Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Дали Јеховините сведоци имаат правила за љубовните врски?

Дали Јеховините сведоци имаат правила за љубовните врски?

Како Јеховини сведоци, веруваме дека библиските начела и заповеди можат да ни помогнат да донесуваме одлуки со кои ќе го радуваме Бог, но и кои се за наше добро (Исаија 48:17, 18). Ние не сме ги измислиле овие начела и заповеди, но живееме според нив. Да разгледаме некои што се однесуваат на љубовните врски. *

  • Бракот е трајна заедница (Матеј 19:6). Како Јеховини сведоци, на љубовните врски гледаме како на чекор што води до брак и затоа ги сфаќаме сериозно.

  • Љубовните врски се само за оние што се доволно возрасни да стапат во брак. Таквите лица ,повеќе не се во цутот на младоста‘, односно кај нив сексуалниот нагон повеќе не е толку силен (1. Коринќаните 7:36).

  • Оние што се во љубовна врска треба да бидат слободни да стапат во брак. Според Библијата, единствената оправдана причина за развод е прељубата. Затоа, иако некои се законски разведени, во Божји очи не се слободни повторно да стапат во брак (Матеј 19:9).

  • На христијаните кои сакаат да стапат во брак им е заповедано за брачен другар да изберат само соверник (1. Коринќаните 7:39). За нас како Јеховини сведоци, оваа заповед не значи дека е во ред да стапиме во брак со некој што само ги почитува нашите верувања, туку со некој што ги дели нашите верувања и живее во склад со нив, односно со крстен Јеховин сведок (2. Коринќаните 6:14). Бог отсекогаш очекувал неговите слуги да стапуваат во брак само со соверници (1. Мојсеева 24:3; Малахија 2:11). А како што потврдуваат современите истражувања, оваа заповед е и практична. *

  • Децата треба да им бидат послушни на родителите (Изреки 1:8; Колошаните 3:20). За младите кои сѐ уште живеат со родителите, ова значи да им бидат послушни и кога станува збор за љубовните врски. На пример, родителите може да постават правила во врска со тоа на која возраст е во ред да се започне врска и што е дозволено во една врска, а што не.

  • Во рамките на библиските начела, секој Јеховин сведок самиот одлучува дали и со кого ќе започне врска. Ова е во склад со начелото: „Секој ќе го носи својот товар“ (Галатите 6:5). Сепак, кога станува збор за љубовните врски, многумина мудро постапуваат така што бараат совет од зрели Јеховини сведоци кои им го мислат доброто (Изреки 1:5).

  • Иако многу работи што ги прават оние што се во врска се општоприфатени, тие, всушност, претставуваат сериозни гревови. На пример, Библијата забранува сексуален неморал. Тука не спаѓа само сексуален однос туку и други нечисти постапки меѓу невенчани лица, како што се милување на половите органи на друго лице или орален и анален секс (1. Коринќаните 6:9-11). Во „нечистотија“ што му носи срам на Бог спаѓаат дури и постапки со кои двајца што не се во брак сексуално се возбудуваат, иако не прават неморал (Галатите 5:19-21). Во Библијата се осудени и неморалните разговори при кои се користат „безобразни зборови“ (Колошаните 3:8).

  • Срцето, односно тоа што сме однатре, е измамливо (Еремија 17:9). Тоа може да нѐ наведе да направиме работи за кои знаеме дека се погрешни. За да не ги измами срцето, двајца што се во врска би можеле да избегнуваат да се сами во ситуации што ќе ги стават на искушение. На пример, би можеле да излегуваат во друштво на лица што имаат високи морални мерила (Изреки 28:26). Христијаните кои сакаат да стапат во брак се свесни колку е опасно да бараат брачен другар преку Интернет, особено ако почнат врска со лице што не го познаваат (Псалм 26:4).

^ пас. 2 Во некои култури е сосема нормално да се биде во љубовна врска, а во други не. Библијата не вели дека мора да сме во врска пред да стапиме во брак.

^ пас. 6 На пример, во едно списание за бракот и семејството пишува дека „на темел на три истражувања во кои беа вклучени парови што се во брак долги години беше утврдено дека сличната верска определба, верска припадност и верски убедувања се клучен фактор за долг брак (25-50+ години)“ [Marriage & Family Review, том 38, 1. издание, страница 88 (2005)].

Нешто повеќе

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Дали си спремен за врска?

Прочитај 4 прашања што ќе ти помогнат да дознаеш дали си спремен за врска.