Борба за да останеме духовно јаки

Борба за да останеме духовно јаки

Животна приказна

Борба за да останеме духовно јаки

РАСКАЖАЛ РОЛФ БРИГЕРМАЈЕР

Првото писмо што го добив кога ме затворија беше од еден пријател. Ми пиша дека се уапсени и мајка ми и моите помали браќа — Петер, Јохен и Манфред. Така нашите две сестрички останаа и без родители и без браќа. Зошто властите во Источна Германија го прогонуваа нашето семејство? Што ни помогна да останеме духовно јаки?

ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА го наруши нашето мирно детство. Ја почувствувавме од прва рака нејзината суровост. Татко ми замина да се бори во германската војска и загина како воен заробеник. Така мајка ми, Берта, остана да се грижи сама за шест деца на возраст од една до 16 години.

Бидејќи имаше лошо искуство со црквата во која одеше, мајка ми толку многу се разочара од религијата, што повеќе не сакаше да чуе ништо за Бог. Но, еден ден во 1949 година, Илзе Фукс, една тактична мала женичка, дојде на нашата врата и зборуваше за Божјето Царство. Нејзините прашања и расудување ја подбудија љубопитноста кај мајка ми. Таа почна да ја проучува Библијата и тоа ѝ влеа надеж.

Но, ние машките бевме скептични во почетокот. Нацистите и комунистите исто така ветуваа големи работи, па на крајот нѐ разочараа. Иако не можевме лесно да поверуваме во овие нови ветувања, навистина ни остави силен впечаток тоа што дознавме дека некои Сведоци биле во концентрациони логори затоа што одбиле да одат во војна. Следната година, мајка ми, Петер и јас се крстивме.

Се крсти и помалиот брат, Манфред, но очигледно библиската вистина немаше фатено длабок корен во неговото срце. Кога комунистите го забранија нашето дело во 1950 година и тајната полиција — озлогласените Штази — го притисна, тој им кажа каде одржуваме состаноци. Ова на крајот доведе до апсење на мајка ми и на моите други браќа.

Служиме под забрана

Поради забраната, моравме тајно да пренесуваме библиска литература во Источна Германија. Како курир, јас ја земав литературата од западниот дел на Берлин, каде што таа не беше забранета, и ја пренесував преку граница. Иако успеав повеќе пати да ѝ побегнам на полицијата, во ноември 1950 година бев уапсен.

Штази ме стави во една подземна ќелија без ниедно прозорче. Не ми дозволуваа да спијам преку ден, а ноќе ме испрашуваа и понекогаш ме тепаа. Немав никаков контакт со семејството сѐ до март 1951 година, кога мајка ми, Петер и Јохен се појавија на моето судење. Бев казнет на шест години затвор.

Петер, Јохен и мајка ми беа уапсени шест дена по моето судење. Потоа една соверничка се грижеше за мојата сестра Ханелоре, која имаше 11 години, а една тетка ја зеде кај себе Сабине, која тогаш имаше 7 години. Стражарите на Штази се однесувале со мајка ми и со моите браќа како да се опасни криминалци — им ги зеле дури и врвките на чевлите. Во текот на испрашувањата морале да стојат. И тие добија затворски казни — по 6 години за секого.

Во 1953 година, јас и некои други затворени Сведоци бевме доделени да работиме на изградбата на воен аеродром, и сите одбивме да учествуваме во тоа. За казна, властите нѐ ставија 21 ден во самици, а тоа значеше никаква работа, никакви писма и малку храна. Некои христијански сестри ќе зачуваа леб од своите мали оброци и ќе успееја тајно да ни го достават. Така ја запознав Ани, една од тие сестри, и се оженив со неа откако бевме пуштени од затвор — таа во 1956 а јас во 1957 година. Една година откако се зедовме, се роди нашата ќерка, Рут. Петер, Јохен и Ханелоре се оженија отприлика во истото време.

Околу три години откако бев пуштен од затвор, пак бев уапсен. Еден офицер на Штази се обиде да ме наговори да станам нивни шпион. Ми рече: „Драги господине Бригермајер, Ве молам, бидете разумен. Знаете што значи да се лежи в затвор, а ние не сакаме повторно да минувате низ сето тоа. Можете да останете Сведок, да продолжите да проучувате и да зборувате колку што сакате за Библијата. Сѐ што бараме ние е да бидеме во тек со работите. Мислете на Вашата жена и на Вашата ќерка“. Последните негови зборови ме прободоа како меч. Сепак, бев сигурен дека Јехова ќе се грижи за моето семејство додека сум в затвор подобро отколку што и самиот би можел да се грижам за нив. И навистина беше така!

