Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  октомври 2015

Можеме ли да го запознаеме Бог?

Можеме ли да го запознаеме Бог?

„Бог не можеме да го разбереме“ (зборови на Филон од Александрија, филозоф од првиот век).

„[Бог] не е далеку од никого од нас“ (зборови на Савле од Тарс, кои им ги упатил на филозофите од Атина во првиот век).

СО КОЈА од овие две изјави се согласуваш ти? Многумина се согласуваат со зборовите на Савле од Тарс, кој е наречен и апостол Павле (Дела 17:26, 27). Во Библијата се запишани и други изјави кои се слични на она што го кажал Павле. На пример, во една прилика кога се молел, Исус рекол дека неговите ученици можат да го запознаат Бог и да добијат благослов од него (Јован 17:3).

Но, филозофите како што бил Филон имале поинакво гледиште. Тие сметале дека никогаш нема да успееме да го запознаеме Бог затоа што не можеме да го разбереме. Кое од овие две спротивставени гледишта е точно?

Библијата отворено кажува дека има некои работи во врска со Бог кои на луѓето им е тешко да ги разберат. На пример, луѓето не можат да сфатат колку долго постои Творецот, колку возвишен е неговиот ум и колку неизмерна е неговата мудрост. Сето ова го надминува капацитетот на нашето разбирање. Сепак, тоа не е пречка да го запознаеме Бог. Напротив, тоа што ќе размислуваме за овие аспекти на Божјата личност ќе ни помогне ‚да му се приближиме на Бог‘ (Јаков 4:8). Најпрво, да разгледаме некои работи во врска со Бог кои не можеме да ги разбереме. Потоа, ќе разгледаме некои работи во врска со него што можеме да ги разбереме.

 Кои работи во врска со Бог не можеме да ги разбереме?

ДОЛЖИНАТА НА НЕГОВОТО ПОСТОЕЊЕ: Во Библијата пишува дека Бог постои „од век до век“ (Псалм 90:2). Со други зборови, Бог нема ниту почеток ниту крај. Луѓето не можат да го разберат „бројот на неговите години“ (Јов 36:26).

Како ни користи ова: Бог ветува дека ќе ни даде вечен живот ако вистински го запознаеме (Јован 17:3). Дали би можеле да имаме доверба во ова ветување доколку самиот Бог не постои вечно? Само „Царот на вечноста“ може да исполни едно вакво ветување (1. Тимотеј 1:17).

НЕГОВИОТ УМ: Библијата ни открива дека Божјиот „разум е неиспитлив“ затоа што неговите мисли се далеку повозвишени од нашите (Исаија 40:28; 55:9). Од таа причина во неа се поставува следново реторичко прашање: „Кој го запознал умот на Јехова, па да може да го поучи за нешто?“ (1. Коринќаните 2:16).

Како ни користи ова: Бог може истовремено да слуша милиони молитви (Псалм 65:2). Тој дури и го забележува секое врапче што слетува на земја. Дали умот на Бог некогаш ќе биде толку полн со информации што Тој нема да може да ти обрне внимание и да ги слушне твоите молитви? Секако дека не! Неговиот ум има неограничен капацитет. Освен тоа, за него луѓето се „повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10:29, 31).

НЕГОВИТЕ ПАТИШТА: Во Библијата стои дека луѓето „не можат да ги сфатат во потполност делата кои вистинскиот Бог ги направил“ (Проповедник 3:11). Значи, ние никогаш нема да знаеме сѐ за Бог. Мудроста која стои зад Божјите патишта е ‚несфатлива‘ за нас (Римјаните 11:33). И покрај тоа, Бог е спремен да им ги открие своите патишта на оние што сакаат да му угодат (Амос 3:7).

Луѓето не можат да сфатат колку долго постои Творецот, колку возвишен е неговиот ум и колку неизмерна е неговата мудрост

Како ни користи ова: Ако ја читаме и проучуваме Библијата, никогаш нема да престанеме да учиме нови работи за Бог и за неговите патишта. Тоа значи дека ќе можеме во цела вечност да стануваме сѐ поблиски со нашиот небесен Татко.

Кои работи во врска со Бог можеме да ги разбереме?

Тоа што не можеме потполно да разбереме некои аспекти на Божјата личност, не значи дека воопшто не можеме да го запознаеме. Библијата е непресушен извор на информации кои можат да ни помогнат уште подобро да го запознаеме Бог. Да разгледаме некои примери.

