Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Дали Јеховините сведоци помагаат кога ќе се случи некоја катастрофа?

Дали Јеховините сведоци помагаат кога ќе се случи некоја катастрофа?

Да. Јеховините сведоци обично пружаат помош кога ќе се случи некоја катастрофа. Ние им помагаме на Сведоците кои се погодени, но и на другите луѓе, во склад со она што е запишано во Галатите 6:10: „Да им правиме добро на сите, а особено на своите браќа по вера“. Освен тоа, се трудиме да им ја дадеме и емоционалната и духовната поддршка што им е потребна во такви тешки времиња (2. Коринќаните 1:3, 4).

Како се организираме

Откако ќе се случи некоја катастрофа, старешините од собранијата на Јеховините сведоци кои се на погоденото подрачје се обидуваат да стапат во контакт со сите што се дел од тие собранија за да видат дали е сѐ во ред со нив и дали им треба нешто. Потоа, собраните информации старешините ги испраќаат во локалната подружница на Јеховините сведоци.

Ако собранијата од погоденото подрачје не можат да ја дадат потребната помош, Водечкото тело на Јеховините сведоци ќе се погрижи за тоа. И христијаните од првиот век на сличен начин си помагале едни на други кога имало глад (1. Коринќаните 16:1-4). Локалната подружница формира Одбор за помош при катастрофи кој се грижи на најдобар начин да се пружи потребната помош. Сведоци од други места доброволно ги трошат своето време и средства за да им помогнат на оние што претрпеле штета (Изреки 17:17).

Како се собираат средства

Дел од доброволните прилози кои се испраќаат до подружниците на Јеховините сведоци се наменети за да им се помогне на оние што се погодени од катастрофи (Дела 11:27-30; 2. Коринќаните 8:13-15). Бидејќи во акциите за помош учествуваат доброволци, прилозите се користат само за да им се помогне на настраданите, а не за административни трошоци. Јеховините сведоци многу ги ценат доброволните прилози и внимателно ги трошат (2. Коринќаните 8:20).