Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  декември 2015

Ќе му дојде ли крај на лицемерството?

Ќе му дојде ли крај на лицемерството?

ПАНАЈОТА пораснала на еден остров во Средоземното Море. Уште како тинејџерка почнала да се интересира за политика. Подоцна, работела како секретар на една политичка партија во селото во кое живеела. Таа дури и одела од куќа до куќа за да собира пари за партијата. Но, по некое време, Панајота се разочарала. Меѓу членовите на истата партија имало непотизам, амбициозност, несогласувања и љубомора.

Даниел пораснал во многу религиозно семејство во Ирска. Сепак, добро се сеќавал на лицемерието на свештениците кои се опивале, се коцкале и краделе пари од прилозите што ги оставале луѓето, а во исто време му кажувале дека ќе гори во пекол ако прави гревови.

Џефри го поминал поголемиот дел од животот работејќи како агент за маркетинг и продажба во меѓународна бродска компанија со седиште во Велика Британија и САД. Тој се присетува на многу ситуации во кои клиентите и конкуренцијата се служеле со измами кога преговарале со властите. Тие биле толку лицемерни што биле спремни да кажат сѐ што е потребно само за да склучат договор.

За жал, има уште многу вакви случаи. Лицемерството е навлезено речиси во секоја пора на општеството — во политиката, религијата и трговијата. Грчкиот збор за „лицемер“ може да укажува на говорник или на глумец кој најчесто носи маска. Со текот на времето, овој збор почнал да се користи за некој што се преправа, односно за некој што се прави дека е нешто што не е за да ги измами другите или за да постигне некоја себична цел.

Кај оние што се погодени од лицемерие може да се појават силни чувства, како на пример огорченост, гнев и презир. Таквите лица можеби се прашуваат: ‚Ќе му дојде ли крај на лицемерството?‘ Утешно е тоа што Божјата Реч ни открива дека ова навистина ќе се случи.

КАКО БОГ И НЕГОВИОТ СИН ГЛЕДААТ НА ЛИЦЕМЕРИЕТО

Според Библијата, лицемерието најпрво се појавило кај едно невидливо духовно суштество, а не кај луѓето. На почетокот од човечката историја, Сатана Ѓаволот искористил змија како маска и се претставил како добротвор за да ја заведе првата жена, Ева (1. Мојсеева 3:1-5). Оттогаш, многу луѓе, слично како Сатана, се преправаат дека се нешто што не се за да ги измамат другите и за да постигнат некои себични цели.

 Кога древните Израелци почнале да обожаваат лажни богови, а истовремено го обожавале и вистинскиот Бог, тој ги предупредил за последиците. Преку пророкот Исаија, Јехова Бог рекол: „Овој народ ми се приближува со устата и ме слави само со усните, а срцето му е далеку од мене“ (Исаија 29:13). Бидејќи Израелците не се одвратиле од своите лоши патишта, Бог дозволил непријателските војски да ги уништат Ерусалим и неговиот храм — најпрво Вавилонците во 607 год. пр. н.е., а на крај Римјаните во 70 год. од н.е. Очигледно е дека Бог не дозволува лицемерието да трае засекогаш.

Од друга страна, Бог и неговиот Син, Исус, многу ги ценат луѓето кои се чесни и искрени. На пример, кога Исус ја започнал својата служба, му пристапил еден човек по име Натанаел. Штом го видел, Исус рекол: „Еве, вистински Израелец, во кого нема измама“ (Јован 1:47). Натанаел, кој бил познат и како Вартоломеј, станал еден од 12-те апостоли на Исус (Лука 6:13-16).

Исус поминувал многу време со своите ученици и ги поучувал да размислуваат исто како Бог. Меѓу нив не требало да има ниту ронка лицемерство. Исус строго ги прекорил верските водачи во негово време поради нивното лицемерие, и со тоа дал јасно предупредување. Да разгледаме некои работи што ги правеле верските водачи.

Вршеле „праведни дела“ само за да ги видат другите. Во една прилика, Исус им го кажал следново на оние што го слушале: „Внимавајте да не правите праведни дела пред луѓето за да ве видат... како што прават лицемерите“. Освен тоа, им кажал да даваат милостина „во тајност“, односно без да ги видат другите. Тие требало и да се молат насамо. Ако го правеле сето тоа, Бог ќе го прифател нивното искрено обожавање (Матеј 6:1-6).

Многу лесно ги осудувале другите. Исус кажал: „Лицемеру! Извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш добро ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си“ (Матеј 7:5). Оној што ги истакнува грешките на другите додека и самиот прави многу поголеми грешки се преправа дека е нешто што не е. Во Библијата пишува: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23).

Имале погрешни мотиви. Еднаш, учениците на фарисеите и приврзаниците на Ирод му поставиле на Исус прашање во врска со данокот. Користејќи ласкави зборови, тие му рекле на Исус: „Учителе, знаеме дека ја зборуваш вистината, дека според вистината поучуваш за Божјиот пат“. Потоа лукаво му го поставиле следново прашање: „Дозволено ли е да му се плаќа данок на цезарот или не?“ Исус им одговорил: „Зошто ме искушувате лицемери?“ Тој со право ги нарекол лицемери затоа што тие всушност не сакале да го дознаат одговорот на тоа прашање, туку се обидувале „да го фатат за збор“ (Матеј 22:15-22).

