Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  мај 2015

 УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | ЈОСИФ

„Зар сум јас на местото на Бог?“

„Зар сум јас на местото на Бог?“

ЈОСИФ стоел во својата градина додека ноќта полека се спуштала. Ги набљудувал палмите, другите дрвја и езерцата со водни растенија, а погледот му допирал и до палатата на фараонот. Од куќата на Јосиф се слушала детска смеа. Неговиот син Манасија го скокоткал своето мало братче Ефрем. Јосиф лесно можел да си ја замисли својата мила жена како се насмевнува додека ги гледа дечињата кои си играат. И на неговото лице се разлеала пријатна насмевка. Бил уверен дека го има Божјиот благослов.

Јосиф му го дал на својот првороден син името Манасија бидејќи тоа име значело „причина да се заборави“ (1. Мојсеева 41:51, фус.). Благословот што Бог го излеал врз него во изминатите години сигурно му ги залечил болните спомени од неговото родно место, неговите браќа и неговиот татко. Животот на Јосиф се сменил од корен поради омразата што неговите браќа ја чувствувале кон него. Тие го навредувале, се обиделе да го убијат, и на крај го продале како роб на трговците што минувале во близина. Оттогаш започнал еден бурен период од неговиот живот. Јосиф околу 12 години служел како роб и лежел в затвор, некое време дури и во железни окови. Но сега бил втор човек во Египет, веднаш по фараонот! *

Јосиф можел да види дека настаните се одвиваат токму онака како што прорекол Јехова. Настапиле проречените седум години во кои египетската земја давала обилен род, а Јосиф го надгледувал складирањето на житото. Во тој период, неговата жена Асенета му родила два сина. И покрај тоа, Јосиф со мислите постојано се навраќал на своето родно место и на семејството кое било оддалечено стотици километри од него. Честопати размислувал за својот помлад брат, Венијамин, и за својот сакан татко, Јаков. Веројатно се прашувал дали се живи и здрави. Освен тоа, можеби се прашувал дали неговите постари браќа сѐ уште се насилни и дали јазот што го раздвојувал неговото семејство некогаш ќе биде премостен.

Можеби и ти, исто како Јосиф, имаш нарушени односи со членовите на твоето семејство поради љубомора, предавство или омраза. Што можеш да научиш од Јосиф кој покажал силна вера и се грижел за своето семејство?

„ОДЕТЕ КАЈ ЈОСИФ!“

Бидејќи Јосиф бил многу зафатен, времето му минувало брзо. Токму како што прорекол Јехова во сонот на фараонот, по седумте години обилен род следела драстична промена. Жетвата пропаднала. Наскоро во сите околни земји завладеал глад. Но, во Библијата пишува дека ‚во целата египетска земја имало леб‘ (1. Мојсеева 41:54). Без сомнение, тоа што Бог однапред му кажал на Јосиф што ќе се случи и тоа што Јосиф бил добро организиран им користело на Египќаните.

Бидејќи Јосиф останал понизен, Јехова продолжил да го користи

Египќаните сигурно му биле многу благодарни на Јосиф и го фалеле за тоа што добро ги организирал  работите. Сепак, Јосиф не сакал славата да му припадне нему, туку на неговиот Бог, Јехова. Ако и ние понизно му служиме на Бог со нашите таленти и способности, тој може да нѐ користи на начин на кој никогаш не сме помислиле.

Со текот на времето, и Египќаните биле погодени од гладот. Кога побарале помош од фараонот, тој им рекол: „Одете кај Јосиф! И што ќе ви рече, тоа направете го!“ Тогаш Јосиф почнал да ги отвора сите амбари со жито за да можат луѓето да си купат храна (1. Мојсеева 41:55, 56).

Меѓутоа, во околните земји немало такви резерви со храна. Стотици километри далеку од Египет, во Ханаан, семејството на Јосиф гладувало. Остарениот Јаков чул дека во Египет имало жито и затоа им кажал на своите синови да отидат таму и да купат храна (1. Мојсеева 42:1, 2).

Јаков испратил десет свои синови, но не го испратил најмалиот, Венијамин. Сѐ уште во мислите му биле живи спомените кога го замолил Јосиф, да ги посети своите постари браќа. Тогаш за последен пат го видел својот сакан син. Постарите браќа ја донеле дома раскината и крвава облеката што Јаков со љубов му ја дал на Јосиф. Тоа му го скршило срцето на остарениот Јаков, кој поверувал дека Јосиф е растргнат од диви ѕверови (1. Мојсеева 37:31-35).

