Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јули 2015

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ДА СЕ СПРАВИМЕ СО ГРИЖИТЕ

Семејни проблеми

Семејни проблеми

„Кратко по смртта на татко ми, маж ми ми кажа дека се гледа со друга жена“, вели Џенет. „По некое време, без ниеден збор, се спакува и ме остави со нашите две деца.“ Откако се случило ова, Џенет нашла работа, но платата ѝ била премала за да ги покрие трошоците околу куќата. Освен тоа, таа се измачувала и со други грижи. „Многу ми беше тешко затоа што сите одговорности требаше да ги извршувам сама. Се борев со чувства на вина затоа што не можев да се грижам за моите деца како што се грижат другите родители. Сѐ уште се прашувам какво мислење имаат луѓето за мене и за децата. Можеби мислат дека не направив сѐ за да го зачувам бракот.“

Џенет

Тоа што се молела ѝ помогнало на Џенет да се бори со своите чувства и уште повеќе да се зближи со Бог. „Најтешко ми е навечер, кога сѐ околу мене е тивко, а немирните мисли во мојата глава се толку гласни. Тоа што се молам и ја читам Библијата ми помага да заспијам. Многу ми се допаѓаат зборовите од Филипјаните 4:6, 7: ‚Не бидете загрижени за ништо туку во сѐ — со молитви и молби со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји кој ја надминува секоја мисла ќе ги чува вашите срца и вашиот ум‘. Поминав многу ноќи молејќи му се на Јехова и чувстував како тој ми дава внатрешен мир.“

Она што го кажал Исус во Проповедта на гората во врска со молитвата може да ги утеши оние кои се борат со најразлични грижи. Исус рекол: „Вашиот Татко знае што ви треба уште пред да го замолите“ (Матеј 6:8). Сепак, ние треба да му се обратиме на Бог во молитва. Молитвата е главниот начин на кој можеме да ‚му се приближиме‘. Ако го сториме тоа, и ‚Бог ќе ни се приближи нам‘ (Јаков 4:8).

Молитвата не е само емоционален вентил за нашите чувства и грижи. Јехова ги слуша молитвите и им помага на оние кои го молат со вера (Псалм  65:2). Токму затоа Исус ги поучувал своите следбеници ‚секогаш да се молат и да не се откажуваат‘ (Лука 18:1). Мора да продолжиме да бараме совети и помош од Бог, цврсто уверени дека тој ќе нѐ благослови поради нашата вера. Никогаш не треба да се сомневаме дека Бог сака и може да ни помогне. Ако ‚непрестајно се молиме‘ на овој начин, покажуваме дека имаме цврста вера (1. Солуњаните 5:17).

ШТО ЗНАЧИ ДА СЕ ИМА ВЕРА

Што значи да се има вера? За да имаме вера, треба добро да го ‚запознаеме‘ Бог (Јован 17:3). Најпрво треба да ја читаме Библијата. Така ќе дознаеме дека Бог го гледа секого од нас и дека сака да ни помогне. Сепак, вистинската вера вклучува повеќе отколку само да знаеме нешто за Бог. Треба и да стекнеме близок однос со него. Исто како што со еден човек не можеме да станеме пријатели прекуноќ, така потребно ни е време за да изградиме близок однос со Бог. Нашата вера сѐ повеќе ќе расте додека учиме за него, додека ја вршиме неговата волја и додека гледаме како ни помага (2. Коринќаните 10:15; Јован 8:29). Цврстата вера ѝ помогнала на Џенет да се справи со грижите.

Таа вели: „Тоа што гледав како Јехова е постојано крај мене и како со љубов ми помага многу ми ја зајакна верата. Честопати се соочувавме со неправди кои мислевме дека нема да ги поднесеме. Во тие моменти многу му се молев на Јехова, и тој секогаш наоѓаше решение на кое не ни помислував. Кога му се заблагодарувам во молитва, се потсетувам колку многу ни помогнал досега. Секогаш ни ја дава потребната помош токму навреме. Тој ми даде вистински пријатели — верни браќа и сестри. Тие секогаш се тука за мене и им оставаат добар пример на моите деца. *

Потполно сфаќам зошто Јехова во Малахија 2:16 рекол: ‚Го мразам разводот‘. Неверството од брачниот другар е најболното нешто. Иако поминаа години откако маж ми ме напушти, понекогаш сѐ уште се чувствувам осамено и безвредно. Кога ќе ме обземат такви чувства, се обидувам да ги оттргнам мислите така што правам нешто за некој друг“. Тоа што Џенет го следи библискиот совет да не се изолира ѝ помага да ја намали загриженоста * (Изреки 18:1).

Бог е „Татко на сираците и Заштитник на вдовиците“ (Пслам 68:5)

Џенет вели: „Најголема утеха ми влева фактот дека Бог е ‚Татко на сираците и Заштитник на вдовиците‘. За разлика од маж ми, тој нема никогаш да нѐ напушти“ (Псалм 68:5, Превод на МПЦ — Ревидирано издание). Џенет знае дека ‚Бог не нѐ искушува со зло‘. Напротив, тој ‚великодушно ни дава мудрост‘ и ‚сила која ја надминува нормалната‘ за да излеземе на крај со нашите грижи (Јаков 1:5, 13; 2. Коринќаните 4:7).

Но, што ако сме загрижени затоа што нашиот живот е во опасност?

^ пас. 10 Други практични предлози за тоа како да ја намалиш загриженоста можеш да најдеш во Разбудете се! од јули 2015 со наслов: „Имаш ли контрола над својот живот?“ Ова списание е достапно и на www.jw.org/mk.