Љубезноста и добрината се посилни од огорченоста
Љубезноста и добрината се посилни од огорченоста
ЕДНА постара госпоѓа била многу нељубезна кога Жорж и Мано, брачна двојка Сведоци од Холандија, дошле на нејзината врата за да ѝ ја пренесат добрата вест. Од разговорот со оваа жена, која се викала Риа, тие дознале дека ѝ починале двајца сопрузи и еден син, и дека има тежок артритис. Иако малку се потсмирила додека зборувале, таа останала нељубезна до крајот.
Сепак, Жорж и Мано решиле повторно да појдат кај оваа жена и да ѝ однесат букет цвеќе, бидејќи изгледала многу осамена и огорчена. Кога го сториле тоа, Риа пријатно се изненадила. Но, бидејќи била зафатена, се договориле да дојдат друг ден. Жорж и Мано повторно навратиле во договореното време, но никој не отворил. Иако неколкупати се обиделе да ја посетат во различно време, никако не можеле да ја најдат. Дури почнале да мислат дека намерно ги избегнува.
Еден ден, Жорж конечно ја нашол Риа. Таа му се извинила што не била дома кога требало да се видат, и објаснила дека морала да оди во болница. „Но, нема да верувате што направив откако вие двајца си отидовте“, рекла таа. „Почнав да ја читам Библијата!“ Потоа следел убав разговор, и со неа била започната библиска студија.
Додека ја проучувала Библијата, Риа потполно се променила — нејзината огорченост постепено исчезнала и таа станала ведра и љубезна личност. Иако не можела да излегува од дома, веднаш почнала да зборува за она што го учела од Библијата со сите што доаѓале да ја видат. Поради лошото здравје, не можела редовно да оди на собраниските состаноци, но многу се радувала кога браќата и сестрите ѝ доаѓале на гости. На денот кога наполнила 82 години, присуствувала на еден покраински собир каде што се крстила како Јеховин сведок.
Починала само неколку месеци подоцна. Меѓу нејзините работи била најдена и една поема што самата ја напишала. Во неа зборувала за тоа колку се мачни староста и самотијата, и колку е важна љубезноста и добрината. Мано вели: „Зборовите од таа поема ме допреа до срце. Многу сум среќна што Јехова ни помогна да бидеме љубезни кон неа“.
Со својот личен пример, Јехова нѐ поттикнува да покажуваме љубезност и добрина кон луѓето (Еф. 5:1, 2). Ќе имаме успех во службата ако „се препорачуваме како Божји слуги... со добродушноста“ (2. Кор. 6:4, 6).