Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јули 2015

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ДА СЕ СПРАВИМЕ СО ГРИЖИТЕ

Опасности

Опасности

„Кога ќе го чујам звукот на сирените, срцето почнува брзо да ми чука и веднаш бегам во скривницата“, вели Алона. „Но, дури и таму сум многу вознемирена. Уште полошо се чувствувам кога сум надвор и нема каде да се скријам. Еднаш се уклучија сирените додека одев по улица. Почнав силно да плачам и да се гушам, и не можев да се смирам со часови. По некое време, сирените повторно почнаа да пиштат.“

Алона

Војните не се единствениот извор на опасност. На пример, кога лекарите ќе откријат дека ти или некој што го сакаш има смртоносна болест може да се почувствуваш како да ти се пресекле нозете. За други, стравот од иднината може да биде причина за загриженост. Тие се прашуваат дали нивните деца ќе мора да живеат во свет со војни, криминал, загадување, климатски промени и зарази. Како да се справиме со ваквите грижи?

Бидејќи знае дека може да му се случи нешто лошо, „паметниот човек го гледа злото и се трга“ (Изреки 27:12). Исто како што го чуваме нашето физичко здравје, така можеме да преземеме мерки за да си го зачуваме менталното и емоционалното здравје. Забавата во која има насилство и вестите во кои се прикажуваат ужасни слики ја зголемуваат нашата загриженост и загриженоста на нашите деца. Тоа што не сакаме непотребно да се изложуваме на овие работи не значи дека бегаме  од реалноста. Бог не нѐ создал за да размислуваме за лоши работи. Наместо тоа, треба да размислуваме за она што е ‚вистинито, праведно, чисто и допадливо‘. Ако го правиме тоа, „Богот на мирот“ ќе ни даде внатрешен мир (Филипјаните 4:8, 9).

МОЛИТВАТА Е МНОГУ ВАЖНА

Цврстата вера ни помага да се справиме со грижите. Библијата нѐ поттикнува да не ја „занемаруваме молитвата“ (1. Петрово 4:7). Можеме да го молиме Бог да ни помогне, да ни даде мудрост и да ни влее храброст за да успееме да го извлечеме најдоброто од ситуацијата во која се наоѓаме. Притоа, треба да бидеме уверени дека тој ги слуша нашите молитви (1. Јованово 5:15).

Со нејзиниот сопруг, Ави

Библијата ни открива дека Сатана е „владетелот на овој свет“, а не Бог, и дека „целиот свет е под власта на Злобниот“ (Јован 12:31; 1. Јованово 5:19). Токму затоа Исус нѐ поучил да се молиме: „Избави нѐ од Злобниот“ (Матеј 6:13). Алона вели: „Кога ќе ги чујам сирените, почнувам да го молам Јехова да ми помогне да останам смирена. Во тие моменти, многу ми значи и тоа што маж ми ми се јавува и се моли со мене. Молитвите навистина се од голема помош“. Како што пишува во Библијата: „Јехова е близу до сите што го повикуваат, до сите што го повикуваат во вистина“ (Псалм 145:18).

НАШАТА НАДЕЖ ЗА ИДНИНАТА

Во својата Проповед на гората, Исус ги поучил своите следбеници да се молат: „Да дојде царството твое“ (Матеј 6:10). Божјето Царство ќе ги отстрани сите причини за загриженост. Преку Исус, кој е „Кнез на мирот“, Бог ‚ќе ги прекине војните до крајот на земјата‘ (Исаија 9:6; Псалм 46:9). Бог ‚ќе им биде судија на многу народи. Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да се учат да војуваат. Никој нема да ги плаши‘ (Михеј 4:3, 4). Семејствата ќе бидат среќни, „ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род“ (Исаија 65:21). „Никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24).

И покрај сите мерки за безбедност, денес не е возможно да се заштитиме од „непредвидените настани“ или да избегнеме да бидеме во погрешно време на погрешно место (Проповедник 9:11). Низ вековите голем број добри луѓе го изгубиле својот живот поради војните, насилството и болестите. Каква надеж има за овие невини жртви?

Неброени милиони луѓе ќе имаат можност повторно да живеат. Засега, тие се во Божјето сеќавање сѐ до денот кога „сите оние што се во гробовите... ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Во врска со воскресението, во Библијата пишува: „Таа надеж ни е како сигурна и цврста котва за душата“ (Евреите 6:19). Бог дал гаранција дека ќе има воскресение со тоа што го воскреснал својот Син, Исус (Дела 17:31).

Додека да дојде тоа време, дури и луѓето што му се верни на Бог ќе имаат грижи. Пол, Џенет и Алона успешно се справуваат со грижите затоа што презеле практични чекори, се зближиле со Бог преку молитва и изградиле цврста вера во надежта за иднината што ни ја дава Библијата. Исто како нив, Бог кој дава надеж ‚ќе ги исполни со радост и мир‘ оние што веруваат во него (Римјаните 15:13).