Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  ноември 2015

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ГЛЕДА БОГ НА ВОЈНИТЕ?

Како гледал Бог на војните во времето на древниот Израел

Како гледал Бог на војните во времето на древниот Израел

Израелците, кои биле Божји народ во древни времиња, биле угнетувани. Тие одново и одново го молеле Бог за помош, но се чинело дека тој не презема ништо. Нивни угнетувачи биле моќните Египќани (2. Мојсеева 1:13, 14). Израелците со години чекале Бог да ги избави од нив. Конечно дошло времето што Бог го одредил да дејствува (2. Мојсеева 3:7-10). Библијата ни открива дека самиот Бог повел војна против Египќаните. Најпрво им нанел десет неволји, а потоа ги уништил фараонот и неговата војска во Црвеното Море (Псалм 136:15). Така, Јехова Бог покажал дека е „храбар воин“ кој го штити својот народ (2. Мојсеева 15:3, 4).

Тоа што Бог започнал да војува со Египќаните е доказ дека тој не е против сите војни. Во некои прилики, им заповедал на Израелците да војуваат. На пример, им наредил да почнат војна против Ханаанците, чија злоба ги преминувала сите граници (5. Мојсеева 9:5; 20:17, 18). Тој му заповедал на израелскиот цар Давид да се бори против суровите Филистејци. Бог дури му кажал и воена стратегија со која можел да ги победи своите непријатели (2. Самоилова 5:17-25).

Овие библиски извештаи ни покажуваат дека во некои ситуации, кога на Израелците им се заканувала опасност, Бог преку војна го штител својот народ и вистинското обожавање. Да разгледаме три важни работи во врска со војните што ги одобрувал Бог:

  1. БОГ ОДРЕДУВАЛ КОЈ ДА УЧЕСТВУВА ВО ВОЈНИТЕ. Во една прилика, Бог им кажал на Израелците: „Во оваа борба нема да се борите вие“. Зошто им го кажал ова? Затоа што самиот тој ќе се борел за нив (2. Летописи 20:17; 32:7, 8). Тоа го правел во многу ситуации, како што била ситуацијата што ја спомнавме на почетокот од оваа статија. Во други прилики, Бог му заповедал на својот древен народ Израел да води војни за да ја освои и брани Ветената земја (5. Мојсеева 7:1, 2; Исус Навин 10:40).

  2. БОГ ОДРЕДУВАЛ КОГА ДА ЗАПОЧНЕ НЕКОЈА ВОЈНА. Божјите слуги морале стрпливо да чекаат да дојде времето што Бог го одредил за да се борат против околните народи кои биле злобни и ги угнетувале. Дотогаш, не смееле  без негова дозвола да почнат да војуваат. Кога го правеле тоа, го губеле Божјиот благослов. Всушност, кога оделе во војна која Бог не ја одобрувал, последиците честопати биле катастрофални. *

  3. Кога војувал против Ханаанците, Бог спасил некои од нив, како што биле Раав и нејзиното семејство

    НА БОГ НЕ МУ Е МИЛО КОГА ЛУЃЕТО УМИРААТ, ДУРИ НИ ОНИЕ ШТО СЕ ЗЛОБНИ. Јехова Бог, кој е извор на животот, ги создал сите луѓе (Псалм 36:9). Затоа, не сака тие да умираат. Но, за жал, некои злобни лица ги угнетуваат и убиваат другите (Псалм 37:12, 14). Во минатото, Бог понекогаш дозволувал да се поведе војна против овие лица за да се спречи злото. И покрај тоа, кога Бог им заповедал на Израелците да учествуваат во такви војни, Тој сѐ уште бил „милостив“ и „бавен на гнев“ кон оние што го угнетувале неговиот народ (Псалм 86:15). На пример, Бог барал од Израелците најнапред да му понудат мир на градот што требало да го нападнат. Со тоа им се давало можност на жителите од тој град да ги сменат своите лоши постапки и да ја избегнат војната (5. Мојсеева 20:10-13). На овој начин Бог покажал дека ‚не му е мило злосторникот да умре‘. Напротив, Бог сака тој „да се одврати од својот пат и да остане жив“ (Езекиел 33:11, 14-16). *

Од ова гледаме дека во древни времиња Бог ги сметал војните за оправдано средство со кое им ставал крај на угнетувањето и на злобата. Но, Бог бил тој што одлучувал кога ќе започне една таква војна и кој ќе биде вклучен во неа, а не луѓето. А дали Бог бил жеден за пролевање крв? Воопшто не! Тој го мрази насилството (Псалм 11:5). Дали Божјето гледиште за војните се сменило кога неговиот Син, Исус Христос, ја започнал својата служба на Земјата во првиот век?

^ пас. 7 На пример, во една прилика Бог им заповедал на Израелците да не се борат против Амаличаните и Ханаанците. Тие не го послушале и затоа претрпеле пораз (4. Мојсеева 14:41-45). Со години подоцна, верниот цар Јосија отишол во војна без одобрување од Бог. За тоа платил со својот живот (2. Летописи 35:20-24).

^ пас. 8 Зошто Израелците не им понудиле мир на Ханаанците пред да започнат војна со нив? Затоа што Ханаанците имале 400 години за да се одвратат од својата злоба. До времето кога Израелците ја започнале војната, Ханаанците веќе биле непоправливо злобни и требало да бидат целосно истребени (1. Мојсеева 15:13-16). Сепак, некои Ханаанци се смениле и си го спасиле животот (Исус Навин 6:25; 9:3-27).