Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  ноември 2015

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ГЛЕДА БОГ НА ВОЈНИТЕ?

Како гледал Бог на војните во првиот век

Како гледал Бог на војните во првиот век

Евреите во првиот век биле угнетувани. Исто како нивните предци, тие постојано го молеле Бог за помош. Овојпат Бог требало да ги ослободи од силниот стисок на Римската империја. Токму во тој период се појавил Исус. Дали тој бил проречениот Месија? Воопшто не е чудно што многумина ‚се надевале дека тој е оној што ќе го избави Израел‘ од суровите Римјани (Лука 24:21). Но, наместо Евреите да бидат ослободени, во 70 год. од н.е. римската војска го уништила Ерусалим и храмот.

Зошто дошло до ова? Зошто Бог не се борел за Евреите како што се борел порано? Или, зошто не им заповедал да поведат војна против своите непријатели? Дали Божјето гледиште за војните се сменило? Не. Но, Евреите се смениле, и тоа драстично. Тие го отфрлиле Божјиот Син, Исус, кој бил Месија (Дела 2:36). Затоа, како народ, го изгубиле посебниот однос што го имале со Бог (Матеј 23:37, 38).

Бог повеќе не ги штител ниту Евреите ниту Ветената земја. Освен тоа, тој веќе не ги одобрувал ниту ги поддржувал војните во кои учествувале Евреите. Како што прорекол и Исус, Бог го одзел својот благослов од дословниот Израел и го излеал врз еден нов народ, кој во Библијата се нарекува „Израелот Божји“ (Галатите 6:16; Матеј 21:43). „Израелот Божји“ го сочинувале христијаните помазани со свет дух. Во првиот век, на помазаните христијани им било јасно кажано: „Сега [вие] сте Божји народ“ (1. Петрово 2:9, 10).

Со оглед на тоа што христијаните во првиот век станале „Божји народ“, дали Бог се борел за да ги ослободи од Римјаните? Или, дали им заповедал да започнат војна против своите угнетувачи? Не. Зошто? Како што видовме од претходната статија, Бог е тој што одредува кога ќе започне една таква војна. Тој ниту се борел за христијаните во првиот век ниту им заповедал тие да го прават тоа. Очигледно, Бог не сметал дека треба да војува против злобата и угнетувањето во првиот век.

Исто како Божјите слуги од древни времиња, христијаните во првиот век требало да чекаат сѐ додека не дојде времето што го одредил Бог за да им стави крај на злобата и угнетувањето. Дотогаш, тие не требало да војуваат против нивните непријатели. Исус Христос многу јасно го истакнал тоа. На пример, тој им заповедал на учениците ‚да ги сакаат своите непријатели и да се молат за оние што ги прогонуваат‘ (Матеј 5:44). Кога прорекол дека Римјаните ќе го нападнат Ерусалим, Исус им заповедал на своите ученици да го напуштат градот, а не да останат во него и да се борат. Тие го послушале (Лука 21:20, 21).

Исто така, под водство на светиот дух апостол Павле напишал: „Не одмаздувајте се... зашто е напишано: ‚Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова‘“ (Римјаните 12:19). Павле ги цитирал зборовите што ги кажал Бог, а се запишани во 3. Мојсеева 19:18 и 5. Мојсеева 32:35. Како што можеше да прочиташ во претходната статија, еден начин на кој Бог се одмаздувал е така што му помагал на својот народ во војните против неговите непријатели.  Зборовите на Павле покажуваат дека Божјето гледиште за војните не се сменило. Во првиот век, Бог сѐ уште гледал на војните како оправдано средство за да ги заштити своите слуги и да им стави крај на угнетувањето и злобата. Сепак, како што било случај во древни времиња, Бог бил тој што одредувал кога ќе започне една војна и кој ќе учествува во неа.

Бог не ги овластил христијаните во првиот век да учествуваат во војни. Но, како е денес? Дали Бог ѝ заповедал на некоја група луѓе да војуваат? Дали сега е време Бог да поведе војна во корист на своите слуги? Како гледа Бог на војните денес? Во следната статија ќе бидат одговорени овие прашања.