Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  декември 2015

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | МОЖЕШ ДА ЈА РАЗБЕРЕШ БИБЛИЈАТА

Книга која може да се разбере

Книга која може да се разбере

Библијата е многу стара книга. Нејзиното пишување започнало на Блискиот Исток пред околу 3.500 години. Во тој период во Кина владеела моќната династија Шанг, а околу десет векови претходно во Индија почнал да се шири будизмот. (Види ја рамката „ Факти за Библијата“.)

Библијата ни дава одговор на најважните животни прашања

За една книга да им биде од корист на луѓето, мора да биде разбирлива и практична. Библијата е токму таква книга. Таа дава одговори на најважните животни прашања.

На пример, дали си се прашал некогаш: ‚Која е смислата на животот?‘ Ова прашање ги измачува луѓето веќе илјадници години. Сепак, одговорот се наоѓа во првите две поглавја од првата книга во Библијата, 1. Мојсеева. Во тој библиски извештај се зборува за „почетокот“, односно за времето пред милијарди години кога била создадена вселената, вклучувајќи ги галаксиите, ѕвездите и нашата планета (1. Мојсеева 1:1). Потоа, се опишува како постепено биле создадени услови за живот на Земјата, како настанале живите суштества и како биле создадени луѓето. Исто така, Библијата ни кажува и со која цел било создадено сето тоа.

НАПИШАНА НА НАЧИН ШТО МОЖЕ ДА СЕ РАЗБЕРЕ

Библијата содржи практични совети кои ни помагаат да ги решиме проблемите со кои секојдневно се соочуваме. Тие совети можат лесно да се разберат. Од кои причини?

Прво, Библијата е напишана на јасен, директен и привлечен јазик. Таа не содржи апстрактни или мистични изрази, туку јасни изрази кои ни се добро познати. Потешките учења се објаснети со едноставни зборови кои ги користиме во секојдневниот говор.

На пример, за да пренесе поуки кои ќе допрат до срцето на луѓето, Исус користел многу едноставни споредби за работи кои им биле познати. Многу од тие споредби ги кажал во својата прочуена Проповед на гората која е запишана во библиската книга Матеј поглавја 5-7. Еден критичар ја нарекол Проповедта на гората „практичен говор“ чија цел „не е да ни го наполни умот со знаење и информации, туку да ни помогне да водиме подобар живот“. Овие поглавја можеш да ги прочиташ за 15-20 минути. Ќе се изненадиш колку едноставни, но силни се зборовите на Исус.

 Друга причина зошто Библијата е лесна за разбирање е нејзината содржина. Таа не е книга со митови и измислени приказни. Напротив, како што пишува во една енциклопедија, во Библијата се зборува „за луѓе кои биле на висока положба и за обични луѓе, за нивните проблеми, подеми и падови, како и за надежта што ја имале“ (The World Book Encyclopedia). За нас е лесно да се соживееме со тие ликови и настани и да ги разбереме важните библиски поуки (Римјаните 15:4).

ДОСТАПНА ЗА СЕКОГО

За да можеш да разбереш една книга, таа мора да биде напишана на јазик што го знаеш. Денес, најверојатно Библијата ти е достапна на јазик што го разбираш, без разлика каде живееш или од кој народ потекнуваш. Да видиме како се постигнало ова.

Преведување. На почетокот, Библијата била напишана на хебрејски, арамејски и грчки јазик. Затоа, можеле да ја читаат само мал број луѓе. Токму поради ова, некои искрени преведувачи вложиле огромен труд за да ја преведат и на други јазици. Благодарение на нивниот труд, Библијата сега е преведена, во целост или делумно, на околу 2.700 јазици. Тоа значи дека повеќе од 90 отсто од светското население може да чита на својот мајчин јазик барем еден дел од Библијата.

Издавање. Изворниот текст на Библијата бил напишан на трошни материјали, како што биле кожата и папирусот. За да се зачува пораката, овие списи требало внимателно да се препишуваат рачно. Ваквите Библии биле доста скапи, и ретко кој можел да си ги дозволи. Но, со пронаоѓањето на печатарската машина на Гутенберг пред околу 550 години, Библијата станала доста распространета. Според една проценка, Библијата била отпечатена, во целост или делумно, во повеќе од пет милијарди примероци.

Ниту една друга религиозна книга не може ни оддалеку да се спореди со Библијата во овој поглед. Библијата е книга што може да ја разбере секој човек. Сепак, можеби ќе ти биде потребна помош околу тоа. Кој би можел да ти помогне? И каква корист ќе имаш ако ја разбереш Библијата? Одговорот на овие прашања ќе го дознаеш од следната статија.