Каква улога имал еден стотник во римската војска?

Статуа на стотникот Маркус Фавониј Фасилис

Во Христијанските грчки списи честопати се спомнуваат римските стотници. Офицерот кој бил одговорен за погубувањето на Исус го имал тој чин, исто како и Корнелиј, кој бил првиот не-Евреин што го прифатил христијанството. Стотници биле и офицерот кој го надгледувал камшикувањето на апостол Павле и Јулиј кој го придружувал Павле до Рим (Марко 15:39; Дела 10:1; 22:25; 27:1).

Еден стотник обично заповедал со чета од 50 до 100 војници. Неговата задача била да ги обучува и да ги дисциплинира војниците, да ја проверува состојбата на нивната униформа и опрема, и да им дава команди кога се распоредуваат на фронтот.

Чинот стотник бил највисокиот чин до кој можел да дојде еден обичен војник. Оние што ја имале оваа должност биле професионални војници и добри водачи. Дисциплината и ефикасноста на римската војска зависела од нив. Според една книга, стотниците „обично биле најискусните и највештите војници во армијата“.

Какви биле огледалата во библиски времиња?

Древно египетско огледало

За разлика од стаклените огледала кои ги користиме денес, огледалата во библиски времиња обично биле направени од полиран метал — најчесто од бронза, но и од бакар, сребро, злато или бело злато. Во Библијата, огледалата за првпат се спомнуваат во поврзаност со изградбата на светиот шатор, првото место каде што сите Израелци доаѓале да го обожаваат Бог. Некои жени ги дале своите огледала за да се направи од нив бакарен мијалник со подножје (2. Мојсеева 38:8). Најверојатно огледалата биле претопени за да може да се употребат за таа цел.

Огледалата кои биле откриени во археолошките наоѓалишта во и околу Израел биле пронајдени заедно со накит и други женски украси. Огледалата во минатото обично биле со кружна форма и имале украсна рачка изработена од дрво, метал или слонова коска. Најчесто, рачката имала облик на женска фигура, а задната страна на огледалото останувала неполирана.

Древните огледала не можеле да дадат толку јасен одраз како денешните стаклени огледала. Ова ни помага да сфатиме зошто апостол Павле рекол: „Сега гледаме одраз во огледало кое не дава јасна слика“ (1. Коринќаните 13:12).