиот песок. Текстот е во согласност со оној што е пронајден во манускриптите направени многу подоцна.9
Значи, доказите потврдуваат дека препишувачите, всушност, биле многу точни. Меѓутоа, тие сепак правеле грешки. Ниту еден манускрипт не е без грешка — истото важи и за свитокот на Исаија од Мртвото Море. Сепак, научниците можеле да ги откријат и да ги исправат таквите отстапувања од оригиналот.
Исправање на грешките на препишувачите
Да претпоставиме дека 100 лица биле замолени да направат рачно напишан препис на некој долг документ. Без сомнение, барем неколку од препишувачите ќе направат грешки. Меѓутоа, сите нема да ги направат истите грешки. Кога би ги зеле сите 100 преписи и би ги споредиле многу внимателно, би можеле да ги издвоите грешките и да го одредите точниот текст на оригиналниот документ, дури и ако не сте го виделе никогаш.
Слично на тоа, сите препишувачи на Библијата не ги направиле истите грешки. Со дословно илјадници манускрипти на Библијата што денес стојат на располагање за компаративна анализа, текстуалните научници можеле да ги издвојат грешките, да го одредат оригиналниот текст и да ги означат потребните исправки. Како резултат на таквото грижливо проучување, текстуалните научници направиле темелни текстови на оригиналните јазици. Овие пречистени изданија на хебрејските и на грчките текстови прифаќаат зборови за кои, општо земено, постои согласување дека се оригинални, честопати наведувајќи во фуснотите варијации или алтернативни текстови кои можеби постојат во извесни манускрипти. Пречистените изданија од текстуалните научници се она што го користат библиските преведувачи за да ја преведат Библијата на современите јазици.
Значи, кога ќе земете некој современ превод на Библијата, постои секоја причина за доверба дека хебрејските и грчките текстови врз кои се базира, со извонредна точност ги прикажуваат зборовите на оригиналните библиски писатели. d Записот за тоа како Библијата преживеала илјадници години на постојано рачно препишување, навистина е извонреден. Затоа, Сер Фредерик Кенјон, долгогодишен управител на Британскиот музеј, можел да изјави: „Не може доволно силно да се истакне дека, во суштина, текстот на Библијата е сигурен . . . Тоа не може да се рече за ниедна друга древна книга на светов“.10
[Фусноти]
a Масоретите (што значи „Господари на традицијата“) биле препишувачи на Хебрејските списи и живееле помеѓу шестиот и десеттиот век н. е. Манускриптните преписи што ги направиле се наречени Масоретски текстови.2
b Пр. н. е. значи „пред нашата ера“. Н. е. значи „нашата ера“, честопати наречена и А. Д. — за ано домини кое значи „во годината на нашиот Господ“.
c Textual Criticism of the Hebrew Bible од Емануел Тов, наведува: „Со помош на испитувањето со јаглерод 14, сега е утврдено дека 1QIsaa [свитокот на Исаија од Мртвото Море] датира помеѓу 202 и 107 пр. н. е. (палеографски датум: 125—100 пр. н. е.) . . . Споменатиот палеографски метод, кој е подобрен во последниве години и кој допушта апсолутно датирање врз основа на споредба на обликот и положбата на буквите со некои надворешни извори како што се датирани монети и натписи, се докажал како релативно веродостоен метод“.6
d Се разбира, некои преведувачи може да бидат крути или лабави во своето придржување кон оригиналните хебрејски и грчки текстови.
[Слика на страница 8]
Библијата ја зачувале вешти препишувачи
[Слика на страница 9]
Свитокот на Исаија од Мртвото Море (покажана е копија) е практично идентичен со масоретскиот текст направен илјада години подоцна