Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  август 2015

 УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | ДЕВОРА

„Станав како мајка во Израел“

„Станав како мајка во Израел“

ДЕВОРА гледала во војниците кои биле собрани на врвот на планината Тавор додека се појавувале првите утрински зраци. Таа била воодушевена од нивната храброст и од верата на нивниот заповедник, Варак. Но, верата и храброста на овие 10.000 војници тој ден требало да бидат ставени на голем испит. Тие требало да се борат против еден суров непријател чија војска била далеку побројна и повооружена. И покрај тоа, биле спремни за бој бидејќи добиле охрабрување од Девора.

Замисли си како наметката на Девора се веела на ветрот додека заедно со Варак гледале кон хоризонтот. Тие стоеле на планината Тавор која наликувала на голем конус со рамен врв и била висока околу 400 метри. Од неа можела да се види језраелската долина која се протегала кон југозапад. Низ рамницата се извивала реката Кисон, која минувала крај планината Кармил и на крај се влевала во Средоземното Море. Тоа утро, од широката долина доаѓал силен одблесок. Но, одблесокот не доаѓал од реката чие корито веројатно било суво, туку од железните сечила на војската на Сисара која сѐ повеќе се приближувала. Сисара предводел со војска што имала 900 бојни коли со железни сечила поставени на тркалата. Тој имал намера да ги покоси како трева слабо вооружените Израелци!

Девора знаела дека Варак и неговите луѓе чекаат да им даде некаков знак. Дали таа била единствената жена со нив? Како се чувствувала поради тоа што носела толкав товар на одговорност врз своите плеќи? Дали се прашувала зошто воопшто е таму? Очигледно не. Нејзиниот Бог, Јехова, ѝ кажал да ја започне оваа војна. Освен тоа, ѝ открил дека ќе ѝ стави крај на војната преку една жена (Судиите 4:9). Што можеме да научиме за верата од Девора и од овие храбри војници?

„ОДИ И РАШИРИ СЕ НА ПЛАНИНАТА ТАВОР“

Кога Девора за првпат се спомнува во Библијата, за неа се вели дека е ‚пророчица‘. Таа е една од малкуте жени за кои Библијата вели дека биле пророчици. * Девора имала и друга задача. Решавала спорови меѓу луѓето така што им го пренесувала она што го кажувал Јехова (Судиите 4:4, 5).

Девора живеела во планинскиот предел на Ефрем, меѓу градовите Ветил и Рама. Таа имала обичај да седи под една палма и да му служи на народот онака како што ќе ѝ заповедал Јехова. Нејзината задача не била едноставна, но сепак таа смело ја извршувала. На луѓето им била потребна нејзината помош. Подоцна, имала удел во составувањето на една песна под водство на Божјиот свет дух. Во неа ги кажала следниве зборови во врска со неверните Израелци: „Нови богови тие си избраа. Тогаш војната им беше на врата“ (Судиите 5:8). Бидејќи Израелците му свртеле грб на Јехова и почнале да им служат на други богови, тој не ги штител од нивните непријатели. Тие паднале под власта на ханаанскиот цар Јавин, кој владеел со нив преку моќниот војсководец Сисара.

Сисара сеел страв и трепет во целиот Израел. Ханаанците биле познати по својата свирепост. Тие жртвувале деца, а во нивните храмови имало проституција. Каква била состојбата во Израел  кога овој ханаански војсководец и неговата војска владееле со земјата? Песната на Девора открива дека било речиси невозможно да се патува, а селата биле напуштени и празни (Судиите 5:6, 7). Можеме да си замислиме како луѓето се криеле во шумите и во планините затоа што се плашеле да живеат во незаштитените села и да патуваат по патиштата. Лесно можеле да бидат нападнати, децата да им бидат одземени и жените да бидат силувани. *

Овие ужасни услови владееле во Израел 20 години, сѐ додека Јехова не видел дека неговиот тврдоглав народ е спремен да се смени или, како што пишува во песната на Девора и Варак, сѐ додека ‚Девора не станала како мајка во Израел‘. Не знаеме дали Девора, која му била жена на Лафидот, навистина имала деца. Но, зборот „мајка“ во овој стих се користи во симболична смисла. Јехова ѝ дал задача на Девора да се грижи за Израелците како што една мајка се грижи за своите деца. Тој ѝ заповедал да го повика судијата Варак, кој бил човек со силна вера, и да го поттикне да се крене против Сисара (Судиите 4:3, 6, 7; 5:7).

