Дали животот има смисла?
Дел 1
Дали животот има смисла?
1. Кое прашање се поставува често во врска со смислата на животот, и како еден човек коментирал за тоа?
Порано или подоцна, скоро секој од нас се прашува која е смислата на животот. Дали се состои во тоа, да работиме напорно за да ги подобриме условите за живот, да се грижиме за нашите семејства, а потоа, можеби по 70 или 80 години да умреме и засекогаш да нѐ снема? Еден млад човек, кој размислувал на тој начин, рекол дека животот нема друга смисла освен „да живееш, да имаш деца, да бидеш среќен и потоа да умреш“. Но, дали е тоа вистина и дали смртта всушност значи крај на сѐ?
2, 3. Зошто стекнувањето на материјално богатство не е доволно за смислата на животот?
2 Многумина во источните и во западните земји, мислат дека главната цел во животот е стекнување на материјално богатство. Веруваат дека тоа може да доведе до среќен, смисловен живот. Но, што е со луѓето кои веќе имаат материјално богатство? Канадскиот писател Хари Брус рекол: „Еден збунувачки број богати луѓе упорно тврдат дека не се среќни“. Тој додал: „Анкетите покажуваат дека ужасен песимизам ја зафатил Северна Америка . . . Има ли некој среќен на овој свет? Ако има, во што е тајната?“
3 Поранешниот претседател на САД, Џими Картер, изјавил: „Откривме дека поседувањето и акумулирањето на предмети не го задоволува нашиот копнеж по смисла. . . . Натрупувањето на материјални работи не може да ја исполни празнината на еден живот без сигурност или смисла“. А еден друг политички лидер рекол: „Веќе повеќе години сум во една интензивна потрага по вистини за себеси и за мојот живот; многу други луѓе кои ги познавам, го прават истото. Повеќе луѓе од било кога порано се прашуваат: ‚Кои сме? Која е смислата на нашето постоење?‘“
Отежнати услови
4. Зошто некои се сомневаат дека животот има некаква смисла?
4 Многумина се сомневаат дека животот има смисла кога гледаат дека условите за живот станале уште потешки. Ширум светот, преку една милијарда луѓе се тешко болни или недоволно исхранети, поради што, само во Африка, секоја година умираат околу десет милиони деца. Населението на Земјата, чија бројка се приближува на 6 милијарди, продолжува да расте за повеќе од 90 милиони годишно, а преку 90 отсто од тој пораст е во земјите во развој. Тој постојан пораст на населението ја зголемува потребата од храна, станови и индустрија, што, пак, од своја страна нанесува натамошна штета на земјата, водата и воздухот од индустриските и другите загадувачи.
5. Што се случува со вегетацијата на Земјата?
5 Публикацијата World Military and Social Expenditures 1991 (Светски воени и социјални издатоци за 1991) известува: „Секоја година се уништува шумска површина колку површината на [Велика Британија]. Со оглед на сегашниве стапки (на сечење на дрвја), до 2000-та година ќе имаме отстрането 65 отсто од шумите во влажните тропски зони“. Во тие области, според една агенција на ОН, на секое посадено дрво се сечат 10; во Африка стапката е над 20 спрема 1. На тој начин, пустинските предели растат, а секоја година, заради земјоделски цели, се губи по цела една област со големина на Белгија.
6, 7. Кои се некои од проблемите коишто човечките лидери не можат да ги решат и, според тоа, кои прашања треба да се одговорат?
6 Исто така, во XX век имало четири пати повеќе смртни случаи од војни отколку претходните четири векови заедно. Насекаде има пораст на криминалот, особено на насилничкиот криминал. Распаѓањето на семејството, злоупотребата на дрога, сидата, сексуално преносливите болести, како и други негативни фактори, исто така го отежнуваат животот. А светските лидери не биле во состојба да изнајдат решенија за многуте проблеми кои го измачуваат човечкото семејство. Според тоа, разбирливо е што луѓето се прашуваат: ‚Која е смислата на животот?‘
7 Како одговориле научниците и религиозните водачи на тоа прашање? После толку многу векови, дали дале еден задоволителен одговор?
Што велат тие
8, 9. а) Што рекол еден кинески научник во врска со смислата на животот? б) Што навел еден човек кој преживеал нацистички логор на смртта?
8 Конфучијанскиот научник Ту Веј-Минг рекол: „Крајната смисла на животот е во нашето секојдневно, човечко постоење“. Според ова гледиште, луѓето и понатаму ќе се раѓаат, ќе се борат за егзистенција и ќе умираат. Таквото гледиште не нуди многу надеж. А дали е барем вистинито?
