Во потрага по злато, пронајдоа дом
Во потрага по злато, пронајдоа дом
КИНЕСКИ КВАРТ. Во многу градови низ светот, овој назив создава живи слики на кинески продавници, ресторани, празници и танцови на змејови. Секој кинески кварт си има своја историја. Кинеските квартови во Австралија им должат многу на поранешните генерации бестрашни доселеници од Кина кои дошле на овие јужни брегови со надеж дека ќе се збогатат од новооткриените наоѓалишта на злато.
Нова Златна Планина
Кинезите и претходно емигрирале во Австралија, но кога во 1851 год. таму било пронајдено злато, во неа почнале да се слеваат реки Кинези. Илјадници мажи ја напуштиле делтата на реката Гуангдонг во кинеската провинција Квантунг и тргнале на едно напорно патување пловејќи кон југ. Пред тоа било откриено злато во Калифорнија (САД), и Кинезите кои зборувале кантонски ги нарекле овие наоѓалишта Златна Планина. Од таа причина, наоѓалиштата во Австралија станале познати како Нова Златна Планина.
Можноста да најдат злато не била единствениот мотив овие мажи да ја напуштат својата родна земја. Во Кина владееле природни катастрофи, граѓанска војна и сиромаштија, кои донеле големо страдање.
За жал, некои од првите иселеници што тргнале на пат кон Австралија не го дочекале крајот на патувањето. Умреле од болестите што пустошеле низ пренатрупаните бродови за време на долгото патување. Но, не им било лесно ни на оние што некако ќе успееле да стигнат до новата земја.
Макотрпна работа
За кратко време, осаменоста станала нивни постојан придружник, затоа што традицијата налагала жените и децата да останат во Кина за да ја продолжат семејната лоза. Во 1861 год., меѓу Кинезите во Австралија имало повеќе од 38.000 мажи, а само 11 жени. Но, малкумина планирале засекогаш да останат
таму. Повеќето биле решени да се вратат во своите домови и фамилии како богати и угледни луѓе.Токму оваа амбиција ги натерала да тргнат во потрага по злато. Рударите живееле во шатори и со часови макотрпно работеле под жешкото сонце. На некои, барем во почетокот, им било страв да копаат во подземните наоѓалишта од суеверие. Затоа, почнале да копаат по површинските слоеви, да го промиваат златоносниот песок и да го плакнат отпадот во дрвени корита. Напорот им се исплател. Податоците покажуваат дека помеѓу 1854 и 1862 год., во Кина било испратено околу 18,5 тони злато ископано во државата Викторија.
За жал, дел од новопронајденото богатство го изеле коцкањето и зависноста од опиум — пороци на кои работниците лесно подлегнувале поради осаменоста. Многу често, како последица, тие го губеле здравјето и сѐ што заработиле, а со тоа и можноста некогаш повторно да се вратат дома. Некои добиле помош од одредени кинески организации и добродушни поединци, но други прерано умреле, сиромашни и осамени.
Освен тоа, Кинезите морале да поднесуваат љубомора и сомнежи од другите рудари
што не биле Кинези и ги сметале странците за цврсто поврзана заедница и јака конкуренција. Ваквото непријателство водело до безредија и до напади на Кинези. Златото им било ограбувано, а шаторите и резервите од храна им биле палени. Со текот на времето, ситуацијата се подобрила. Сепак, 50 години по пронаоѓањето злато, со Законот за имигранти од 1901 год., Австралија им го забранила влезот во земјата на Азијците, што било променето дури во 1973 година.Кога снемало злато
Кога златото во рудниците било исцрпено, некои Кинези избрале да останат во Австралија. Така, во гратчињата изградени во периодот на златната треска, почнале да никнуваат кинески пералници, ресторани и градини со зеленчук. Кинезите станале добро познати и како изработувачи на мебел и препродавачи на свежо овошје и зеленчук. Затоа, до крајот на 19 век, кинески заедници, односно квартови можеле да се најдат во многу градови во Австралија, меѓу кои и Атертон, Бризбен, Брум, Дарвин, Кернс, Мелбурн, Сиднеј и Таунзвил.
