Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  октомври 2015

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Со кои предизвици се соочил Ирод додека го проширувал храмот во Ерусалим?

Храмот во Ерусалим, што го изградил Соломон, се наоѓал на еден рид. Соломон направил потпорни ѕидови од источната и од западната страна на ридот за да може околу храмот да има тераси на повеќе нивоа. Ирод сакал храм кој ќе биде повеличествен од храмот што го изградил Соломон, па затоа почнал да го преправа и проширува.

Градежниците на Ирод го израмниле земјиштето северно од храмот за да можат да ги прошират терасите од таа страна. А за да се прошири јужниот дел од храмот, била доградена плоча што лежела на низа столбови и дебел потпорен ѕид, кој на некои места се извишувал и до 50 метри. Така оваа површина била продолжена за 32 метра.

Ирод внимавал да не ги повреди чувствата на Евреите и да не ја попречува службата во храмот и принесувањето на жртвите. Еврејскиот историчар Јосиф рекол дека Ирод обучил некои свештеници да бидат каменорезци и дрводелци со цел ниту еден друг човек да не влезе во светите простории на храмот.

Ирод не доживеал да го заврши храмот бидејќи умрел неколку години по раѓањето на Исус. До 30 година од н.е., проширувањето траело веќе 46 години (Јован 2:20). Храмот бил завршен од правнукот на Ирод, Агрипа II, во средината на првиот век од н.е.

Зошто луѓето од Малта мислеле дека апостол Павле е убиец?

Божицата на правдата (лево) ја тепа божицата на неправдата

Некои жители на Малта веројатно биле под влијание на грчката религија. Од каде доаѓаме до ваков заклучок? Според библиската книга Дела, откако доживеал бродолом на островот Малта, апостол Павле собрал гранки и ги ставил во огнот за да се згреат оние што биле со него. Тогаш го каснала една змија која останала да му виси на раката. Кога го виделе тоа, жителите на овој остров рекле: „Овој човек мора да е убиец! Се избави од морето, но правдата не му допушта да живее“ (Дела 28:4).

Грчкиот збор што во овој стих е преведен со „правда“ е „ди’ке“. Иако овој збор може да се однесува на особината правда, во овој случај најверојатно се однесува на грчката божица на правдата која се викала Дике. Се сметало дека таа набљудува сѐ што се случува на Земјата и дека го известува Зевс за тајните злосторства со цел да бидат казнети оние што се виновни. Можеби токму поради тоа, како што кажува еден теолошки речник, жителите на Малта си мислеле: „Иако Павле успеа да се спаси од морето, сега падна во рацете на божицата Дике... која го казни преку оваа змија“. Но, тие си го смениле мислењето кога виделе дека на Павле ништо не му се случило.