„ЈОСИФ ВЕДНАШ СЕ СЕТИ“

По долго патување, синовите на Јаков стигнале во Египет. Кога побарале да купат храна, им било речено да се обратат кај еден египетски службеник кој бил на висока положба и се викал Сафнат Панеах (1. Мојсеева 41:45). Овој човек бил Јосиф. Дали тие го препознале? Воопшто не. Во нивни очи тој бил египетски владетел од кого требало да бараат помош. За да му искажат чест, ‚се поклониле со лицето доземи‘ (1. Мојсеева 42:5, 6).

Дали Јосиф ги препознал своите браќа? Да, и тоа веднаш. Кога се поклониле пред него, се присетил на една случка од детството. Извештајот ни кажува дека ‚Јосиф веднаш се сетил на соништата‘ кои Јехова му ги дал кога бил мал. На сон видел како браќата му се поклонуваат. И сега, токму тоа се случило! (1. Мојсеева 37:2, 5-9; 42:7, 9). Какви чувства се појавиле кај Јосиф? Дали посакал да ги прегрне своите браќа? Или посакал да им се одмазди?

Како и да е, тој знаел дека не смее да се поведе по своите чувства. Било очигледно дека Јехова стои зад овој пресврт на настаните затоа што во прашање била неговата намера. Јехова ветил дека од потомците на Јаков ќе направи голем народ (1. Мојсеева 35:11, 12). Ако браќата на Јосиф сѐ уште биле насилни, себични и безмилосни, тоа би можело да влијае врз Божјата намера. Исто така, ако Јосиф не ги контролирал своите чувства, можеби ќе ги разлутел браќата и со тоа ќе ги изложел на опасност својот татко Јаков и Венијамин. Можеби се прашувал и дали воопшто се живи. Затоа, Јосиф решил да не им се открие на своите браќа и да ги  стави на испит. Само така ќе можел да види дали се промениле и да дознае како Јехова сакал тој да постапи.

Веројатно ти нема никогаш да се најдеш во таква необична ситуација. Сепак, во многу семејства денес доаѓа до кавги и несогласувања. Кога ќе се соочиме со такви ситуации, лесно би можеле да се поведеме по нашите чувства и да постапиме непромислено. Многу е помудро да го следиме примерот на Јосиф и да се обидеме да сфатиме како Бог сака да постапиме во тие ситуации (Изреки 14:12). Да не заборавиме дека, иако е важно да бидеме во мир со членовите на семејството, уште поважно е да го зачуваме мирот со Јехова и со неговиот Син (Матеј 10:37).

„ЌЕ ВЕ ИСПИТАМ“

Јосиф се обидел на повеќе начини да ги испита своите браќа за да види какви се навистина. Најпрво, преку толкувач зборувал остро со нив и ги обвинил дека се извидувачи од друга земја. За да го разубедат, тие му раскажале некои работи во врска со своето семејство. Меѓу другото, му кажале дека нивниот најмал брат останал дома. Јосиф се обидел да ја скрие возбудата. За да се увери дека неговиот брат навистина е жив, тој им рекол: „Ќе ве испитам“. Јосиф им кажал дека мора да го види нивниот најмал брат. На крај, ги пуштил да си одат дома за да го донесат најмалиот брат, но под услов еден од нив да остане како заложник (1. Мојсеева 42:9-20).

Без да бидат свесни дека Јосиф може да ги разбере што зборуваат, браќата се прекорувале за големото зло што го направиле пред 20 години. Тие си велеле: „Сигурно нѐ стигнува вината поради нашиот брат, зашто видовме колку му беше мачно на душата кога нѐ молеше за милост, а ние не го послушавме. Затоа нѐ снајде оваа неволја“. Јосиф ги разбрал што зборуваат и се тргнал настрана за да не видат дека заплакал (1. Мојсеева 42:21-24). Тој знаел дека, за некој да покаже вистинско каење, не е доволно само да жали поради тоа што ги жнее последиците од лошата постапка. Затоа се обидел да ги испита своите браќа уште на неколку начини.

Јосиф ги пуштил да си одат дома, а го задржал Симеон. Исто така, во вреќите со жито им ставил пари. Браќата се вратиле дома и едвај го убедиле Јаков да им дозволи да го земат Венијамин со нив во Египет. Кога се вратиле во Египет, веднаш му кажале на слугата на Јосиф за парите што ги нашле во нивните вреќи и понудиле да ги вратат. Тоа било убаво од нивна страна, но Јосиф сакал уште подобро да види што се крие во нивното срце. Затоа им приредил гозба на своите браќа. Кога го здогледал Венијамин, одвај се воздржал да не ја покаже својата радост. Откако завршила гозбата, им дозволил да се вратат во својата земја. Повторно им ги наполнил вреќите со храна, но овојпат во вреќата на Венијамин ставил еден сребрен пехар (1. Мојсеева 42:26 — 44:2).

