Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јуни 2015

Кој е антихристот?

Кој е антихристот?

Пред некоја година излезе хорор филм со наслов Антихрист.

Еден од албумите на една позната музичка група е насловен Антихрист Суперстар.

Фридрих Ниче, филозоф од 19 век, го напишал делото Антихрист.

Цареви и владетели од средниот век честопати своите противници ги нарекувале антихристи.

Мартин Лутер, водачот на реформацијата во Германија, ги нарекол католичките папи антихристи.

БИДЕЈЌИ со изразот „антихрист“ долго време се означуваат различни работи — од владетели до имиња на филмови — нормално е да се запрашаме: ‚Кој е антихристот? Треба ли и ние да бидеме заинтересирани за оваа тема?‘ За да дознаеме кој е антихристот, најлогично е одговорот да го побараме во Библијата. Во неа овој израз се појавува пет пати.

АНТИХРИСТОТ Е РАЗОТКРИЕН

Единствениот библиски писател кој го употребил зборот „антихрист“ е апостол Јован. Во своето прво послание тој го дал следниов опис: „Деца, последниот час е и, како што сте чуле дека ќе дојде антихристот, веќе сега се појавија многу антихристи. По тоа знаеме дека е последниот час. Излегоа од нас, но не беа од нас... Кој е лажливец ако не оној што одрекува дека Исус е Христос? Тоа е антихристот, оној што ги одрекува Таткото и Синот“ (1. Јованово 2:18, 19, 22).

Апостол Јован сфатил дека антихристот се сите оние што намерно шират верски измами во врска со Исус Христос и неговите учења

Што ни откриваат овие зборови? Јован спомнува „многу антихристи“, што покажува дека антихристот не е поединец, туку група луѓе. Луѓето или организациите што го сочинуваат антихристот шират лаги, не го прифаќаат Исус како Христос, односно Месија и се обидуваат да ја извртат вистината за тоа во каков однос се Бог и неговиот Син, Исус Христос. Тие тврдат дека самите се Христос или дека се негови претставници. Но, бидејќи за нив Јован вели „излегоа од нас“, тоа значи дека застраниле од точните библиски учења. А „последниот час“ веројатно се однесува на крајот на времето на апостолите, што покажува дека, кога Јован го напишал своето послание, веќе имало ваква група луѓе.

Што друго напишал Јован во врска со антихристот? Зборувајќи за лажните пророци, тој го дал следново предупредување: „Секоја изјава која признава дека Исус Христос дошол во тело, ја вдахнал Бог. Но ниту една изјава која не го признава Исус, не ја вдахнал Бог. Таквата изјава ја вдахнал антихристот, а чувте дека таа доаѓа, и сега е веќе во светот“ (1. Јованово 4:2, 3). Потоа, во своето второ послание, Јован повторил: „Многу измамници излегоа во светот, оние што не признаваат дека Исус Христос дошол во тело. Тоа е измамникот и антихристот“ (2. Јованово 7). Очигледно, Јован сфатил дека антихристот се сите оние што намерно шират верски лаги во врска со Исус Христос и неговите учења.

„ЛАЖНИТЕ ПРОРОЦИ“ И „ЧОВЕКОТ НА БЕЗЗАКОНИЕТО“

Исус предупредил дека лажните пророци ‚се крвожедни волци во овчо руно‘

Долго време пред Јован да пишува за верските измамници, Исус Христос им го дал следниов совет на своите ученици: „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат кај вас во овчо руно, а однатре се крвожедни волци“ (Матеј 7:15). И апостол Павле ги предупредил  христијаните во Солун: „Никој нека не ве заведе на каков и да е начин, зашто тој ден [Јеховиниот ден] нема да дојде додека најнапред не дојде отпадништвото и не се открие човекот на беззаконието, синот на пропаста“ (2. Солуњаните 2:3).

Значи, во првиот век веќе имало лажни пророци и отпадници кои сакале да го ослабат христијанското собрание. Изразот „антихрист“ кој го спомнува Јован, се однесува на сите оние што ширеле лаги и верски измами во врска со Исус Христос и неговите учења. Како гледал Јехова на нив дознаваме од изразот што Павле го употребил за нив — „синот на пропаста“.

ШТО ПРАВИ АНТИХРИСТОТ ДЕНЕС

Како стојат работите денес? Луѓето и организациите кои го сочинуваат антихристот сѐ уште му се противат на Христос и на неговите учења. Тие намерно шират лаги и измами со цел да направат збрка околу тоа која е вистината за Таткото, Јехова Бог, и за неговиот Син, Исус Христос. Имаме силни причини да бидеме свесни за таквите верски измами. Да разгледаме два примера.

Низ вековите, црквите го ширеле учењето за тројството, тврдејќи дека Таткото и Синот се едно. На тој начин антихристот ја крие и ја извртува вистината за тоа кој е Јехова Бог, а кој е Исус Христос. Ова лажно учење ги спречува искрените луѓе да го прават она на што ги поттикнува Библијата — да го следат Исус Христос и да бидат блиски со Бог (1. Коринќаните 11:1; Јаков 4:8).

Да биде збрката уште поголема, црквите се залагаат за тоа да се користат библиски преводи во кои е испуштено Божјето лично име, Јехова. Тоа го прават и покрај фактот дека името Јехова се појавува околу 7.000 пати во изворниот текст на Библијата. Како последица на тоа, вистината за Бог е уште поскриена.

Од друга страна, многу луѓе што искрено сакале да му служат на Бог станале уште поблиски со него кога го дознале неговото име, Јехова. Така било и со Ричард, кој се сеќава на разговорот што го имал со двајца Јеховини сведоци. Тој вели: „Тие ми прочитаа од Библијата дека името на вистинскиот Бог е Јехова. Кога дознав дека Бог има лично име, нешто што никогаш дотогаш не сум го чул, бев одушевен. Тоа што го дознав Божјето име ми помогна да развијам блиско пријателство со него“. Оттогаш, тој направил промени во својот живот и почнал да живее во склад со Божјите мерила и да му служи на Јехова.

Со векови, антихристот држи милиони луѓе во духовна темнина. Но, со проучувањето на Божјата Реч, Библијата, можеме да ја дознаеме вистината за антихристот и да бидеме ослободени од неговите верски лаги и измами (Јован 17:17).

Нешто повеќе

КНИГИ И БРОШУРИ

Кој владее со светот?

Можеби ќе се изненадиш од одговорот што го дава Библијата. Дознај зошто е важно да го знаеш и што ни кажува за иднината.

ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА

Дали во Библијата пишува дека Бог е тројство?

Многу религии учат дека Бог е тројство. Дали Библијата го потврдува тоа учење?

ДОБРА ВЕСТ ОД БОГ!

Дали Бог има име?

Бог има многу титули, како што се Семоќен, Творец и Господар. Но, Божјето име го има во Библијата над 7.000 пати.