Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јуни 2015

Достоинствено проживеј ја староста

Достоинствено проживеј ја староста

КАКО се чувствуваш кога ќе помислиш на тоа дека доаѓа староста? За голем број луѓе таа е причина за загриженост, немир, па дури и страв. Староста обично носи негативни работи — годините оставаат траги врз физичкиот изглед, телото полека ја губи силата, почнуваме да забораваме и посклони сме кон хронични болести.

Сепак, факт е дека не стареат сите исто. Некои постари лица имаат релативно добро физичко и ментално здравје. Други, пак, благодарение на напредната медицина можат да живеат со некоја хронична болест. Како резултат на тоа, во некои земји сѐ повеќе луѓе живеат подолго и водат поздрав живот.

Сеедно дали се борат со проблемите што ги носи староста, повеќето луѓе сакаат достоинствено да си ја проживеат третата доба од животот. Што може да им помогне во тоа? Донекаде тоа зависи од ставот, како и од спремноста и можноста човек да се приспособи на оваа нова фаза од животот. Еве неколку едноставни и практични библиски совети кои можат да ни помогнат во тоа.

БИДИ СКРОМЕН: „Мудроста е кај скромните“ (Изреки 11:2). Во овој контекст, изразот „скромните“ се однесува на постарите лица кои се свесни за ограничувањата што им ги наметнува староста, без да ги негираат или игнорираат. Чарлс (93) од Бразил е многу реален. Тој вели: „Со годините си доаѓа и староста. Не можеме да го вратиме времето наназад“.

Меѓутоа, да се биде скромен не значи да се прифати негативниот став: „Јас сум стар — моето помина“. Со ваков став може да ја изгубиме волјата за живот. Во Библијата пишува: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“ (Изреки 24:10). Скромниот човек ќе покаже мудрост ако се труди да гледа позитивно на работите и ако го прави она што може.

Корадо (77) од Италија вели: „Кога возиш по угорница, едноставно ја намалуваш брзината за да не ти изгасне моторот“. Значи, староста налага промени. Корадо и жена му научиле да бидат урамнотежени во поглед на домашните обврски, така што гледаат да не се зафатат со премногу работи за да не бидат исцрпени на крајот од денот. И Мериен (81) од Бразил реално гледа на  староста. Таа вели: „Научив да не се преморувам. Кога работам нешто и чувствувам дека ми треба одмор, си правам кратка пауза. Тогаш седнувам или легнувам и читам нешто или, пак, слушам музика. Сфатив дека морам да се помирам со тоа дека не можам да работам како порано“.

Биди урамнотежен

БИДИ УРАМНОТЕЖЕН: „Жените да се облекуваат пристојно, а притоа да бидат скромни и разборити“ (1. Тимотеј 2:9). Изразот „да се облекуваат пристојно“ укажува на урамнотеженост и добар вкус. Барбара (74) од Канада вели: „Се трудам да изгледам уредно и чисто. Не сакам да изгледам запуштено и да не водам сметка за својот изглед само затоа што сум стара“. Ферн (91) од Бразил вели: „Одвреме-навреме си купувам нова облека за да се чувствувам убаво“. А што може да се каже за постарите мажи? Антонио (73) од Бразил вели: „Се трудам да изгледам елегантно и да носам чиста и неизлитена облека“. А во врска со личната хигиена тој додава: „Се бричам и се туширам секој ден“.

Од друга страна, важно е човек да не оди во другата крајност и за личниот изглед да се грижи до тој степен што ќе престане да покажува разборитост. Бок-им (69) од Јужна Кореја има урамнотежен став кон облекувањето. Таа вели: „Свесна сум дека повеќе не ми личи да носам некои алишта што ги носев кога бев млада“.

Биди позитивен

БИДИ ПОЗИТИВЕН: „Сите денови на страдалникот се лоши, а кој има весело срце, на гозба е без престан“ (Изреки 15:15). Како што минуваат годините, можеби на моменти ќе ти биде тешко кога ќе се сетиш на силата што си ја имал во младоста и на сѐ што си можел да правиш. Иако ваквите чувства се нормални, немој да дозволиш да те надвладеат. Ако живееш во минатото, тоа може да ти ја одземе радоста и да изгубиш волја да го правиш и она што сѐ уште можеш да го правиш. Џозеф (79) од Канада размислува позитивно: „Се трудам да уживам во она што можам да го правам сега наместо да жалам по она што сум можел да го правам некогаш“.