Девора го поттикнала Варак да го избави Божјиот народ

Преку Девора, Јехова му заповедал на Варак: „Оди и рашири се на планината Тавор“. Варак требало да собере 10.000 мажи од две племиња на Израел. Девора му го пренела Јеховиното ветување дека ќе ги поразат моќниот Сисара и неговите 900 бојни коли. Ова ветување сигурно го зачудило Варак. Зошто? Затоа што Израелците немале војска и речиси никакво оружје. Сепак, Варак се согласил да тргне во битка, но само под еден услов — ако и Девора отиде со него на планината Тавор (Судиите 4:6-8; 5:6-8).

Некои мислат дека Варак немал доволно вера затоа што побарал Девора да појде со него. Но, тоа воопшто не е точно. Зошто? Па, тој не побарал од Бог да му даде повеќе оружје. Наместо тоа, бидејќи имал вера, Варак знаел дека е многу важно покрај себе да има некој што го застапува Јехова и некој што ќе ги зајакне него и неговите луѓе (Евреите 11:32, 33). Јехова го послушал барањето на Варак и дозволил Девора да оди со него. Исто така, Јехова ја водел Девора со светиот дух да прорече дека славата за победата нема да му припадне на маж (Судиите 4:9). Бог решил да употреби жена за да го погуби злобниот Сисара.

Денес, жените се жртви на многу неправди, на насилство и на малтретирање. Вистинска реткост е другите да се однесуваат со жените со почит, како што бара Бог. За него, и мажите и жените имаат иста вредност и сите можат да му угодат  (Римјаните 2:11; Галатите 3:28). Од примерот на Девора гледаме дека Бог им укажува чест на жените со тоа што им дава посебни задачи кои се доказ дека има доверба во нив и дека ги одобрува. Не смееме да дозволиме ставовите за жените што се вообичаени во светот да влијаат врз нас.

„ЗЕМЈАТА СЕ ТРЕСЕШЕ И НЕБОТО СЕ ИСТУРИ“

Варак отишол да собере војска. Тој собрал 10.000 мажи кои биле доволно храбри да тргнат во битка против страшната војска на Сисара. На Варак му било мило што со него и со неговите војници бил некој што го застапувал Јехова. Во Судиите 4:10 пишува: „Со него појде и Девора“. Замисли колку многу биле зајакнати војниците поради тоа што оваа смела жена се искачувала со нив на планината Тавор, спремна да си го ризикува животот затоа што имала силна вера во Јехова!

Кога Сисара слушнал дека Израелците се осмелиле да соберат војска против него, веднаш презел нешто. Моќната војска на цар Јавин, на чие чело бил Сисара, се здружила со војската на уште неколку ханаански цареви. Додека бојните коли на Сисара јуреле низ долината, одекнувал силен татнеж и земјата се тресела. Ханаанците биле сигурни дека многу лесно ќе се справат со неискусната израелска војска (Судиите 4:12, 13; 5:19).

Што било најмудро да направат Варак и Девора додека непријателските војски се приближувале? Ако останеле на падините на планината Тавор, ќе биле во подобра позиција од Ханаанците затоа што нивните бојни коли можеле да им користат само на рамно и широко место. Но, Варак бил решен да ја води битката онака како што сака Јехова, и токму затоа чекал да добие упатства од Девора. Конечно дошол долгоочекуваниот момент. Девора му рекла на Варак: „Стани, зашто ова е ден кога Јехова ќе го предаде Сисара во твои раце! Не оди ли пред тебе Јехова?“ Извештајот понатаму продолжува: „Варак се спушти од планината Тавор со десет илјади луѓе што одеа по него“ (Судиите 4:14). *

Израелската војска се спуштила во долината марширајќи директно кон страшниот непријател. Дали Јехова одел пред нив, како што им ветила Девора? Одговорот станал очигледен за многу кратко време. Во Библијата пишува: „Земјата се тресеше и небото се истури“. Меѓу гордите војници на Сисара настанала збрка. А потоа почнал да паѓа дожд. Толку многу врнело што набрзо почвата се претворила во кал. Тешките железни бојни коли им задале повеќе маки на Ханаанците, отколку што им помогнале. Бојните коли пропаднале во калта и останале заглавени (Судиите 4:14, 15; 5:4).

Варак и неговата војска не се исплашиле од бурата бидејќи знаеле кој ја предизвикал. Тие требало да ја спроведат Божјата осуда врз Ханаанците, и затоа ја нападнале војската на Сисара и не оставиле жив ниту еден војник. Реката Кисон надошла и ја поплавила долината носејќи ги телата на ханаанските војници во Средоземното Море (Судиите 4:16; 5:21).

Како што прорекла Девора, Јехова се борел за својот народ и ја поразил војската на Сисара

Денес, Јехова не ги испраќа своите слуги во дословни војни. Сепак, тој бара од нив да водат една духовна војна (Матеј 26:52; 2. Коринќаните 10:4). Ако се трудиме да му бидеме послушни на Бог, ние застануваме на неговата страна во таа војна. Потребна ни е храброст затоа што оние кои се на Божјата страна може да се соочат со жестоко противење. Но, Јехова не се сменил. Тој сѐ уште ги заштитува оние што, како Девора, Варак и смелите војници од древниот Израел, имаат вера во него.

