11-17 МАЈ 2026

ПЕСНА 7 Јехова е нашата сила

Имај доверба во Севишниот Владетел на вселената

Имај доверба во Севишниот Владетел на вселената

Единствено ти, Јехова, си Севишен над целата земја! (ПС. 83:18)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да ни помогне да си ја зајакнеме довербата дека Јехова е Севишен Владетел и да нѐ увери дека тој ќе ни помогне да ги надминеме неволјите со кои се соочуваме сега и со кои ќе се соочиме во иднина.

1. Со какви трагични настани се соочил Јов?

 ЈОВ, еден Божји слуга од минатото, изгубил речиси сѐ: децата, здравјето и богатството. Освен тоа, неговиот добар углед бил уништен. А тројца негови „пријатели“ кажале некои работи со кои направиле да се чувствува уште полошо. Дури и неговата сакана жена била толку вознемирена што му рекла: „Проколни го Бог и умри!“ (Јов 2:9; 15:4, 5; 19:1-3). Овие трагични настани можеле да му ја поткопаат довербата на Јов во вистинскиот Бог и да го наведат да престане да верува дека Јехова ги штити оние што го сакаат и му служат.

2-3. Што би можеле да помислиме кога страдаме, и што ќе дознаеме од книгата Јов?

2 Понекогаш, и ние минуваме низ тешки ситуации кои можат да ја стават на испит нашата доверба во Јехова. Живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тим. 3:1). Кога се соочуваме со многу проблеми истовремено, можеби сме толку тажни и загрижени што мислиме дека нема да можеме да истраеме. Поради таквите ситуации, некои почнале да се прашуваат дали Јехова навистина се грижи за нив.

3 Ако и ти некогаш си имал такви чувства, немој да се обесхрабруваш. Јов научил дека Јехова никогаш не ги напушта оние што му се верни. И ние можеме да изградиме таква непоколеблива доверба во нашиот небесен Татко. За да успееме во тоа, да ја разгледаме книгата Јов и да видиме како таа нѐ уверува во две важни работи. Прво, единствено Јехова е Севишниот Владетел на вселената. Второ, нашиот Семоќен Бог може да ги контролира настаните во светот за да ја исполни својата намера и за да го заштити својот народ од трајна штета во духовен и во физички поглед.

„МЕЃУ НИВ ДОЈДЕ И САТАНА“

4. Кој присуствувал кога Јехова и ангелите се собрале заедно на небото?

4 Еден ден, „синовите на Јехова, вистинскиот Бог,“ се собрале пред него на небото. Потоа, Библијата вели: „Меѓу нив дојде и Сатана“ (Јов 1:6). Ова е првото место во Библијата каде што се спомнува името „Сатана“, кое значи „Противник“. Тој е наречен така бидејќи му се противи на Јехова. Во тоа време, Сатана повеќе не бил верен Божји син. Тој му станал непријател на Јехова, како и на небесниот и на земниот дел од неговото семејство. Кога ги кажал зборовите запишани во 1. Мојсеева 3:15, Јехова покажал дека Сатана веќе не е дел од неговото семејство. Значи, Сатана не е дел од „жената“ — Јеховиното семејство од духовни суштества — од која требало да дојде „потомството“.

5. Што можеме да научиме од она што било кажано на состанокот на небото?

5 Јехова се погрижил во Библијата да биде запишано она што било кажано на тој состанок на небото. Зборовите на Сатана јасно покажуваат дека тој е ладнокрвен клеветник (Јов 1:9; спореди со Откровение 12:10). Она што било кажано на состанокот на небото нѐ уверува дека Јехова го спроведува својот неограничен авторитет на совршен и праведен начин. Исто така, тоа покажува дека Семоќниот поставува граници на она што другите можат да го прават.

ЈЕХОВА ГИ ПОСТАВУВА ГРАНИЦИТЕ

6. Како Јехова покажал дека имал целосна контрола на состанокот на небото? (Јов 1:7, 8).

6 Прочитај Јов 1:7, 8. На тој состанок на небото, Јехова го започнал разговорот така што го прашал Сатана: „Дали го забележа мојот слуга Јов?“ Со тоа што го започнал разговорот, Јехова покажал дека има целосна контрола на состанокот и дека знае какви намери има Сатана. Сега да разгледаме како Јехова ја употребил својата неограничена моќ за да му помогне на Јов.

7. Според Јов 1:10, 11, што рекол Сатана за луѓето што му служат на Јехова?

7 Прочитај Јов 1:10, 11. Како Семоќен Владетел на вселената, Јехова ја користи својата власт и моќ онака како што смета дека е соодветно (Ерем. 32:17; Дан. 4:35). Сепак, Сатана тврдел дека Јехова не ја користи својата моќ на исправен начин. Всушност, Сатана сакал да каже дека Бог ги поткупува луѓето, како на пример Јов, за да му служат. Исто така, Сатана рекол дека оние што му служат на Јехова го прават тоа само поради она што можат да го добијат од него. Што направил Јехова во врска со тоа?

