Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  април 2015

 РАЗГОВОР НА БИБЛИСКИ ТЕМИ

Зошто треба да се одбележува смртта на Исус?

Зошто треба да се одбележува смртта на Исус?

Следи типичен разговор на еден Јеховин сведок со некој станар. Да речеме дека Моника, која е Јеховин сведок, отишла кај една жена по име Ема.

„ПРАВЕТЕ ГО ОВА ЗА МОЈ СПОМЕН!“

Моника: Ема, многу ми е мило што минатата седмица дојде на одбележувањето на смртта на Исус Христос. * Како ти се допадна?

Ема: Многу ми се допадна, но не разбрав баш сѐ што беше кажано. Знам дека луѓето го слават раѓањето и воскресението на Исус, односно Божиќ и Велигден. Но, не сум слушнала досега некој да ја слави неговата смрт.

Моника: Точно, многу луѓе во целиот свет ги слават раѓањето и воскресението на Исус. Но, Јеховините сведоци сметаат дека е многу важно да се одбележува смртта на Исус. Ако имаш малку време, со задоволство ќе ти објаснам кои се причините за тоа.

Ема: Може.

Моника: Јеховините сведоци ја одбележуваат смртта на Исус затоа што самиот тој им го заповедал тоа на своите ученици. Да се потсетиме што се случило ноќта пред да умре Исус. Можеби си чула дека таа ноќ тој имал посебна вечера со своите ученици.

Ема: Мислиш на Тајната вечера?

Моника: Да. Таа уште се нарекува и Господаровата вечера. Тогаш Исус им дал на своите ученици јасни упатства. Сакаш ли да ги прочиташ неговите зборови запишани во Лука 22:19?

Ема: Може. „И зеде леб, се заблагодари, го раскрши и им го даде, па рече: ‚Ова го претставува моето тело, кое ќе се даде за вас. Правете го ова за мој спомен!‘“

Моника: Фала. Забележи ја последната реченица од стихот: „Правете го ова за мој спомен!“ Кратко пред ова, Исус јасно им кажал на своите ученици во врска со што требало да чуваат спомен за него, односно на што точно требало да се сеќаваат. Тој им рекол дека ќе го даде својот живот за своите следбеници. Нешто слично е запишано и во Матеј 20:28. Таму стои: „Така и Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да го даде својот живот како откупнина за мнозина“. Значи, Јеховините сведоци секоја година ја одбележуваат смртта на Исус за да се сетат на откупната жртва што ја дал. Благодарение на неговата смрт, сите послушни луѓе може да добијат вечен живот.

ЗОШТО БИЛА ПОТРЕБНА ОТКУПНИНА?

Ема: Сум слушнала како луѓето велат дека Исус умрел за нас. Но, искрено, никогаш не ми било јасно тоа.

Моника: И на многу други не им е јасно. Откупнината е длабока тема. Но, таа е и една од најубавите вистини што се запишани во  Божјата Реч. Само да те прашам, имаш ли уште малку време?

Ема: Да, имам уште неколку минутки.

Моника: Супер. Пред некој ден читав една статија во врска со откупнината. Ќе се обидам да ти објаснам на едноставен начин.

Ема: Ајде.

Моника: За да ја разбереме откупнината, најпрво треба да дознаеме што се случило откако Адам и Ева згрешиле во рајската градина. Да видиме што пишува во Римјаните 6:23. Сакаш ли да го прочиташ овој стих?

Ема: Секако. „Платата за гревот е смрт, а дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар.“

Моника: Ајде да ги разгледаме подетално овие зборови. Прво, забележи како започнува стихот: „Платата за гревот е смрт“, со други зборови, оној што ќе направи грев ќе биде казнет со смрт. Бог го поставил ова едноставно правило во почетокот од човечката историја. Се разбира, на самиот почеток, никој не грешел. Адам и Ева биле совршени, и сите нивни деца требало да се родат совршени. Значи, немало да има причина некој да умре. Адам, Ева и сите нивни потомци имале можност да живеат вечно и да бидат среќни. Ама како што знаеме, тоа не се случило, нели?

Ема: Не. Адам и Ева јаделе од забранетиот плод.

Моника: Точно. Со тоа што каснале од тој плод тие не го послушале Бог, а тоа било грев. Всушност, Адам и Ева избрале да станат несовршени и грешни. Нивната одлука донела ужасни последици за нив, но и за нивното потомство.

Ема: Е сега сум збунета.

Моника: Ќе ти раскажам една споредба. Дали сакаш да правиш леб?

Ема: Да, многу сакам домашно лепче.

Моника: Да речеме дека си купила нова тепсија за печење леб. Но, уште пред да испечеш нешто, тепсијата ти паѓа на подот и се прави голема вдлабнатина во неа. Како ќе изгледаат лепчињата што ќе ги печеш во таа тепсија? Зар нема и тие да имаат вдлабнатина?

Ема: Па сигурно дека ќе имаат.