„БЛАГОСЛОВЕНА ДА Е ПОВЕЌЕ ОД СИТЕ ЖЕНИ“

Сисара, најголемиот непријател на Божјиот народ, успеал да избега. Тој го напуштил бојното поле и ги оставил своите војници да умрат во калта. Провлекувајќи се низ израелските војници, стигнал до тврдо тло и се упатил кон сојузниците кои му биле најблизу. Трчал со километри плашејќи се дека израелските војници ќе го стигнат. Така исцрпен, дошол до шаторите на Хевер, Кенеец кој се населил јужно од својот народ и кој бил во мир со царот Јавин (Судиите 4:11, 17).

Хевер не бил дома, но тука била неговата жена, Јаила. Сисара си мислел дека Јаила ќе  го почитува сојузот што нејзиниот маж го имал склучено со цар Јавин. Можеби за него било незамисливо една жена да размислува или да постапува спротивно од нејзиниот сопруг. Но, тој очигледно не ја познавал добро Јаила! Таа знаела колку страдал израелскиот народ поради злобата и угнетувањето од страна на Ханаанците. Јаила била свесна дека во тој момент стоела пред избор. Можела да му помогне на овој лош човек или, пак, можела да застане на страната на Јехова и да му се спротивстави на непријателот на Божјиот народ. Но, што можела да направи една жена? Како можела да совлада еден толку силен и искусен војник?

Јаила морала веднаш да смисли нешто. Таа му понудила на Сисара да се одмори. Тој ѝ наредил никому да не кажува дека е тука. Кога легнал, го покрила, а кога побарал да пие вода, му дала млеко. Набрзо, Сисара потонал во длабок сон. Тогаш, Јаила ги зела шаторскиот клин и чеканот, кои знаела многу вешто да ги користи исто како и другите жени што живееле во шатори. Крадешкум му се приближила на Сисара спремна да изврши една тешка задача — да го погуби во име на Јехова. Само еден мал невнимателен или несигурен потег можел да донесе трагични последици. Дали Јаила помислила на Божјиот народ и на тоа како овој човек сурово го малтретирал со децении? Дали можеби помислила на тоа дека има чест да застане на Јеховината страна? Извештајот не ни кажува. Но, знаеме дека таа со еден удар го усмртила Сисара! (Судиите 4:18-21; 5:24-27).

По некое време, Варак дошол да го бара својот непријател. Кога Јаила му го покажала мртвото тело на Сисара со шаторскиот клин забиен во слепоочниците, тој сфатил дека пророштвото на Девора се исполнило. Силниот војсководец Сисара бил погубен од рацете на една жена. Денешните критичари ја прикажуваат Јаила во негативно светло, но тоа не било случај со Варак и Девора. Во нивната песна, тие ја фалеле Јаила за нејзината храброст со зборовите: „Благословена да е повеќе од сите жени“ (Судиите 4:22; 5:24). Вредно е да се забележи каков став имала Девора. Таа не ѝ завидувала на Јаила поради славата што ѝ припаднала. Најважно ѝ било тоа што се исполнило Јеховиното ветување.

Сега, кога го немало Сисара, царот Јавин повеќе не претставувал закана за Израелците. Конечно му било ставено крај на угнетувањето од Ханаанците. Цели четириесет години владеел мир (Судиите 4:24; 5:31). Девора, Варак и Јаила биле богато благословени поради тоа што покажале вера во Јехова Бог. Ако се угледаме на Девора така што ќе покажуваме вера, храбро ќе стоиме на страната на Јехова и ќе ги охрабруваме другите, Јехова и нас многу ќе нѐ благослови и ќе ни даде траен мир.

^ пас. 7 Други пророчици за кои се зборува во Библијата се Маријам, Олда и жената на Исаија (2. Мојсеева 15:20; 2. Царевите 22:14; Исаија 8:3).

^ пас. 9 Од песната на Девора дознаваме дека Сисара честопати се враќал од своите воени походи со плен кој вклучувал девојки. Од Судиите 5:30 дознаваме дека понекогаш имало повеќе од една девојка за секој војник. Зборот што во овој стих е преведен со „девојки“ буквално значи „материци“. Ова укажува дека тие девојки биле земани како плен само поради задоволување на сексуалните желби на војниците. Силувањето веројатно било нешто вообичаено.

^ пас. 17 Оваа битка е опишана на две места во библиската книга Судиите — во историските записи во поглавје 4 и во песната на Девора и Варак во поглавје 5. Овие два извештаи се надополнуваат еден со друг и во нив се запишани различни детали.