Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Дали е точен Преводот Нов свет?

Дали е точен Преводот Нов свет?

Првиот дел од Преводот Нов свет  * беше објавен во 1950 год. Оттогаш има извесни замерки на овој превод, а се доведува во прашање и неговата точност бидејќи некои стихови се преведени поинаку отколку во други преводи на Библијата. Да наведеме три причини за овие разлики:

  • Точност. Преводот Нов свет се темели на најновите истражувања на изучувачите и на најверодостојните стари ракописи. Само за споредба, преводот King James Version од 1611 год. се темели на ракописи кои главно не се толку точни и толку стари како ракописите на кои се темели Преводот Нов свет.

  • Веродостојност. Вложени се напори Преводот Нов свет верно да ја пренесе изворната порака запишана под водство на Бог (2. Тимотеј 3:16). Многу преведувачи не ја пренеле веродостојно Божјата порака затоа што сакале преводот да го приспособат на човечките преданија. На пример, Божјето име, Јехова, го замениле со титули, како што се Господ или Бог.

  • Дословност. Преводот Нов свет го пренесува текстот дословно, сѐ додека тој не звучи неразбирливо или не пренесува погрешно значење. Од друга страна, во некои преводи кои го парафразираат изворниот текст се вметнати човечки ставови или се изоставени важни детали.

Разлики помеѓу Преводот Нов свет и други преводи

Апокрифни книги. Библиите од Римокатоличката и од Православната црква содржат книги познати како апокрифи. Меѓутоа, овие книги не се дел од еврејскиот канон, а интересно е дека, според Библијата, токму на Евреите им биле „доверени светите Божји објави“ (Римјаните 3:1, 2). Затоа, апокрифните книги со право ги нема во Преводот Нов свет и во други современи преводи на Библијата.

Додадени стихови. Во некои преводи се додадени стихови и фрази што ги нема во најстарите библиски ракописи. Но, тоа не е случај и со Преводот Нов свет. И многу други современи преводи на Библијата ги испуштаат тие стихови или ставаат назнака дека ги нема во најмеродавните библиски ракописи. *

Избор на зборови. Понекогаш, дословниот превод не е јасен и може да наведе на погрешен заклучок. Да ја земеме за пример изјавата на Исус од Матеј 5:3 која се преведува: „Блажени се бедните по дух“ (Превод на МПЦ, Превод на д-р Д. Х. Константинов). За многумина, дословниот превод „бедните по дух“ е нејасен, а други мислат дека Исус сакал да ја истакне вредноста на понизноста или сиромаштијата. Меѓутоа, Исус сакал да каже дека ќе бидеме вистински среќни кога ќе сфатиме дека ни е потребно водство од Бог. Во Преводот Нов свет оваа мисла е точно пренесена со зборовите „оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).

Позитивни коментари за Преводот Нов свет од изучувачи што не се Сведоци

  • Во едно писмо од 8 декември 1950 год., ценетиот библиски преведувач и изучувач Едгар Гудспид го напишал следново во врска со Преводот Нов свет на Христијанските грчки списи: „Одушевен сум од мисионерското дело што го вршите низ целиот свет и многу ми се допаѓа вашиот природен, јасен и живописен превод. Како што можам да видам, во него е вложено темелно истражување“.

    Едгар Гудспид

  • Ален Викгрен, професор на Универзитетот во Чикаго, го навел Преводот Нов свет како пример за библиски превод на современ јазик кој не е копија на други библиски преводи, туку превод со „одлични оригинални решенија“ (The Interpreter’s Bible, том 1, страница 99).

  • Во врска со Преводот Нов свет на Христијанските грчки списи, британскиот библиски критичар Александар Томсон напишал: „Очигледно овој превод е дело на вешти и надарени изучувачи кои се потрудиле да ја пренесат вистинската смисла од грчкиот текст колку што тоа го дозволува англискиот јазик“ (The Differentiator, април 1952 год., страница 52).

  • Според писателот Чарлс Франсис Потер, некои стихови се преведени необично. Сепак, тој рекол: „Нема збор дека анонимните преведувачи преведувале од најдобрите грчки и хебрејски ракописи, и тоа многу вешто и точно“ (The Faiths Men Live By, страница 300).

  • Роберт Мекој смета дека во Преводот Нов свет има чудни, но и исклучително добри решенија. Во заклучокот од својата критика, тој вели: „Преводот на Новиот Завет е доказ дека во ова движење [Јеховините сведоци] има изучувачи способни вешто да се справат со многу проблеми при преводот на Библијата“ (Andover Newton Quarterly, јануари 1963 год., страница 31).

  • Професор Семјуел Меклин Гилмор не се сложува со преводот на некои изрази и библиски стихови во Преводот Нов свет, но сепак рекол дека преведувачите „имаат исклучително познавање на грчкиот јазик“ (Andover Newton Quarterly, септември 1966 год., страница 26).

  • Во врска со Преводот Нов свет, кој е вклучен во Kingdom Interlinear Translation of the Greek Scriptures, професор Томас Винтер напишал: „Одборот за преведување кој сакал да остане анонимен направил доследен и точен превод“ (The Classical Journal, април-мај 1974 год., страница 376).

  • Во 1989 год., професор Бенјамин Кедар, изучувач на хебрејскиот јазик од Израел, рекол: „Во моите лингвистички истражувања поврзани со хебрејскиот библиски текст и неговите преводи, честопати го користам англиското издание на преводот познат како Превод Нов свет. Секогаш одново се уверувам дека во ова дело се гледа искрен стремеж да се направи разбирлив и што е можно поточен превод“.

  • На темел на својата анализа на девет најчитани англиски преводи, Џејсон Дејвид Бедун, професор по верски науки, напишал: „Преводот Нов свет се истакнува како најточен од сите други преводи што ги споредив“. Иако јавноста и многу библиски изучувачи мислат дека разликите во Преводот Нов свет се резултат на религиозна пристрасност на преведувачите, Бедун рекол: „Повеќето разлики се должат на тоа што Преводот Нов свет е поточен, односно дословен и прецизен превод на оригиналните изрази што ги користеле писателите на Новиот Завет“ (Truth in Translation, страници 163, 165).

^ пас. 2 Станува збор за изданијата на Преводот Нов свет на англиски јазик објавени пред ревидираното издание од 2013 год.

^ пас. 8 На пример, види ги Преводот на МПЦ и Преводот на д-р Д. Х. Константинов. Додадени стихови се: Матеј 17:21; 18:11; 23:14; Марко 7:16; 9:44, 46; 11:26; 15:28; Лука 17:36; 23:17; Јован 5:4; Дела 8:37; 15:34; 24:7; 28:29 и Римјаните 16:24. Во 1. Јованово 5:7, 8, и двата превода имаат текст кој го поддржува учењето за тројство, но кој бил додаден стотици години откако Библијата била завршена.