Злобната царица Језавела
Приказна 66
Злобната царица Језавела
ПО СМРТТА на цар Јеровоам, секој цар кој владеел со северното 10-племенско царство Израел бил лош. Цар Ахав бил најлошиот цар од сите нив. Знаеш ли зошто? Една голема причина била неговата жена, злобната царица Језавела.
Језавела не била Израелка. Таа му била ќерка на царот на Сидон. Го обожавала лажниот бог Ваал, а ги навела и Ахав и многу Израелци да го обожаваат Ваал. Језавела го мразела Јехова и убила многу негови пророци. Други морале да се кријат по пештери за да не бидат убиени. Ако сакала нешто, Језавела била спремна да убие и човек само за да го добие.
Еден ден, цар Ахав бил многу тажен. Затоа Језавела го прашала: ‚Зошто си денес толку тажен?‘
‚Поради тоа што ми го рече Навутеј‘, ѝ одговорил Ахав. ‚Сакав да му го купам лозјето, но тој ми рече дека не можам да го добијам.‘
‚Не грижи се‘, му рекла Језавела. ‚Јас ќе го земам за тебе.‘
Затоа Језавела напишала писма до некои важни луѓе во градот каде што живеел Навутеј. ‚Најдете некои неранимајковци за да кажат дека Навутеј ги проколнал Бог и царот‘, им рекла таа. ‚Потоа, изведете го Навутеј надвор од градот и каменувајте го додека не умре.‘
Веднаш штом дознала дека Навутеј е мртов, Језавела му рекла на Ахав: ‚Сега оди и земи го неговото лозје‘. Зарем не се согласуваш дека Језавела требало да биде казнета за таа ужасна постапка?
Затоа, по некое време, Јехова го испратил Јуј да ја казни. Кога чула дека доаѓа Јуј, Језавела ги нашминкала очите и се обидела да се изнакити за да биде убава. Но, кога дошол и ја видел Језавела на прозорецот, Јуј им викнал на луѓето во палатата: ‚Фрлете ја долу!‘ Луѓето го послушале, како што можеш да видиш на сликата. Тие ја фрлиле долу, и таа умрела. Така завршила злобната царица Језавела.
1. Царевите 16:29-33; 18:1-4; 21:1-16; 2. Царевите 9:30-37.