Бидејќи во Австралија дошле мал број Кинески, многу мажи останале неженети. Но, некои од нив се ожениле за Австралијки и покрај предрасудите против таквите брачни заедници. Со текот на времето, потомците од овие мешани бракови станале дел од австралиското општество.
Денес во Австралија живеат повеќе кинески имигранти од кога и да е порано. Поголемиот дел од нив се преселуваат за да стекнат повисоко образование или да заработат. Меѓу нив има и многу жени. Промената на светската економија доведе и до неочекуван пресврт — многу мажи, откако ќе го ситуираат семејството во Австралија, заминуваат на работа во Азија, односно во Кина, Сингапур, Тајван или Хонг Конг.
Времињата се променија. Но, основната причина поради која луѓето се селат во други земји останува иста — да најдат сигурност и да постигнат успех надвор од својата земја.
[Рамка/слика на страница 20]
ПОДАЛЕКУ ОТКОЛКУ ШТО МИСЛЕЛЕ
За да избегнат да ги платат трошоците, односно данокот за истовар, кинеските патници се симнувале на брегот на Австралија далеку од големите пристаништа и стотици километри од наоѓалиштата на злато. Едно такво место бил Роуб во Јужна Австралија. Роуб имал некаде помеѓу 100 и 200 жители и, во текот на само неколку месеци од 1857 година, низ него поминале најмалку 12.000 Кинези.
Благодарение на неверојатната издржливост и соработка, групи од по неколку стотици мажи успевале да го пропешачат ретко населениот предел на пат кон наоѓалиштата на злато. Меѓутоа, патот бил многу подалеку отколку што си мислеле, па затоа патувањето можело да трае и до пет седмици. Доселениците собирале морски алги за по пат, а во текот на патувањето ловеле кенгури и вомбати. Копале и бунари и им отвориле пат и на други.
Мажите, кои имале плетенки и носеле традиционални кинески капи, често пати бавно се движеле во колона по еден пеејќи песни. По патот се најдени и кинески монети. Доселениците ги фрлиле кога дознале дека во Австралија се безвредни.
[Извор на слика]
Image H17071, State Library of Victoria
[Рамка/слика на страница 21]
НЕШТО ПОДОБРО ОД ЗЛАТО
Вејн Чуе работел како научник за екологија во Кинеската академија на науките. За да напредува во кариерата и да стекне повисоко образование, во 1990-тите се иселил во Европа заедно со својата сопруга Су. Таму сретнале Јеховини сведоци со кои разговарале за Библијата. Во 2000 год., Вејн и Су се преселиле во Австралија, каде што и двајцата продолжиле со студиите. Су студирала молекуларна биологија. Покрај тоа, продолжиле да ја проучуваат и Библијата.
Вејн вели: „Вложивме децении за да добиеме високи факултетски дипломи. Но, често ќе си помислев: ‚Кога-тогаш секој ќе остари, ќе се разболи и ќе умре. Зар тоа е смислата на животот?‘ Некако сѐ ми изгледаше бесцелно. Меѓутоа, Библијата ни даде логични и задоволителни одговори на најважните прашања во животот.
Проучувањето на Библијата нѐ поттикна да испитаме една идеја која никогаш пред тоа ја немавме земено предвид — постоењето на Творец. Ја прочитав книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?, која ја издаваат Јеховините сведоци, а исто така и едно дело за еволуцијата од Чарлс Дарвин. Она што го прочитав, споено со моите лични научни истражувања, ме увери дека постои Творец. И Су дојде до истиот заклучок.
Една друга работа што нѐ увери дека постои Бог е моќта на Библијата да им го подобри животот на луѓето. Оваа прекрасна книга не само што нѐ исполни со надеж во поглед на иднината туку и ни помогна да склопиме вистински пријателства и го зајакна нашиот брак. Се крстивме во 2005 год., среќни што пронајдовме нешто со многу поголема вредност од високото образование и од ‚златото кое пропаѓа‘“ (1. Петрово 1:7).
[Слика на страница 19]
Кинески копач на злато (1860-тите)
[Извори на слики на страница 19]
Кинески кварт во Сиднеј: © ARCO/G Müller/age fotostock; копач на злато: John Oxley Library, Image 60526, State Library of Queensland