8-9. Какви јасни граници му поставил Јехова на Сатана, и зошто? (Јов 1:12; види ја и сликата).

8 Прочитај Јов 1:12. Јехова му дозволил на Ѓаволот да го докаже своето тврдење, но му поставил и граници. Бог јасно му рекол: „Само врз [Јов] не кревај рака!“ Сите ангели што биле присутни на тој состанок слушнале што му заповедал Јехова на Сатана. И, Сатана немал друг избор освен да ја послуша таа заповед. Тој не можел да му направи на Јов ништо повеќе од она што му го дозволил Јехова. Истото е случај и денес. Значи, Јехова ја употребил својата власт и моќ за да го заштити Јов, и покажал дека е праведен и грижлив Бог.

9 Првичниот напад на Сатана бил потполно неуспешен. Јов му останал верен на својот небесен Татко (Јов 1:22). Сепак, Сатана продолжил да го искушува Јов.

Јехова му дозволил на Сатана да го докаже обвинението што го изнел пред ангелите (види во пасуси 8-9)


10. Зошто Јехова му дозволил на Сатана и понатаму да го искушува Јов? (Јов 2:2-6).

10 Прочитај Јов 2:2-6. Потоа, Сатана сакал да направи нешто уште посурово со цел да го скрши Јов. Тој тврдел дека Јов сигурно ќе го проколне Бог за да си го спаси животот. За да докаже дека не е во право, Јехова му дозволил на Ѓаволот да го нападне Јов. Но, Јехова повторно му поставил граници, велејќи: „Не гибај му ја душата!“ Сатана немал друг избор освен да се придржува кон ограничувањата што му ги поставил Јехова. Повторно гледаме дека Севишниот имал контрола над ситуацијата со Јов бидејќи Сатана не можел да дејствува надвор од границите што му ги поставил Јехова.

ЈЕХОВА МУ СТАВА КРАЈ НА СТРАДАЊЕТО НА ЈОВ

11. Како Јехова го наградил Јов откако им ставил крај на неговите неволји? (Јов 42:10-13).

11 Прочитај Јов 42:10-13. Кога станало јасно дека Јов ќе остане верен, Јехова решил да ги прекине нападите на Сатана. Јехова презел чекори за да му стави крај на страдањето на својот верен слуга. Противникот повторно бил немоќен да ја осуети Јеховината одлука. На Сатана повеќе не му било дозволено директно да го напаѓа Јеховиниот скапоцен слуга Јов.

12. Наведи пример кој покажува што направил Јехова за некои кои имале доверба во неговата спасувачка моќ.

12 Во текот на последните денови, многумина почувствувале како Јехова ја користи својата моќ за да ги избави. На пример, во 1945 год. имало 230 Јеховини сведоци кои го преживеале озлогласениот нацистички марш на смртта од еден концентрационен логор. Во една резолуција во врска со нивното страшно искуство, тие ги напишале следниве зборови: „Поминавме еден долг и тежок период на испити, а оние што преживеаја, како да беа истргнати од огнена печка, дури не ни мирисаат на чад... Напротив, тие се полни со сила и моќ од Јехова“. Тие додале: „Имаме само една желба... по нашиот престој во лавовската јама, да ни биде дозволено да му служиме на Јехова во сета вечност. Тоа само по себе ќе биде наша најголема награда“. (Спореди со Даниел 3:27; 6:22.)

13. Во што можеш да бидеш уверен кога се соочуваш со неволји? (Види ги и сликите.)

13 И ние можеби ќе доживееме моменти во нашиот живот кога ќе се чувствуваме како да сме фрлени во лавовска јама (1. Пет. 5:8-10). Понекогаш, можеби се чувствуваме скршени од болка и се прашуваме дали нашата неволја некогаш ќе заврши. Во такви моменти може да ни помогне тоа што ќе се сетиме на она што го доживеал Јов. Можеме да имаме потполна доверба дека Јехова има моќ да му стави крај на нашето страдање — без разлика дали ќе го направи тоа сега или во новиот свет. Тој нема да дозволи овој свет да трае ниту еден ден подолго од времето што го одредил!

Јехова ќе им стави крај на страдањата на неговите верни слуги (види во пасус 13)


ЈЕХОВА ГИ САКА СВОИТЕ ВЕРНИ СЛУГИ

14-15. Што сака Јехова да направи за своите верни слуги, и зошто? (Јов 14:15; види ја и сликата).

14 Прочитај Јов 14:15. Нашиот небесен Татко е посебно приврзан кон оние што му се верни. За него тие се толку скапоцени што, ако починат, ќе ги врати во живот. Така Јехова ќе ја отстрани болката што ја предизвикува смртта (Иса. 65:17).