Моника: Така е. Слично на тоа, кога Адам и Ева избрале да му бидат непослушни на Бог, добиле „вдлабнатина“, односно станале грешни и несовршени. А бидејќи згрешиле пред да имаат деца, сите деца што подоцна им се родиле ја имале истата „вдлабнатина“, со други зборови, се родиле грешни. Зборот „грев“ кој се спомнува во Библијата не се однесува само на некоја постапка туку и на состојбата што сме ја наследиле. Точно е дека јас и ти не сме виновни за гревот на Адам и Ева — ние не сме биле ни родени кога тие згрешиле. Но, со тоа што Адам и Ева се побуниле против Бог, му пренеле грев и несовршеност на целото човештво. А како што прочитавме во Римјаните 6:23, платата за гревот е смрт. Затоа сите ние денес умираме.

Ема: Е, ама тоа не е фер. Зошто сите луѓе треба да страдаат поради гревот на Адам и Ева?

Моника: Во право си. Тоа не е фер. Токму затоа, Бог, кој е совршено праведен, ги казнил Адам и Ева со смрт за нивниот грев, а нам ‚како нивни потомци, ни дал надеж. Бог презел чекори за да нѐ спаси од оваа безизлезна ситуација. Главна улога во тоа има откупната жртва на Исус. Да се навратиме повторно на Римјаните 6:23. Откако се спомнува дека „платата за гревот е смрт“, понатаму пишува: „А дарот што го дава Бог е вечен  живот преку Христос Исус, нашиот Господар“. Тоа значи дека со својата смрт Исус ни дал можност да се ослободиме од гревот и смртта. *

ОТКУПНИНАТА Е НАЈГОЛЕМИОТ ДАР ОД БОГ

Моника: Има уште една работа што би сакала да ја истакнам од стихот.

Ема: Која?

Моника: Тука вели: „Дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар“. Ако Исус е тој што страдал и го дал животот за нас, зошто тогаш во стихот стои дека откупнината е ‚дар што го дава Бог‘? *

Ема: Хм, не знам.

Моника: Е па, Бог бил тој што ги создал Адам и Ева, и затоа кога тие згрешиле во рајската градина, покажале непослушност кон него. Тој сигурно почувствувал голема болка поради тоа што неговите деца се побуниле. Сепак, Јехова веднаш кажал како ќе ја реши таа ситуација. * Тој прорекол дека едно духовно суштество ќе дојде на Земјата, ќе живее како совршен човек и на крај ќе го даде својот живот како откупнина. Според ова, откупнината е дар од Бог. А има и друга причина зошто можеме да кажеме дека откупнината е дар од Бог. Дали некогаш си размислувала како се чувствувал Бог додека Исус умирал?

Ема: Не.

Моника: Еве ти како родител, можеш ли да си замислиш како се чувствувал Таткото на Исус, Јехова Бог, кога неговиот Син умрел? Како се чувствувал кога неговиот мил Син бил уапсен, исмејуван и тепан? И како се чувствувал кога Исус бил прикован на столб и оставен бавно да умира во страшни болки?

Ема: Сигурно му било многу тешко.

Моника: Да точно. Сепак, ние како луѓе не можеме во потполност да сфатиме како се чувствувал Бог. Но, од Библијата дознаваме дека тој има чувства и дека има причина зошто го дозволил сето тоа. Таа причина е објаснета во Јован 3:16. Можеш да го прочиташ?

Ема: Да. „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“.

Откупната жртва е најголемиот чин на љубов што некогаш бил направен

Моника: Фала. Забележи што пишува на почетокот: „Бог толку многу го сакаше светот“. Значи, љубовта го поттикнала Бог да го испрати својот Син на Земјата да умре за нас. Откупната жртва е најголемиот чин на љубов што некогаш бил направен. Токму затоа Јеховините сведоци секоја година ја одбележуваат смртта на Исус. Дали сега ти е појасно?

Ема: Да, појасно ми е. Фала многу што одвои време да ми објасниш.

Дали имаш прашање за кое сакаш да дознаеш каков одговор дава Библијата? Дали сакаш да дознаеш нешто повеќе за Јеховините сведоци и нивните верувања? Тогаш, следниот пат кога ќе сретнеш некој од нив, слободно прашај го сѐ што те интересира. Сигурно со задоволство ќе ти одговори.

^ пас. 5 Јеховините сведоци еднаш годишно ја одбележуваат смртта на Исус за да се потсетат на жртвата што тој ја дал. Оваа година, смртта на Исус ќе се одбележи во петок на 3 април.

^ пас. 32 Во некоја следна статија од оваа рубрика ќе биде објаснето како откупната жртва на Исус нѐ ослободува од гревот и што треба да правиме за да извлечеме корист од откупнината.

^ пас. 36 Библијата покажува дека Бог и Исус се две различни личности. Нешто повеќе можеш да прочиташ во поглавје 4 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.