Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  септември 2015

 ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Најдов нешто повредно од славата и угледот

Најдов нешто повредно од славата и угледот

Една вечер во 1984 год., од обична тинејџерка станав славна личност. Бев крунисана за мис на Хонгконг и ме имаше на насловните страници на списанијата и весниците. Пеев, танцував, држев говори, водев телевизиски емисии, носев скапа облека и се дружев со влијателни луѓе, како што беше гувернерот на Хонгконг.

Следната година, почнав да глумам во филмови, а неколкупати ја имав добиено главната улога. Новинарите сакаа да ме интервјуираат, фоторепортерите да ме сликаат, а луѓето сакаа да присуствувам на премиерите од филмовите и на разни други свечености, ручеци и вечери. Секогаш бев во центарот на вниманието.

Во еден филм

Но, постепено почнав да сфаќам дека сето тоа не е толку привлечно како што си замислував. Снимав главно акциони филмови, што беше многу опасно. За разлика од Холивуд, актерите во Хонгконг немаа дублери, па затоа морав сама да ги изведувам опасните сцени, како што е скокање со мотор преку кола. Во многу од филмовите во кои глумев имаше неморал и насилство, а во некои и демонизам.

Во 1995 год., се омажив за еден филмски продуцент. Иако изгледаше дека имам сѐ што е потребно за да бидам среќна — слава, богатство и добар сопруг — постојано бев тажна и потиштена. Затоа, решив да се откажам од актерството.

СПОМЕНИ ОД ДЕТСТВОТО

Во тој период од животот, почнав да се сеќавам на некои работи од моето детство. Секоја сабота јас и сестра ми одевме кај едно семејство Јеховини сведоци. Таткото, Џо Мекграт, нѐ поучуваше за Библијата нас и неговите три ќерки. Во тоа семејство владееше пријатна атмосфера. Чичко Џо се однесуваше со почит кон неговата жена и неговите деца. Многу се радував кога заедно со нив одевме на состаноците на Јеховините сведоци. Понекогаш одевме на поголеми собири. Тоа беа убави времиња. Се чувствував пријатно меѓу Сведоците.

Кај мене дома, пак, ситуацијата беше сосема поинаква. Лошиот начин на живот што го водеше татко ми ѝ задаваше голема болка на мајка ми. Поради тоа, таа падна во очај. Кога имав 10 години, мајка ми престана да контактира со Сведоците. Јас продолжив да контактирам со нив и станав Јеховин сведок кога имав 17 години.  Но, не му служев на Бог со цело срце. Почнав да правам работи кои Бог не ги одобрува и повеќе не бев дел од христијанското собрание.

ОДЛУЧИВ ДА СЕ ВРАТАМ

Некое време откако стапив во брак, ме посетија двајца Јеховини сведоци кои служеа како надгледници во собранието во моето место. Тие ми објаснија како можам повторно да станам блиска со Јехова Бог и се погрижија да ме посетува една мисионерка по име Синди. Дотогаш мојата вера веќе беше разнишана. Ја замолив Синди да ми изнесе докази дека Библијата е навистина Божја Реч. Затоа, таа ми укажа на некои библиски пророштва што се исполниле. Со текот на времето, станавме блиски пријателки. Синди ми предложи да ги проучуваме заедно основните учења од Библијата, и јас се согласив. Тогаш, за првпат почнав да сфаќам дека Јехова е Бог на љубовта и дека сака да бидам среќна.

Кога почнав повторно да одам на состаноците на Јеховините сведоци, видов дека повеќе уживам во друштвото на Сведоците отколку во друштвото на колегите од филмската индустрија. Но, поради лошите искуства од детството немав доверба во никого, па дури ни во самата себе. Со помош на Библијата, една жена од моето собрание ми покажа како да се справам со овој проблем и како да стекнам вистински пријатели.

НЕШТО ПОВРЕДНО ОД СЛАВАТА И УГЛЕДОТ

Во 1997 год., јас и маж ми се преселивме во Холивуд (Калифорнија, САД). Таму почнав да посветувам повеќе време за да им помагам на луѓето да ја дознаат вистината од Библијата. Тоа ми носи многу поголемо задоволство од задоволството што го имав кога бев позната филмска ѕвезда. Во 2002 год., се видов со Шери, една моја пријателка од Хонгконг. Имавме доживеано многу слични работи. Таа беше избрана за мис на Хонгконг една година пред мене. Всушност, Шери ми ја предаде круната. И таа стана актерка, а подоцна, како филмски продуцент, соработуваше со познати режисери. Исто така, се пресели во Холивуд.

