Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  март 2015

 ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Хаиро наоѓа начин да му служи на Бог

Хаиро наоѓа начин да му служи на Бог

Замисли си како би ти било да немаш контрола врз ниту еден дел од твоето тело освен врз очите. Токму тоа е случај со мојот брат. И покрај ваквата состојба, неговиот живот има смисла. Пред да објаснам зошто, да ви раскажам нешто повеќе за него.

Хаиро се роди со еден вид церебрална парализа наречена спастична квадриплегија. * Како резултат на тоа, тој нема речиси никаква контрола врз своето тело. Неговиот мозок не праќа јасни сигнали до неговите мускули и затоа рацете и нозете неконтролирано му се виткаат и грчат. Понекогаш дури и самиот се повредува поради своите непредвидливи и нагли движења. И луѓето во негова близина мора да внимаваат затоа што може да ги повреди и нив. За да се спречи ова, за жал, рацете и нозете мора да му бидат врзани за неговата инвалидска количка.

МАЧНО ДЕТСТВО

Хаиро чувствуваше многу болки додека растеше. Кога имаше само три месеци, почна да добива напади поради кои ја губеше свеста. Мајка ми честопати цврсто ќе го земеше во прегратка и брзо ќе го однесеше во болница, мислејќи дека е мртов.

Поради постојаното грчење и стегање, коските на Хаиро со текот на времето се деформираа. Кога имаше 16 години, му се измести карлицата и мораше да му се направи тешка операција на бутот, колкот и карлицата. Сѐ уште се сеќавам како Хаиро плачеше од болка секоја ноќ додека закрепнуваше од операцијата.

Поради својата болест, Хаиро не може сам да ги извршува најосновните работи, како што се јадење, облекување и легнување во кревет. Мајка ми и татко ми му помагаат околу тоа. Иако на Хаиро му е потребна постојана грижа, тие секогаш одново го уверуваат дека неговиот живот не зависи само од луѓе туку и од Бог.

КОМУНИКАЦИЈА СО ХАИРО

Уште додека Хаиро беше бебе, нашите родители, кои се Јеховини сведоци, почнаа да му читаат библиски приказни. Тие беа уверени дека животот може да има поголема смисла ако сме блиски со Бог. Иако беа свесни дека моментално Хаиро мора да живее со кревко тело кое постојано се грчи, сакаа да му помогнат да сфати дека може да има прекрасна надеж за иднината. Сепак, често се прашуваа дали Хаиро воопшто може да ги разбере учењата од Библијата.

Кога Хаиро беше мал, татко ми еднаш му рече: „Хаиро, те молам, кажи ми нешто! Ако навистина ме сакаш, ќе ми прозбориш!“ Додека тато го молеше да каже барем еден збор, очите на  Хаиро се наполнија со солзи. Иако се обидуваше да прозбори и да ги изрази своите чувства, од неговата уста излегуваа само неразбирливи звуци. На татко ми му падна жал што го расплака Хаиро. Сепак, реакцијата на Хаиро беше доказ дека разбра што му кажа тато, само што не можеше да му одговори.

По некое време, моите родители забележаа дека Хаиро понекогаш брзо ги движи очите за да покаже што мисли и како се чувствува. Се гледаше дека му е многу тешко што не можевме секогаш да го разбереме. Но, кога мајка ми и татко ми почнаа да ги разбираат знаците што им ги даваше со очите и да му ги исполнуваат желбите, на лицето на Хаиро можеше да се препознае насмевка. На тој начин кажуваше фала.

За да можеме подобро да комуницираме со него, еден логопед ни предложи да ги кренеме двете раце нагоре и да му поставиме прашање на кое тој може да одговори со да или не. Ако погледне кон десната рака, тоа значи дека вели да, а ако погледне кон левата, дека вели не. На тој начин, тој може полесно да ги искаже своите желби.

ЗНАЧАЕН НАСТАН ВО ЖИВОТОТ НА ХАИРО

Јеховините сведоци три пати годишно одржуваат собири и конгреси на кои се изнесуваат библиски говори пред голем број присутни. Хаиро секогаш многу се возбудуваше за време на говорот кој е наменет за лицата кои сакаат да се крстат. Еден ден, кога имаше 16 години, татко ми го праша: „Хаиро, дали сакаш да се крстиш?“ Тој веднаш решително погледна во десната рака на тато и со тоа покажа дека има желба да се крсти. Тогаш татко ми го праша: „Дали му вети на Бог во молитва дека сакаш да му служиш засекогаш?“ Хаиро повторно погледна во десната рака на тато. Сфативме дека тој веќе му го заветувал својот живот на Јехова.