15 Дури и откако завршиле страдањата на Јов, тој сѐ уште живеел во свет кој е под власта на Сатана. Но, од Библијата дознаваме дека Јехова го наградил Јов на извонреден начин. Тој го излекувал Јов и го наградил со уште повеќе добри работи отколку што имал претходно. Тие благослови покажале што ќе направи Јехова за Јов во иднина. Јехова покажал дека сака неговите верни слуги да бидат потполно среќни и да уживаат во животот. Всушност, на оние што ќе му останат верни, Јехова ќе им даде можност да живеат вечно во рај на Земјата (Отк. 21:3, 4). Како Севишен Владетел на вселената, тој има желба да го стори тоа. Колку голема утеха може да ни влее таа мисла кога минуваме низ неволји!

По искушенијата, Јов и неговата жена добиле богати благослови од Јехова (види во пасуси 14-15)


16. Која е уште една причина за да имаме доверба во Јехова како Севишен Владетел?

16 Иако Јехова го наградил со долг живот, Јов на крајот умрел. Но, Јехова е Севишниот Владетел, Семоќниот, кој има моќ дури и над смртта (5. Мој. 32:39). Затоа, никој не може да го спречи да ги воскресне оние што ги сака. Тоа ќе се случи во времето што тој го одредил (Рим. 8:38, 39).

ИМАЈ ПОТПОЛНА ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА

17. Што покажува дека Сатана не успеал во своите напори да го уништи Јеховиниот народ?

17 Библискиот извештај за Јов ни дава силни причини да имаме потполна доверба во Бог. Колку сме му благодарни на Јехова што не му дозволил на Сатана да го уништи Божјиот народ! Денес, околу девет милиони верни слуги на Јехова се жив доказ за моќта на вистинскиот Севишен Владетел. Одново и одново, сведоци сме дека секое оружје направено против Божјите слуги се покажало неуспешно (Иса. 54:17). Голем број моќни влади и верски организации не успеале да го уништат Божјиот народ кој изгледа беспомошен. И ништо не може да нѐ спречи да ја шириме вистината за Јехова и да го разоткриваме Сатана како измамник и убиец. Дури ни смртта не може да нѐ спречи бидејќи Јехова ќе ги врати во живот сите оние што му останале верни (Оси. 13:14).

18. Зошто не треба да се плашиме од она што ни го носи иднината?

18 Кога длабоко размислуваме за она што го читаме во книгата Јов, си ја зајакнуваме верата дека Јехова ќе биде со нас без оглед на тоа што ќе ни се случи во иднина. Затоа, не треба да се плашиме. Во текот на големата неволја, Божјите слуги ќе изгледаат незаштитено, и Сатана и неговите војски ќе ги нападнат. Но, исто како во времето на Јов, Јехова ќе има потполна контрола и нема да му дозволи на Сатана да им нанесе трајна штета на Божјите слуги. Брзо се приближува времето кога Јехова ќе му стави крај на сето страдање што Сатана му го нанесува на човештвото. Ѓаволот и неговите демони ќе бидат фрлени во една бездна за 1.000 години (Лука 8:31; Отк. 20:1-3). На крајот, Сатана и сите што ќе бидат на негова страна ќе бидат уништени (Отк. 20:10). Како што кажал Јехова, главата на Сатана ќе биде смачкана. Тој ќе биде потполно уништен еднаш засекогаш (1. Мој. 3:15; Рим. 16:20).

19. Каква награда ги очекува оние што имаат потполна доверба во Јехова? (Види ја и сликата.)

19 Едвај чекаме да дојде новиот свет кога ќе бидеме совршени и вистински среќни. Животот ќе биде многу поубав отколку што можеме да си замислиме. Јехова ветил: „Гледај, правам сѐ ново!“ (Отк. 21:5). Што значи тоа? За прв пат по илјадници години, Сатана и неговите демони нема да можат да му нанесуваат штета на човештвото и да ги наведуваат луѓето да прават лоши работи. Олеснувањето што ќе го почувствуваме ќе биде прекрасно! Никогаш повторно грижите од овој стар свет нема да предизвикуваат непроспиени ноќи. Оние што ќе го преживеат Армагедон ќе почувствуваат како Бог ги лекува со чудо. Освен тоа, конечно ќе започне воскресението на нашите сакани кои починале. Тогаш ќе можеме да живееме онака како што замислил нашиот небесен Татко!

Верните Божји слуги кои во минатото истрајале во искушенијата ќе добијат многу благослови од Јехова (види во пасус 19)


20. Што си решен да правиш?

20 Додека храбро се соочуваме со неволјите во овие последни денови, да бидеме решени да имаме потполна доверба во Јехова и да му бидеме послушни како на наш Владетел. Да продолжиме да покажуваме колку го сакаме нашиот небесен Татко и да докажеме дека Сатана е лажливец. Можеме да бидеме потполно сигурни дека, ако му останеме верни на Јехова, Севишниот Владетел, ќе имаме прекрасна иднина бидејќи тој копнее да ги награди своите верни слуги на извонреден начин!

ПЕСНА 153 Дај ми храбро срце