Многу ми падна жал кога чув дека свршеникот на Шери починал од ненадеен срцев удар. Таа не можеше да најде никаква утеха во својата будистичка религија. Исто како мене, Шери успеа да стане славна — нешто што сите го посакуваат — а сепак беше тажна и немаше доверба во никого. Ѝ кажував некои работи што ги дознав од Библијата, но поради тоа што беше будист ѝ беше тешко да ги разбере.

Мојата пријателка Шери на снимање

Еден ден во 2003 год., Шери ми се јави од Ванкувер (Канада), каде што снимаше филм. Таа беше многу возбудена и ми рече дека, додека се возела и ѝ се восхитувала на убавата природа, почнала да се моли на глас со следниве зборови: „Боже, те молам помогни ми да те запознаам. Кажи ми, кое е твоето име?“ Во истиот момент, поминала покрај една сала на Јеховините сведоци и го видела името Јехова. Тогаш сфатила дека тоа е одговор од Бог. Ми рече дека сака да стапи во контакт со Сведоците колку што е можно побрзо. Јас ѝ помогнав во тоа, и по неколку дена Шери отиде на состанок во собрание на кинески јазик во Ванкувер.

Подоцна Шери ми рече: „Овие луѓе искрено се грижат за мене. Нив можам да им кажам како се чувствувам“. Тоа многу ме израдува затоа што, додека Шери беше дел од филмската  индустрија, никогаш немаше пријатели. Шери продолжи да оди на состаноците. Но, во 2005 год. потпиша договор за да работи на два епски филма во Кина. Поради тоа, мораше да се врати во Хонгконг. Во 2006 год., Шери стана Јеховин сведок на еден собир во Хонгконг. Иако сакаше во поголема мера да му служи на Бог, работата многу ѝ го отежнуваше тоа. Затоа, Шери не беше среќна.

ДАВАЊЕТО УСРЕЌУВА

Во 2009 год., Шери направи голема промена во својот живот. Таа реши да се повлече од филмската индустрија за да посвети повеќе време на службата за Јехова. Стекна многу пријатели во собранието. Исто така, сега беше среќна и исполнета затоа што можеше да им ја пренесува на луѓето добрата вест од Библијата и да им помага да најдат смисла во животот (Матеј 24:14).

Шери реши да учи непалски јазик за да ги поддржува Сведоците во Хонгконг што го зборуваат тој јазик. Повеќето Непалци во Хонгконг се сметаат за граѓани од втор ред, па дури и се презрени затоа што не знаат многу англиски или кинески и затоа што имаат поинакви обичаи. Шери ми рече дека многу се радува затоа што може да им помага на овие луѓе да ја разберат Библијата. Еднаш, кога проповедала од куќа до куќа, сретнала една жена од Непал која имала чуено нешто за Исус, но не знаела ништо за вистинскиот Бог, Јехова. Со помош на Библијата, Шери ѝ покажала дека Исус му се молел на својот Татко на небото. Кога жената сфатила дека може да му се моли на вистинскиот Бог, чие име е Јехова, решила да дознае повеќе за добрата вест. За кратко време, и мажот и ќерката на оваа жена почнале да ја проучуваат Библијата (Псалм 83:18; Лука 22:41, 42).

Шери денес

Кога видов колкава радост ѝ носи на Шери тоа што поголемиот дел од своето време го минува поучувајќи ги луѓето за вистината од Божјата Реч, се прашав: ‚Што ме спречува мене да го правам истото?‘ Во тоа време, и јас живеев во Хонгконг. Одлучив да направам промени во животот за да можам во поголема мера да учествувам во проповедањето на добрата вест. Сфатив дека тоа што им помагам на луѓето да ја разберат Библијата ме прави вистински среќна.

Сфатив дека тоа што им помагам на луѓето да ја разберат Библијата ме прави вистински среќна

На пример, ја проучував Библијата со една жена од Виетнам која секогаш беше тажна и често плачеше. Сега таа има позитивен став кон животот и многу сака да се дружи со другите од собранието.

И јас и Шери најдовме нешто повредно од славата и угледот. Точно, беше интересно да се биде дел од филмската индустрија која ни донесе голема слава. Сепак, многу поголемо задоволство ни носи тоа што можеме да ги поучуваме другите за Јехова Бог затоа што така му носиме слава нему. На своја кожа почувствувавме колку се вистинити зборовите на Исус: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).