Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јули 2015

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Како се користеле рачните мелници во древни времиња?

Рачните мелници се користеле за да се сомеле житото. Од добиеното брашно се правело леб. Жените или слугите во древни времиња секојдневно ги употребувале овие рачни мелници. Звукот од рачната мелница одекнувал од речиси секое домаќинство (2. Мојсеева 11:5; Еремија 25:10).

Цртежите и киповите од древниот Египет покажуваат како се одвивал процесот на мелење жито. Житото се ставало на вдлабната хоризонтална камена површина, која понекогаш се нарекувала мелничко седло. Оној што го мелел житото клечел пред седлото кое било неподвижно и со двете раце држел помал мелнички камен, наречен јавач, кој го движел напред-назад притискајќи врз седлото. Според едно списание, горниот мелнички камен обично тежел од 2 до 4 килограми. Со него можело да се усмрти дури и човек (Судиите 9:50-54).

Житариците биле неопходни за опстанокот на едно семејство. Токму затоа, законот од Библијата забранувал да се земе рачна мелница како залог. Во 5. Мојсеева 24:6 пишува: „Никој нека не зема во залог рачна мелница, ниту горниот камен од неа, зашто така би го зел во залог самиот живот“.

Што значи изразот „во прегратката на Таткото“?

Во Библијата пишува дека Исус „е во прегратката на Таткото“ (Јован 1:18, фуснота). Овој израз укажува на блискиот однос што постои меѓу Исус и Бог. Освен тоа, укажува и на еден обичај кој го имале Евреите кога јаделе.

Во времето на Исус, Евреите околу трпезата поставувале софи. Оние што јаделе лежеле на софите свртени со главата кон масата потпирајќи се со левиот лакот на перници. На овој начин, десната рака им била слободна. Бидејќи сите лежеле на левата страна еден покрај друг, „главата на оној што бил напред била близу до градите на тој што бил зад него и затоа можело да се каже дека му лежел во прегратка“, пишува во една енциклопедија.

Се сметало дека е посебна чест некој да лежи во прегратката на поглаварот на семејството или на домаќинот на гозбата. Кога Исус ја прославил последната Пасха со своите ученици, апостол Јован, ‚ученикот кого Исус посебно го сакал‘, лежел во неговата прегратка. Затоа Јован можел да „се навали на Исусовите гради“ и да му постави прашање (Јован 13:23-25; 21:20).