По некое време откако браќата заминале, Јосиф ги обвинил дека му го украле сребрениот пехар и им заповедал на своите слуги да ги фатат и да ги уапсат. Кога пехарот бил пронајден во вреќата на Венијамин, сите биле вратени кај Јосиф. Сега Јосиф можел да дознае какви навистина се неговите браќа. Зборувајќи во името на сите браќа, Јуда почнал да моли за милост и предложил сите 11 души да станат робови во Египет. Но, Јосиф барал само Венијамин да остане како роб во Египет, а другите да си заминат (1. Мојсеева 44:2-17).

Тогаш Јуда со тага во гласот рекол: „Само тој остана од неговата мајка, а татко му особено го сака“. Овие зборови сигурно го допреле Јосиф до срце бидејќи тој бил постариот син на Рахела, саканата жена на Јаков која умрела додека го раѓала Венијамин. Исто како татко му, Јосиф имал многу убави спомени од својата мајка, Рахела. Можеби поради тоа толку многу го сакал Венијамин (1. Мојсеева 35:18-20; 44:20).

Јуда продолжил да го моли Јосиф да го пушти Венијамин. Дури предложил тој да биде роб наместо Венијамин. На крај ги кажал следниве трогателни зборови: „Како да отидам кај својот татко ако не е момчето со мене, и како да ја гледам неволјата што ќе го снајде татко ми?“  (1. Мојсеева 44:18-34). Ова било јасен доказ дека Јуда се променил. Не само што се каел за тоа што го направил туку и покажал големо сочувство и бил несебичен.

Јосиф видел дека неговите браќа се каат за тоа што му го направиле

Јосиф веќе не можел да издржи. Морал да ги ослободи чувствата што ги потиснувал. Откако им наредил на слугите да си отидат откај него, толку гласно заплакал што плачот се чул дури до палата на фараонот. Тогаш конечно им кажал на браќата: „Јас сум Јосиф“. Ги прегрнал своите стаписани браќа и милостиво им простил за сето она што му го направиле (1. Мојсеева 45:1-15). На тој начин, постапил како Јехова, кој великодушно простува (Псалм 86:5). Дали и ние од срце им простуваме на другите?

„ЗНАМ ДЕКА СИ УШТЕ ЖИВ“

Кога фараонот чул што се случило во куќата на Јосиф, му рекол на Јосиф да ги повика својот татко и целото свое семејство да се населат во Египет. За кратко време, Јосиф повторно бил заедно со својот сакан татко. Низ солзи, Јаков рекол: „Сега можам да умрам, оти го видов твоето лице и знам дека си уште жив“ (1. Мојсеева 45:16-28; 46:29, 30).

Всушност, Јаков проживеал уште 17 години во Египет. Во тој период претскажал какви благослови ќе имаат неговите 12 синови. На Јосиф, кој бил 11-тиот син, му дал двоен благослов — благослов што обично го добивал првородениот син. Две племиња на Израел требало да потекнуваат од него. А каков благослов добил Јуда, четвртиот син, кој најмногу се каел? Тој добил голем благослов — Месијата требало да потекнува од неговата лоза (1. Мојсеева поглавја 48, 49).

Кога Јаков умрел на 147 години, браќата се исплашиле дека Јосиф, кој бил на висока положба, можеби сега ќе сака да им се одмазди. Но, Јосиф со љубов ги успокоил и ги уверил дека тоа нема да се случи. Тој им рекол дека Јехова ги водел работите за семејството да се пресели во Египет и ги уверил дека не треба да чувствуваат вина за тоа што се случило. Тогаш им го поставил следново важно прашање: „Зар сум јас на местото на Бог?“ (1. Мојсеева 15:13; 45:7, 8; 50:15-21). За Јосиф, Јехова бил совршен Судија. Тогаш, како би се осмелил да ги казни оние на кои Јехова им простил? (Евреите 10:30).

Дали и тебе некогаш ти е тешко да простиш? Тоа може да биде предизвик доколку некој намерно нѐ повредил. Но, ако им простуваме од срце на оние што вистински се каат, ќе можеме да залечиме многу рани — и нашите и на оние што ни згрешиле. Така ќе се угледаме на верниот Јосиф и ќе го следиме примерот на нашиот милостив Татко, Јехова.

^ пас. 4 Види ги статиите од рубриката „Угледајте се на нивната вера“ кои излегоа во Стражарска кула од 1 август 2014, 1 ноември 2014 и 1 февруари 2015.

Нешто повеќе

КНИГИ И БРОШУРИ

Угледајте се на нивната вера

Како може да ни користи тоа што ќе научиме нешто повеќе за верните мажи и жени што се спомнуваат во Библијата?