Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  септември 2015

Дали си разочаран од Бог?

Дали си разочаран од Бог?

„ЗОШТО Бог дозволи ова да ми се случи баш мене?“ Ова прашање си го поставувал Сиднеј од Бразил кој, кога имал 24 години, спуштајќи се од воден тобоган се здобил со повреда поради која сега е врзан за инвалидска количка.

Ако ни се случи некаква несреќа, се разболиме, ни почине некој близок, доживееме природна катастрофа или војна, лесно би можеле да се разочараме од Бог. Тоа било случај со некои луѓе во минатото. Верниот Јов, кој живеел многу одамна, бил погоден од неколку неволји по ред. Тој дошол до погрешен заклучок и го обвинил Бог со следниве зборови: „Кон тебе викам за помош, но ти не ми одговараш; стојам за да ме погледнеш. Се промени и стана свиреп кон мене, со сета сила на својата рака ме напаѓаш како непријател“ (Јов 30:20, 21).

Јов не знаел ниту кој му ги предизвикува неволјите ниту зошто го снашле баш него. Но, денес Библијата ни дава одговор зошто се случуваат такви немили настани и ни кажува како треба да реагираме кога ќе се соочиме со нив.

ДАЛИ БОГ ИМАЛ НАМЕРА ЛУЃЕТО ДА СТРАДААТ?

Во врска со Бог, Библијата ни кажува: „Делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда, праведен е и вистинољубив“ (5. Мојсеева 32:4). Со оглед на ова, дали е логично еден Бог ‚кој е праведен и вистинољубив‘ да има намера луѓето да страдаат или да им нанесува неволји за да ги казни или за да ги направи подобри личности? Се разбира дека не.

Во Библијата пишува: „Никој, кога ќе се најде во искушение, нека не вели: ‚Бог ме искушува‘. Зашто, Бог не може да се искуша со зло, а и тој никого не искушува со зло“ (Јаков 1:13). Всушност, од неа дознаваме дека Бог им дал на луѓето совршен почеток. Адам и Ева добиле прекрасен дом, сѐ што им било потребно за живот и работа која ги исполнувала. Бог им рекол: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја“ (1. Мојсеева 1:28). Адам и Ева немале никаква причина да бидат разочарани од Бог.

Меѓутоа, денес условите во светот се далеку од совршени. Животот на човекот е исполнет со страшни неволји. Ова ја потврдува вистинитоста на зборовите запишани во Римјаните 8:22: ‚Целото создание заедно воздивнува и е во болка сѐ досега‘. Како дошло до тоа?

ЗОШТО ИМА СТРАДАЊА?

За да сфатиме зошто има страдања, треба да се вратиме уште на почетокот од човечката историја. Еден бунтовен ангел, кој подоцна бил наречен Сатана Ѓаволот, ги навел Адам и Ева да јадат од „дрвото на спознанието на доброто и злото“ и со тоа да ги отфрлат Божјите мерила за исправно и погрешно. Ѓаволот ѝ кажал на Ева дека таа и Адам нема да умрат ако не го послушаат Бог, и на тој начин го обвинил Бог дека е лажливец. Освен тоа, Сатана го обвинил Бог дека им го ускратува на луѓето правото да одлучуваат што е добро, а што лошо (1. Мојсеева 2:17; 3:1-6). Тој сакал да ги наведе да мислат дека ќе им биде подобро без Бог. Сето ова покренало едно многу важно прашање — дали Бог има право да владее?

Ѓаволот покренал уште едно прашање со кое ги обвинил луѓето дека му служат на Бог од себични мотиви. Во врска со верниот Јов, Ѓаволот му рекол на Бог: „Зарем ти не ги огради и него и неговата куќа и сѐ што има секаде наоколу?.. Туку, те молам, пружи ја раката и допри сѐ што има, па види дали нема да те проколне в лице!“ (Јов 1:10, 11). Иако овие зборови се однесувале на Јов, Сатана сакал да каже дека сите луѓе му служат на Бог од себични причини.

ШТО НАПРАВИЛ БОГ?

Кој бил најдобриот начин да се даде одговор на тие важни прашања и тоа еднаш засекогаш? Бог, кој е неизмерно мудар, го имал најдоброто  решение (Римјаните 11:33). Тој решил да им дозволи на луѓето одредено време да владеат сами за да се види кој е подобар владетел.

Бедните услови кои владеат на нашата планета се јасен доказ дека луѓето не се способни да владеат. Не само што не успеале да донесат среќа, мир и безбедност туку и ја довеле Земјата до работ на уништување. Ова потврдува една важна вистина која е запишана во Еремија 10:23. Таму стои: „Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“. Само Бог ќе им донесе на луѓето вистински мир и среќа затоа што тоа е неговата намера (Исаија 45:18).

Како Бог ќе ја исполни својата намера? Исус ги поучил своите следбеници да се молат: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Во времето што го одредил, Бог преку своето Царство ќе ги отстрани сите страдања (Даниел 2:44). Сиромаштијата, болестите и смртта ќе бидат минато. Исто така, Библијата ни кажува дека Бог „ќе го избави сиромавиот кој вика за помош“ (Псалм 72:12-14). А во врска со болните, таа ни ветува дека „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24). Освен тоа, за мртвите кои се во Божјето сеќавање, Исус рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите... ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Колку убави ветувања!

Верата во Божјите ветувања ни помага да не бидеме разочарани од Бог

ДА СЕ НАДМИНЕ РАЗОЧАРУВАЊЕТО

Околу 17 години по несреќата, Сиднеј, кој беше спомнат на почетокот од статијата, рекол: „Никогаш не го обвинував Јехова Бог за несреќата, но морам да признаам дека од почетокот бев разочаран од него. Има денови кога сум многу тажен и кога плачам поради мојата ситуација. Сепак, Библијата ми помогна да сфатам дека несреќата не е казна од Бог. Во неа пишува дека ‚времето и непредвидените настани нѐ снаоѓаат сите‘. Тоа што му се молам на Јехова и читам утешни стихови ми помага да имам цврста вера во него и да останам позитивен“ (Проповедник 9:11; Псалм 145:18; 2. Коринќаните 4:8, 9, 16).

Ако ги имаме на ум причините зошто Бог ги допушта страдањата и ако размислуваме како наскоро ќе ги отстрани, ќе сфатиме дека не треба да бидеме разочарани од него. Уверени сме дека Бог „ги наградува оние што ревносно го бараат“. Ниту еден човек што има доверба во Бог и во неговиот Син нема да се разочара (Евреите 11:6; Римјаните 10:11).