9 Ели Визел, кој преживеал нацистички логор на смртта во II Светска војна, забележал: „,Зошто сме овде?‘ е најважното прашање со кое мора да се соочи едно човечко суштество. . . . Верувам дека животот има смисла и покрај бесмислената смрт што сум ја видел“. Но, сепак не можел да каже која е смислата на животот.
10, 11. а) Како покажал еден уредник дека човекот не ги поседува одговорите? б) Зошто гледиштето на еден еволуционист не е задоволително?
10 Уредникот Вермонт Ројстер рекол: „Во размислувањето за самиот човек, . . . за неговото место во универзумот, мошне малку сме напреднале од почетокот на времето. Сѐ уште се соочуваме со прашањата: кои сме, зошто постоиме и каде одиме“.
11 Еволуционистот Стивен Џеј Гулд забележал: „Можеби копнееме по некаков ‚повисок‘ одговор — но таков не постои“. За таквите еволуционисти, животот е борба за преживување на најјакиот, а смртта е крајот на сето тоа. И во таквото гледиште нема никаква надеж. Значи, уште еднаш, се поставува прашањето: Дали е тоа вистинито?
12, 13. Кои се гледиштата на црковните водачи, и дали се тие позадоволителни од оние на световните набљудувачи?
12 Мнозина религиозни водачи велат дека смислата на животот е да се води добар живот за да може при смртта душата на човекот да оди на небото и вечно да биде таму. Алтернативата за лошите луѓе, пак, е вечно мачење во пеколен оган. Сепак, според ова верување, животот на Земјата и понатаму ќе биде незадоволителен каков што бил низ историјата. Но, ако Божата намера била луѓето да живеат на небото како ангели, зошто уште во почетокот не ги создал како ангели?
13 Дури и свештениците имаат проблеми со ваквите гледишта. Д-р В. Р. Инге, поранешен декан на катедралата Св. Павле во Лондон, во една прилика рекол: „Целиот свој живот се борев да ја пронајдам смислата на животот. Се обидував да ги решам трите проблеми што секогаш ми се чинеа многу важни: проблемот на вечноста; проблемот на личноста на човекот; и проблемот на злото. Не успеав. Не решив ниту еден од нив“.
Последиците
14, 15. Какви последици имаат спротивставените гледишта врз повеќето луѓе?
14 Какви се последиците од ваквите различни идеи на научниците и религиозните водачи по прашањето за смислата на животот? Многумина реагираат како што реагирал еден постар човек кој рекол: „Поголемиот дел од животот се прашував зошто постојам. Ако и постои некаква смисла, повеќе не ми е гајле“.
15 Поголемиот број од оние кои ги набљудуваат различните гледишта меѓу религиите на светот, заклучуваат дека всушност не е важно во што некој ќе верува. Тие мислат дека религијата служи само за одвратување на мислите, дека таа е нешто што дава малку душевен мир и утеха за да може човек да се соочи со животните проблеми. Други мислат дека религијата не е ништо друго освен суеверие. Тие сметаат дека вековните религиозни мудрувања не одговориле на прашањето за смислата на животот ниту, пак, го подобриле животот на обичните луѓе. Всушност, историјата покажува дека религиите на овој свет честопати го спречувале напредокот на човештвото и биле причина за омрази и војни.
16. Колку важно може да биде пронаоѓањето на смислата на животот?
16 Но, дали е воопшто важно да се пронајде вистината за смислата на животот? Стручњакот по ментално здравје, Виктор Френкл, одговорил: „Настојувањето да се открие смислата на животот е основната мотивирачка сила кај човекот. . . . Ќе се осмелам да речам дека нема ништо на светов што би можело толку успешно да му помогне на некого да ги надмине дури и најлошите околности, како што е спознанието дека животот има смисла“.
17. Кои прашања треба да си ги поставиме сега?
17 Бидејќи човечките филозофии и религиите не успеале да објаснат на задоволителен начин која е смислата на животот, каде можеме да се обратиме за да го дознаеме тоа? Постои ли некаков извор на повозвишена мудрост која може да ни ја каже вистината за тоа?
[Прашања]
[Слика на страница 4]
„Секоја година се уништува шумска површина колку површината на [Велика Британија]“
[Слика на страница 5]
„Поголемиот дел од животот се прашував зошто постојам“