НЕГОВОТО ИМЕ: Во Библијата пишува дека Бог има име. Тој за себе рекол: „Јас сум Јехова. Тоа е моето име“. Божјето име се појавува во Библијата околу 7.000 пати — повеќе од кое и да било друго име * (Исаија 42:8).

Како ни користи ова: Во молитвата наречена Оченаш, Исус кажал: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“ (Матеј 6:9). Би можел ли и ти да го користиш Божјето име кога се молиш? Јехова ќе ги спаси сите оние што покажуваат почит кон неговото име (Римјаните 10:13).

НЕГОВОТО ЖИВЕАЛИШТЕ: Библијата ни покажува дека има две „места“ за живеење — небото каде што живеат духовните суштества и Земјата каде што живееме ние (Јован 8:23; 1. Коринќаните 15:44). Божјето ‚живеалиште е на небото‘ (1. Царевите 8:43).

 Како ни користи ова: Ова ни помага да имаме појасна слика за Бог. Творецот не е некоја безлична сила која е насекаде околу нас. Јехова е вистинска личност и живее на вистинско, а не на некое замислено место. И покрај тоа што живее на небото, „нема создание кое е скриено пред неговиот поглед“ (Евреите 4:13).

НЕГОВИТЕ ОСОБИНИ: Од Библијата дознаваме дека Јехова има прекрасни особини. Во 1. Јованово 4:8 пишува: „Бог е љубов“. Тој никогаш не лаже (Тит 1:2). Бог не е пристрасен. Тој е милостив, сочувствителен и бавен на гнев (2. Мојсеева 34:6; Дела 10:34). Освен тоа, сака да биде близок пријател со оние што го почитуваат (Псалм 25:14).

Како ни користи ова: И ти можеш да му станеш пријател на Јехова (Јаков 2:23). Тоа што ќе го запознаеш Бог и неговите особини ќе ти помогне уште повеќе да ги разбереш библиските извештаи.

‚ЗАПОЗНАЈ ГО БОГ‘

Библијата ни дава јасна слика за Јехова Бог. Тој не е далеку од никого нас и сака да го запознаеме. Во неговата Реч, Библијата, пишува: „Ако го бараш, ќе ти дозволи да го најдеш“ (1. Летописи 28:9). Затоа те поттикнуваме да го запознаеш Бог така што ќе ја читаш Библијата и ќе размислуваш за она што си го прочитал. Библијата ветува дека, ако ти му се ‚приближиш на Бог, и тој ќе ти се приближи тебе‘ (Јаков 4:8).

Ако ја проучуваш Библијата, никогаш нема да престанеш да учиш нови работи за Бог

Сепак, можеби се прашуваш: ‚Ако не можам потполно да разберам сѐ во врска со Бог, како е можно да се зближам со него?‘ Размисли за следниов пример: Дали најдобриот пријател на еден хирург мора да има медицинска диплома? Се разбира дека не. Тој може да има сосема различна професија, а сепак да му биде пријател на хирургот. Најважно е да знае какви особини има хирургот, што сака и што не сака. Слично на тоа, и ти можеш да дознаеш од Библијата каква личност е Јехова. Токму тоа ти е потребно за да се зближиш со него.

Библијата не ни дава само бледа слика за Творецот туку точни информации кои ни помагаат добро да го запознаеме. Дали би сакал да дознаеш нешто повеќе за Јехова Бог? Јеховините сведоци им нудат бесплатен библиски курс на сите луѓе. Те молиме стапи во контакт со Сведоците во твоето место или посети ја интернет-страницата www.jw.org/mk.

^ пас. 16 Во некои преводи на Библијата, Божјето име Јехова е заменето со титулата Господ. За да дознаеш кои се причините за тоа, види на страница 195 од книгата Што навистина учи Библијата?, која е издадена од Јеховините сведоци. Достапна е и на www.jw.org/mk.

Нешто повеќе

СТРАЖАРСКА КУЛА

Бог сака да бидеш близок со него

Што ако веруваш во Бог, но не се чувствуваш близок со него?

СТРАЖАРСКА КУЛА

Зошто многу луѓе веруваат во Творец?

Дали луѓето ги создал Бог или потекнуваат од животните?