Читањето и учењето нови работи можат да ти помогнат да бидеш позитивен и да си ги прошириш видиците. Затоа, колку што можеш читај и учи нешто ново. Ернесто (74) од Филипините редовно оди во библиотека и бара нешто интересно за читање. Тој вели: „Сѐ уште уживам кога читам авантуристички романи кои ми овозможуваат, барем со мислите, да отпатувам на нови места“. Ленарт (75) од Шведска почнал да учи нов јазик, иако тоа воопшто не е лесно.

Биди дарежлив

БИДИ ДАРЕЖЛИВ: „Давајте, и ќе ви се даде“ (Лука 6:38). Нека ти стане навика да им даваш нешто на другите и да одвојуваш време за нив. Така ќе се чувствуваш исполнето и среќно.  Оза (85) од Бразил се труди да им помага на другите и покрај своите физички ограничувања. Таа вели: „Им се јавувам или им пишувам писма на пријателите кога се болни или обесхрабрени. Понекогаш им купувам некоја ситница. Освен тоа, кога некој е болен, сакам да му зготвам нешто или да му направам десерт“.

Дарежливоста поттикнува на дарежливост. „Кога им покажуваш љубов на другите и тие се поттикнати да ти возвратат“, вели Јан (66) од Шведска. Кога некој е дарежлив, другите уживаат во неговото друштво бидејќи се чувствуваат ценети и сакани.

БИДИ ДРУЖЕЉУБИВ: „Оној што се изолира, оди по своите себични желби, се спротивставува на секоја мудрост“ (Изреки 18:1). Нормално е понекогаш да сакаш да бидеш сам, но немој да се изолираш и да се повлекуваш во себе. Иносент (72) од Нигерија многу сака да биде со пријателите. Тој вели: „Се радувам кога се дружам со лица на различна возраст“. Борје (85) од Шведска вели: „Сакам да се дружам со младите. Нивната енергичност прави да се чувствувам млад — барем однатре“. Кани ги пријателите на гости. Хан-сик (72) од Јужна Кореја, вели: „Со жена ми многу сакаме да каниме на дружење или на ручек пријатели на различна возраст — и постари и тинејџери“.

Биди дружељубив

Дружељубивите луѓе се комуникативни. Но, за комуникација се потребни двајца. Затоа, наместо само да зборуваш, труди се и внимателно да слушаш. Биди заинтересиран за другите. Илина (71) од Мозамбик вели: „Со луѓето се однесувам пријателски и со почит. Кога ми зборуваат, ги слушам за да дознаам како размислуваат и што сакаат“. Жузе (73) од Бразил вели: „Луѓето многу сакаат некој да ги сослуша, да покаже сочувство и грижа за нив, да ги пофали во вистинскиот момент и да знае да ги насмее“.

Кога зборуваш, внимавај твојот збор да биде „зачинет со сол“ (Колошаните 4:6). Затоа, биди обѕирен и охрабрувај ги другите.

БИДИ БЛАГОДАРЕН: „Бидете благодарни“ (Колошаните 3:15). Кога некој ќе ти помогне, биди благодарен. Покажувањето благодарност ги зацврстува пријателствата. Мари Пол (74) од Канада вели: „Неодамна јас и маж ми се преселивме од куќа во стан. Многу пријатели дојдоа да ни помогнат. Не можевме да најдеме зборови да им се заблагодариме. На сите им испративме картички во знак на благодарност, а некои од нив ги поканивме на ручек“. Џе-вон (76) од Јужна Кореја е благодарна што соверниците ја возат до Салата на Јеховините сведоци. Таа вели: „Многу сум им благодарна за ваквата помош. Затоа им давам пари за бензин, а понекогаш им подготвувам и мали подароци и картички во знак на благодарност“.

Пред сѐ, биди благодарен за животот. Мудриот цар Соломон напишал: „На живиот пес му е подобро отколку на мртвиот лав“ (Проповедник 9:4). Да, можеш да старееш достоинствено ако имаш исправен став и ако си спремен да правиш промени.

Биди благодарен