Властите се обидоа да ја присилат Ани да работи со полно работно време и да ја даде Рут на други луѓе за тие да ја чуваат во текот на седмицата. Ани одби да го стори тоа и работеше ноќе за да може да се грижи за Рут преку ден. Нашите духовни браќа покажаа голема љубов и ѝ даваа на жена ми толку многу работи што таа можеше да ги дели и со други. Во меѓувреме, поминав уште шест години зад затворски решетки.

Како останавме верни во затворот

Кога повторно бев затворен, Сведоците во ќелијата едвај чекаа да слушнат што ново излезе во последно време. Колку бев среќен што внимателно го имав проучувано списанието Стражарска кула и што редовно одев на состаноците, и сега можев да им послужам како извор на духовно охрабрување на овие браќа!

Кога побаравме од чуварите да ни дадат Библија, тие рекоа: „Да му дадеш Библија на Јеховин сведок е исто толку опасно како да му дадеш на затворен провалник алат за да побегне“. Секој ден, браќата што предводеа ќе избереа по еден библиски стих кој потоа го разгледувавме. Додека се шетавме половина час низ дворот, не ни беше толку важно да вежбаме и да дишиме свеж воздух колку што ни беше важно да извлечеме корист од библискиот стих за тој ден. Иако меѓу нас мораше да има растојание од пет метри и не смеевме да разговараме, сепак изнаоѓавме начини да си кажеме нешто за стихот. Кога се враќавме во ќелиите, ќе го составевме сето она што секој од нас успеал да го слушне, и потоа разговаравме за тој стих од Библијата.

На крајот, еден шпион нѐ издаде и ме ставија во самица. Бев пресреќен што дотогаш имав научено напамет неколку стотини библиски стихови! Во тие денови, кога не можев да правам ништо друго, можев да си го исполнам времето размислувајќи за најразлични теми од Библијата. Потоа бев префрлен во друг затвор, каде што еден чувар ме стави во ќелија со двајца други Сведоци. Најрадосно од сѐ беше тоа што ни даде Библија! По шест месеци поминати во самица, бев многу благодарен што повторно можев да зборувам за Библијата со своите соверници.

Брат ми Петер кажува што му помогнало нему да истрае во еден друг затвор: „Си го замислував новиот свет и умот постојано ми беше зафатен со библиски мисли. Ние Сведоците се јакневме едни со други така што си поставувавме библиски прашања или проверувавме колку добро ја познаваме Библијата. Животот не беше лесен. Понекогаш бевме 11 души во ќелија од 12 квадрати. Таму моравме да правиме сѐ — јадевме, спиевме, се миевме, па дури и одевме по нужда. Нервите полека ни попуштаа“.

Јохен, еден од другите мои браќа, го кажа следново во врска со својот престој во затворот: „Си пеев песни од песнарката на кои можев да се сетам. Секој ден размислував за некој стих што го знаев напамет. Откако излегов од затвор, продолжив со редовната духовна поука. Секојдневно го читав дневниот стих со моето семејство. Се подготвувавме и за сите состаноци“.

Мајка ми ја пуштаат од затвор

По нешто повеќе од две години затвор беше пуштена и мајка ми. Таа ја искористи својата слобода да ја проучува Библијата со Ханелоре и Сабине, и така им помогна да положат цврст темел за својата вера. Ги поучуваше и како да одговорат кога им правеа проблеми на училиште поради нивната вера во Бог. Ханелоре вели: „Не се грижевме премногу за последиците, бидејќи дома се храбревме едни со други. Бидејќи бевме цврсто поврзани како семејство, ниеден проблем не беше поголем од нас“.

Таа продолжува: „Исто така, се грижевме да добијат духовна храна и браќата во затвор. Со ситни букви рачно ќе ја испишевме на восочна хартија целата Стражарска кула. Потоа ги завиткувавме страниците во водоотпорна хартија и ги криевме меѓу сувите сливи што ги испраќавме во месечниот пакет. Колку се радувавме кога до нас ќе стигнеше вест дека сувите сливи биле ‚многу вкусни‘! Толку бевме внесени во она што го правевме што, искрено можам да речам, тоа беше навистина прекрасно време“.

Живееме под забрана

Петер опишува како било да се живее со децении под забрана во Источна Германија: „Состаноците ги држевме во мали групи во приватни домови, при што доаѓавме и си заминувавме во различно време. На секој состанок се договаравме кога и каде ќе се одржи следниот. Ова го правевме со знаци или го пишувавме на ливчиња бидејќи секогаш постоеше опасност некој од Штази да прислушкува“.

Ханелоре објаснува: „Понекогаш добивавме касети со снимен конгресен материјал. Ова беше прилика со радост да се состанеме. Нашата мала група се собираше да слуша неколку часа библиски поуки. Иако не можевме да ги видиме говорниците, внимателно ја следевме програмата и фаќавме белешки“.

