Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  декември 2015

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали на Педесетница 33 год. од н.е. во Ерусалим навистина дошле Евреи „од сите народи под небото“?

Улица во Ерусалим преполна со луѓе на Педесетница 33 год. од н.е.

Во библискиот извештај од Дела 2:5-11 пишува дека во Ерусалим на Педесетница 33 год. од н.е. дошле Евреи „од сите народи под небото“. За овој настан пишувал и еврејскиот писател Фило.

Во врска со оние што патувале во Ерусалим, Фило напишал: „На секој празник доаѓаат безброј луѓе од безброј градови, некои доаѓаат по копно, а некои преку море, од исток, од запад, од север и од југ“. Во своите записи, Фило цитирал дел од писмото што Агрипа I, внукот на Ирод Велики, му го испратил на римскиот император Калигула. Во тоа писмо, во врска со Ерусалим, Агрипа напишал: „Светиот град... не е главен град само на Јудеја, туку и на многу други соседни земји во кои се основани еврејски колонии“.

Агрипа ги навел местата во кои имало еврејски колонии, меѓу кои биле и некои подалечни места во Месопотамија, Северна Африка, Мала Азија, Грција и некои острови во Средоземното Море. Изучувачот Јоаким Јеремиас вели: „Иако во овој список не се спомнати конкретно патувањата до Ерусалим, јасно е дека имало такви патувања затоа што секој возрасен Евреин морал задолжително да оди таму на аџилак“ (5. Мојсеева 16:16).

Каде биле сместувани илјадниците луѓе кои доаѓале во Ерусалим за еврејските празници?

Остатоци од базен во Ерусалим

Секоја година во Ерусалим се одржувале три празници — Пасха, Педесетница и Празникот на сениците. Во првиот век, за овие празници во Ерусалим доаѓале стотици илјади луѓе од целиот Израел и од секоја друга земја каде што имало Евреи (Лука 2:41, 42; Дела 2:1, 5-11). Сите овие луѓе требало некаде да најдат сместување.

Некои ја поминувале ноќта кај пријатели, а други во гостилници или преноќевалишта. Многумина престојувале во шатори во градот или надвор од него. Последниот пат кога бил во Ерусалим, Исус преноќевал во блиското гратче Витанија (Матеј 21:17).

Во близина на храмот биле пронајдени голем број градби со базени за капење. Се смета дека овие градби биле преноќевалишта каде што гостите можеле да спијат и да се очистат пред да влезат во храмот. Еден натпис кој бил пронајден на една од овие градби покажува дека Теодот, свештеник и водач на локалната синагога, „ја изградил синагогата за во неа да се чита Тората и... изградил соби за преноќевање и водоводна мрежа за гостите што доаѓале во градот“.