По неколку дискусии на темел на Библијата, беше јасно дека Хаиро добро разбира колку е важно крштавањето. Затоа, во 2004 год., тој даде одговор на најважното прашање кое некогаш му беше поставено: „Дали си му ветил на Јехова дека ќе ја вршиш неговата волја?“ Хаиро одговори потврдно така што погледна нагоре. Тој се крсти како Јеховин сведок на 17-годишна возраст.

ВЕРНО МУ СЛУЖИ НА БОГ

Во 2011 год., на Хаиро му се укажа можност да комуницира на нов начин — преку компјутер кој се управува со очите. Овој уред го следи движењето на очите, и така Хаиро може да кликне на некоја програма или папка со тоа што ќе трепне или со тоа што подолго ќе гледа во неа. На компјутерот  има една табела со симболи која му помага на Хаиро полесно да комуницира. Кога ќе трепне на некој симбол, програмата ја претвора пораката во електронски глас.

Како што се зголемуваше неговото разбирање на Библијата, така се зголемуваше и неговата желба да им помага на другите. Во текот на Семејната вечер, тој често погледнува во мене и во компјутерот, сакајќи да ме потсети да му напишам коментари кои може да ги даде кога има дискусии со прашања и одговори на христијанските состаноци.

За време на состанокот, тој стрпливо пребарува по екранот за да кликне на соодветното место, и потоа сите можат да го слушнат електронскиот глас. Секојпат кога ќе ги охрабри членовите на собранието на овој начин, тој се насмевнува. Алекс, еден од пријателите на Хаиро, вели: „Секогаш сум воодушевен кога ќе слушнам како Хаиро коментира за некоја библиска тема“.

Со помош на компјутер кој се управува со очите, Хаиро коментира на состаноците и ги споделува своите верувања со другите

Исто така, со помош на своите очи Хаиро им ги кажува своите верувања на другите. Еден начин на кој го прави тоа е така што кликнува на симбол на кој е прикажана градина каде што животните и луѓето од сите раси живеат во мир. Тогаш електронскиот глас вели: „Библијата ни дава надеж дека Земјата ќе биде рај каде што повеќе нема да има болести и смрт, Откровение 21:4“. Ако станарот се заинтересира, тој кликнува на друг симбол и тогаш електронскиот глас вели: „Дали би сакале да ја проучувате Библијата со мене?“ На наше изненадување, дедо ми ја прифати поканата на Хаиро. Многу бев трогнат кога гледав како Хаиро, заедно со уште некој Сведок, му помагаше на дедо да ја разбере вистината од Библијата. Радосен сум што дедо се крсти на регионалниот конгрес во Мадрид во август 2014 год.

Дури и учителите на Хаиро ја забележаа неговата вера во Бог. Розарио, која е негов логопед, еднаш рече: „Ако некогаш посакам да станам дел од некоја религија, ќе станам Јеховин сведок. Видов дека верата на Хаиро му дава вистинска смисла во животот и покрај тоа што се наоѓа во многу тешка ситуација“.

Очите на Хаиро светнуваат кога ќе му го прочитам библиското ветување: „Сакатиот ќе скока како елен, а јазикот на немиот радосно ќе извикува“ (Исаија 35:6). Иако понекогаш се обесхрабрува, обично е многу ведар бидејќи не се концентрира на својата ситуација, туку на Бог, на семејството и на пријателите од христијанското собрание. Тоа што Хаиро е вистински среќен и има силна вера е доказ дека, ако некој му служи на Јехова, може да има смисла во животот сеедно со какви проблеми се соочува.

^ пас. 5 Церебрална парализа претставува оштетување на централниот нервен систем кое го онеспособува движењето. Ова заболување се карактеризира со епилептични напади, тешкотии во хранењето и пречки во говорот. Спастична квадриплегија е најтешкиот вид церебрална парализа при која сите четири екстремитети се вкочануваат, а вратот не може да стои исправено.

Нешто повеќе

РАЗБУДЕТЕ СЕ!

Што вели Библијата за страдањата

Дали Бог е виновен за страдањата на луѓето?