Петер вели: „Нашите христијански браќа од другите земји даваа сѐ од себе за да ни достават библиска литература. Последната деценија пред да падне Берлинскиот ѕид во 1989 година, се печатеа посебни публикации со ситни букви за нас. Некои ризикуваа да ги загубат своите коли, пари, па дури и својата слобода за да внесат духовна храна во Источна Германија. Една ноќ не дојде брачниот пар што го чекавме. Полицијата ја открила литературата и ја запленила нивната кола. Но, и покрај опасноста, никогаш не помислувавме да престанеме со делото со цел да водиме посмирен живот“.

Манфред, мојот помал брат, кој нѐ предаде во далечната 1950 година, кажува што му помогнало повторно да ја стекне и да ја задржи својата вера: „Откако ме држеа во притвор неколку месеци, се преселив во Западна Германија и ја напуштив вистината. Се вратив во Источна Германија во 1954 година и се оженив следната година. Наскоро мојата жена ја прифати библиската вистина и се крсти во 1957 година. Со текот на времето, совеста почна да ме пече, и со помош на жена ми, повторно се вратив во собранието.

Христијанските браќа кои ме знаеја уште пред да ја напуштам вистината ме прифатија со љубов, како ништо да не се случило. Прекрасно е кога ќе те поздрават со прегратка и со срдечна насмевка. Пресреќен сум што повторно сум во мир со Јехова и со моите браќа“.

Духовната борба сѐ уште трае

Сите во нашето семејство мораа силно да се борат за својата вера. Мојот брат Петер вели: „Денес, како никогаш порано, сме опкружени со работи што можат да ни го одвратат вниманието и да нѐ турнат во материјализам. Додека траеше забраната, бевме задоволни со она што го имавме. На пример, никој од нас не сакаше да оди во друга група за проучување од некои свои лични причини, и никој не се жалеше дека состаноците се многу далеку или дека се одржуваат предоцна. Сите бевме среќни да се собереме, дури и ако некои од нас мораа да чекаат до 23 часот за да дојдат на ред да си одат од состанокот“.

Во 1959 година мајка ми реши да се пресели во Западна Германија со Сабине, која тогаш имаше 16 години. Бидејќи сакаа да служат онаму каде што имаше поголема потреба од објавители на Царството, подружницата ги упати во Елванген, (Баден-Виртемберг). Иако не беше баш добра со здравјето, мајка ми беше многу ревносна, и ова ја поттикна Сабине да започне со пионерска служба на 18 години. Кога Сабине се омажи, мајка ми — на 58 години — научи да вози за да може уште повеќе да проповеда. Остана во оваа служба која многу ѝ значеше сѐ до својата смрт во 1974 година.

Што се однесува до мене, откако ги отслужив и вторите скоро шест години в затвор, во 1965 година бев депортиран во Западна Германија, без знаење на моето семејство. Но, на крајот, ми се придружија жена ми, Ани, и ќерката, Рут. Побарав од подружницата ако е можно да служиме онаму каде што има поголема потреба од објавители, и бевме замолени да одиме во Нердлинген (Баварија). Таму пораснаа Рут и Јоханес, нашиот син. Ани почна да служи како пионер. Нејзиниот добар пример ја поттикна и Рут да започне со пионерска служба веднаш откако го заврши школувањето. И двете наши деца се венчаа со пионери. Сега имаат семејства, а ние сме благословени со шест прекрасни внуци.

Во 1987 година, ја искористив можноста порано да заминам во пензија и ѝ се придружив на Ани во пионерската служба. Три години подоцна бев повикан во подружницата во Селтерс за да помагам при проширувањето на објектите. Потоа, учествувавме во изградбата на првата Конгресна сала на Јеховините сведоци во она што порано беше Источна Германија, во Глаухау, каде што подоцна служевме како домаќини во истата сала. Од здравствени причини, се преселивме кај нашата ќерка во собранието Нердлинген, каде што служиме како пионери.

На моја огромна радост, сите мои браќа и сестри, заедно со повеќето членови на нашето семејство, продолжуваат да му служат на нашиот прекрасен Бог, Јехова. Низ годините, научивме дека, сѐ додека остануваме духовно јаки, ќе ја чувствуваме вистинитоста на зборовите запишани во Псалм 126:3: „Големо дело направи Јехова за нас. Затоа бевме радосни“.

[Слика на страница 13]

На нашата венчавка, во 1957 година

[Слика на страница 13]

Со моето семејство во 1948 година: (напред, од лево кон десно) Манфред, Берта, Сабине, Ханелоре, Петер; (позади, од лево кон десно) јас и Јохен

[Слики на страница 15]

Книга со ситни букви која се користеше додека бевме под забрана; опрема за прислушкување на „Штази“

[Извор на слика]

Forschungs- und Gedenkstätte NORMANNENSTRASSE

[Слика на страница 16]

Со моите сестри и браќа: (напред, од лево кон десно) Ханелоре и Сабине; (позади, од лево кон десно) јас, Јохен, Петер и Манфред