Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  август 2015

 ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Јехова ми даде повеќе од што заслужувам

Јехова ми даде повеќе од што заслужувам

Како тинејџер, многу сакав да се дружам со другарите, да пливам и да играм фудбал. Но, еден ден животот ми се смени од корен. Кога имав 17 години, доживеав тешка сообраќајна несреќа со мотор. По сообраќајката останав парализиран од вратот надолу. Тоа се случи пред околу 30 години, и оттогаш сум врзан за кревет.

Пораснав во градот Аликанте, кој се наоѓа на источниот брег од Шпанија. Моето семејство беше потполно дисфункционално, па затоа поголемиот дел од времето го минував на улица. Во близина на мојот дом имаше вулканизер. Се спријателив со Хозе Марија, кој работеше во сервисот. Тој ми посветуваше внимание — нешто што не го добивав од моите родители. Секогаш кога ќе се соочев со некој проблем, беше тука за мене. Тој ми е како роден брат — вистински пријател, иако е 20 години постар од мене.

Хозе Марија почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Беше очигледно дека многу ја цени Библијата и често ми зборуваше за тоа што го учеше. Јас го слушав од почит, но не бев многу заинтересиран. Како тинејџер, ме интересираа други работи. Сепак, за кратко време тоа се смени.

НЕСРЕЌА КОЈА МИ ГО СМЕНИ ЖИВОТОТ

Не сакам многу да зборувам за сообраќајката што ја доживеав. Единствено ќе кажам дека бев многу неразумен и невнимателен. Во еден ден животот потполно ми се смени. Од млад тинејџер полн со енергија, се најдов парализиран и врзан за болнички кревет. Ми беше многу тешко да ја прифатам новата ситуација. Постојано се прашував: ‚Дали има смисла да живеам?‘

Хозе Марија дојде да ме види во болницата и веднаш организира да бидам посетуван од Јеховините сведоци од тоа место. Многу ми значеа нивните посети. Откако ме пуштија од одделението за интензивна нега, почнав да ја проучувам Библијата. Дознав зошто луѓето страдаат и умираат, и научив зошто Бог дозволува да се случуваат лоши работи. Исто така, дознав дека Бог ни ветил прекрасна иднина — на Земјата ќе живеат совршени луѓе и никој од нив нема да рече: „Болен сум“ (Исаија 33:24). За првпат во животот добив вистинска надеж.

Кога излегов од болницата, продолжив да ја проучувам Библијата. Со помош на специјална инвалидска количка, дури успеав да одам на неколку состаноци во Салата на Јеховините сведоци и да ја пренесувам добрата вест од Библијата. На 5 ноември 1988 год., кога имав 20 години, се крстив како Јеховин сведок во специјална када. Јехова Бог ми помогна да имам позитивен став кон животот. Како му покажувам дека сум благодарен?

 ПРОДОЛЖУВАМ НАПРЕД И ПОКРАЈ МОЈОТ ХЕНДИКЕП

Не сакав да дозволам мојата состојба да ме спречи да го дадам најдоброто од себе во службата за Јехова. Сакав да напредувам (1. Тимотеј 4:15). Во почетокот не ми беше лесно затоа што моето семејство се противеше на моите нови верувања. Но, добив голема поддршка од соверниците — моите духовни браќа и сестри. Тие се грижеа да присуствувам на сите состаноци и редовно да им ја пренесувам добрата вест на луѓето.

По некое време стана очигледно дека ми е потребна постојана здравствена нега. Успеав да најдам соодветен центар за хендикепирани лица во Валенсија, која се наоѓа 160 километри северно од Аликанте. Тој центар до ден-денес е мој дом.

Иако сум врзан за кревет, решен сум да ја проповедам добрата вест

Иако бев врзан за кревет, бев решен да продолжам да му служам на Јехова. Со помош на инвалидската пензија и другите парични додатоци си купив компјутер и го поставив веднаш до креветот. Си купив и мобилен телефон. Секое утро некој од негувателите ми ги вклучува компјутерот и мобилниот. Компјутерот го користам со помош на џојстик кој го придвижувам со брадата. Имам и специјално пенкало кое го држам во устата. Со него можам да пишувам букви на тастатурата и да телефонирам од мобилниот.