Вистинските христијани имаат „љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера“ (1. ТИМОТЕЈ 1:5)

Кога на Педесетница 33 год. од н.е. било основано христијанското собрание, во него владееле вистината и чесноста. Вистинските христијани многу се труделе да ја избришат секоја трага на лицемерие од своето срце. На пример, Петар, еден од 12-те апостоли ги поттикнал сохристијаните ‚да покажуваат нелицемерна братска љубов‘ (1. Петрово 1:22). И апостол Павле ги поттикнал своите соработници да имаат „љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера“ (1. Тимотеј 1:5).

МОЌТА НА БОЖЈАТА РЕЧ

Исто како во првиот век, учењата на Исус и на неговите апостоли кои се запишани во Библијата можат да имаат силно влијание врз луѓето денес. Во врска со ова, апостол Павле напишал: „Речта Божја е жива и делотворна, поостра е од секој меч со две сечила и продира дури дотаму што ги разделува душата и духот, коските и нивната срцевина, па може да ги процени мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12).  Тоа што ги дознале учењата од Библијата и тоа што се трудат да живеат во склад со нив, на многумина им помогнало да го искоренат лицемерието и да бидат искрени и чесни. Размисли за искуствата на Панајота, Даниел и Џефри, кои беа спомнати на почетокот.

„Сведоците покажуваа вистинска љубов и искрен интерес еден кон друг“ (ПАНАЈОТА)

На Панајота животот целосно ѝ се сменил кога почнала да оди на состаноците во Салата на Јеховините сведоци. Таму не видела дека некој се труди да прави добри дела само за да остави впечаток кај другите. Таа вели: „Сведоците покажуваа вистинска љубов и искрен интерес еден кон друг. Такво нешто не видов додека бев активна во политиката“.

Панајота почнала да ја проучува Библијата и станала Јеховин сведок. Ова се случило пред 30 години. Таа сега вели: „Најдов вистинска смисла во животот, но не кога одев од куќа до куќа за политички цели, туку кога почнав да проповедам за Божјето Царство — единствената влада која ќе донесе праведен свет“.

„Не сакав моите соверници да мислат дека сум нешто што не сум“ (ДАНИЕЛ)

Даниел напредувал во христијанското собрание и со текот на времето добил одредени одговорности. По неколку години, направил нешто поради кое почнала да го гризе совеста. Тој вели: „Бидејќи се сеќавав на лицемерството во црквата во која одев порано, знаев дека беше исправно да се откажам од одговорностите што ги имав. Не сакав моите соверници да мислат дека сум нешто што не сум“.

Сепак, по некое време, Даниел сметал дека може со чиста совест да ги извршува задачите што претходно ги имал во собранието. Тој со задоволство ги прифатил одговорностите што му биле дадени. Ваквата чесност е вообичаена за оние што нелицемерно му служат на Бог. Тие научиле ‚да ја извадат гредата‘ од своето око пред да се обидат ‚да ја извадат раската‘ од окото на другите.

,Сфатив дека не можам повеќе да бидам слаткоречив и убедлив продавач. Дозволив Библијата да ја обликува мојата совест‘ (ЏЕФРИ)

Џефри, кој целиот живот го минал во светот на бизнисот, рекол: „Колку повеќе учев за Библијата толку појасно ми стануваше дека не можам повеќе да бидам слаткоречив и убедлив продавач кој е спремен да каже сѐ што е потребно само за да склучи договор. Дозволив Библијата да ја обликува мојата совест. Еден од библиските стихови што ми помогнаа е Изреки 11:1, каде што пишува дека ‚лажната вага му е одвратна на Јехова‘“. За разлика од луѓето што му го поставиле на Исус прашањето за данок, Џефри научил да разговара и да постапува со соверниците и со другите луѓе без скриени мотиви.

Милиони Јеховини сведоци во целиот свет се трудат да го применуваат она што го учат од Библијата. Тие даваат сѐ од себе за да ја ‚облечат новата личност, која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност‘ (Ефешаните 4:24). Те поттикнуваме да дознаеш кои се Јеховините сведоци, во што веруваат тие и како можеш да научиш нешто повеќе за новиот свет што го ветува Бог. Во новиот свет „ќе живее праведноста“, а лицемерието ќе исчезне засекогаш (2. Петрово 3:13).

Нешто повеќе

КОЈ ЈА ВРШИ ЈЕХОВИНАТА ВОЛЈА ДЕНЕС?

Какви луѓе се Јеховините сведоци?

Колку Јеховини сведоци познаваш? Што навистина знаеш за нас?

ДОБРА ВЕСТ ОД БОГ!

Зошто библиските начела се за наше добро?

Исус објаснил зошто ни треба водство и кои две библиски начела се најважни.