Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  март 2015

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Какви привилегии имал апостол Павле затоа што бил римски граѓанин?

Павле рекол: „ќе се жалам пред Цезарот!“

Оној што бил римски граѓанин имал привилегии во Римското Царство. Тој требало да го почитува законот на Рим, а не законите на провинциските градови кои биле под римска власт. Ако бил обвинет за нешто, можел да прифати да го судат според локалниот закон, но сепак имал право да бара неговиот случај да се изнесе пред римскиот суд. Доколку бил осуден на смртна казна, имал право да се жали кај императорот.

Во врска со овие права, Цицерон, римски државник од првиот век пр.н.е., изјавил: „Да се стави римски граѓанин во окови е прекршок, да се камшикува е злодело, а да се погуби е речиси исто како братоубиство“, односно исто како да се убие член од семејството.

Апостол Павле проповедал низ Римското Царство. Тој ги искористил правата што ги имал како римски граѓанин во најмалку три прилики: 1) им кажал на градските управители во Филипи дека ги прекршиле неговите права со тоа што го претепале, 2) во Ерусалим кажал дека е римски граѓанин за да не биде камшикуван и 3) барал да биде ислушан од цезарот (Дела 16:37-39; 22:25-28; 25:10-12).

Каква плата добивале пастирите во библиски времиња?

Договор за купување овци и кози на клинесто писмо од околу 2050 год. пр.н.е.

Јаков 20 години ги пасел стадата на својот вујко Лаван. За првите 14 години Лаван му платил на Јаков со своите две ќерки, а за останатите 6 години со стока (1. Мојсеева 30:25-33). Во едно списание пишува: „Ваквите договори меѓу сопственикот на стадото и пастирот, каков што бил договорот меѓу Лаван и Јаков, им биле познати на писателите и читателите на библискиот текст во минатото“ (Biblical Archaeology Review).

Древните документи кои беа пронајдени во Нузи, Ларса и други градови во денешен Ирак покажуваат дека постоеле вакви договори. Обично еден таков договор траел од периодот кога се стрижеле овците до истиот период следната година. Пастирите прифаќале да се грижат за одреден број животни чија возраст и пол биле наведени во договорот. По една година, сопственикот, меѓу другото, добивал однапред договорена количина на волна и млечни производи, како и подмладок од животните. Вишокот му припаѓал на пастирот.

Колкав подмладок ќе имало во стадото, зависело од тоа колкав број овци му биле доверени на пастирот. Од сто овци обично се раѓале 80 живи јагниња. Пастирот требало сам да ја надомести секоја загуба. Така бил поттикнат добро да се грижи за стадото.