Со помош на специјално пенкало, можам да телефонирам

Како ми помага оваа технологија? Прво, ми овозможува пристап до интернет-страницата jw.org и до ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКАТА на Јеховините сведоци. Овие помагала ми се од голема помош! Секој ден со часови ја проучувам Библијата и истражувам во публикациите за да си го збогатам знаењето за Бог и за неговите прекрасни особини. И, секогаш кога се чувствувам осамено или разочарано, на интернет-страницата наоѓам нешто што ми влева сила и ме охрабрува.

Компјутерот ми овозможува да ја слушам програмата на состаноците во Салата на Јеховините сведоци и да учествувам во неа. Можам да коментирам, да се молам, да изнесувам говори, па дури и да читам кога се проучува некоја статија од списанието Стражарска кула. Иако не можам да присуствувам на состаноците, имам чувство дека сум дел од собранието.

Тоа што имам телефон и компјутер ми помага и да ја пренесувам добрата вест. Точно е дека не можам да проповедам од куќа до куќа како останатите Сведоци. Но, тоа не ме спречува да проповедам. Со помош на мобилниот и компјутерот, и јас можам да им зборувам на другите за Бог. Бидејќи уживам да водам библиски разговори преку телефон, старешините од моето собрание ме замолија да организирам посебни акции за сведочење по телефон. Овие акции им  беа од голема помош на членовите на собранието што не можат да излегуваат од дома.

Ја проучувам Библијата со заинтересирано лице

Сепак, животот не ми се врти само околу технологијата. Пријателите секој ден доаѓаат да ме видат. Често доведуваат роднини и други лица што ја проучуваат Библијата. Дури и ме замолуваат јас да ги водам дискусиите. Понекогаш, некои семејства ме посетуваат и ме вклучуваат во Семејната вечер посветена на Јехова. Особено уживам кога дечињата седат до мене и ми кажуваат зошто го сакаат Јехова.

Семејна вечер со пријатели и нивните дечиња

Многу се радувам кога имам гости. Кај мене често доаѓаат пријатели од разни места. Негувателите во центарот се изненадени кога гледаат колкава љубов и внимание ми покажуваат соверниците. Секој ден му благодарам на Јехова што ми дозволува да бидам дел од едно толку прекрасно братство.

ПРОДОЛЖУВАМ ДА СЕ БОРАМ

Кога некој ќе ме поздрави и ќе ме праша како сум, му велам: „Еве, продолжувам да се борам!“ Се разбира, знам дека не сум единствениот кој води битка. Без оглед на околностите и тешкотиите со кои се соочуваме, сите ние, како христијани ја водиме „добрата борба на верата“ (1. Тимотеј 6:12). Што ми помага и понатаму да се борам? Секој ден му благодарам на Јехова во молитва затоа што ми дава смисла во животот. Освен тоа, се трудам да бидам позафатен во службата за Бог и постојано да мислам на убавата иднина што нѐ очекува.

Хозе Марија

Често размислувам за новиот свет и се обидувам да си замислам како повторно трчам и скокам. Понекогаш со Хозе Марија, кој има детска парализа, се шегуваме дека во рајот ќе се тркаме. Го прашувам: „Што мислиш, кој ќе победи?“ А тој вели: „Не е важно кој ќе победи, најважно е да бидеме таму и да трчаме“.

Не ми е лесно да се помирам со ограничувањата што ми ги носи хендикепот. Свесен сум дека како тинејџер постапив неразумно, и скапо плаќам за тоа. Сепак, многу сум благодарен што Јехова не ме напушти. Тој ми даде многу дарови — големо духовно семејство, волја за живот, чест да им помагам на другите и прекрасна надеж за иднината. Ако треба да ги опишам моите чувства со една реченица, би рекол дека Јехова ми даде повеќе од што заслужувам.