Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  февруари 2015

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | РАБОТАТА ГО КРАСИ ЧОВЕКОТ

Како да уживаш во својот труд

Како да уживаш во својот труд

„Секој човек да јаде и да пие и да ужива во доброто од сиот свој труд. Тоа е дар Божји“ (Проповедник 3:13). Ако Бог сака работата да ни причинува задоволство, зар не е логично и дека ќе ни покаже како да најдеме такво задоволство? (Исаија 48:17). Токму тоа и го направил, така што во Библијата ни дал конкретни совети како да најдеме задоволство во работата. Ајде да разгледаме неколку од нив.

ИМАЈ ПОЗИТИВЕН СТАВ КОН РАБОТАТА

Сеедно дали твојата работа е умствена, физичка или, пак, ги вклучува и двете, имај на ум дека „од секој труд има корист“ (Изреки 14:23). Каква корист може да имаме? Од една страна, напорната работа ни помага да се грижиме за нашите материјални потреби. Точно, Бог ветува дека ќе се грижи за потребите на оние што искрено му служат (Матеј 6:31, 32). Сепак, и ние треба да го направиме својот дел така што ќе бидеме вредни и чесно ќе заработуваме за живот (2. Солуњаните 3:10).

Така, на својата работа ќе може да гледаме како на средство со кое остваруваме важна цел. Со тоа што работиме, на чесен начин си ги исполнуваме нашите одговорности. „Ако успеваш да заработиш доволно за живот, веќе си постигнал многу“, вели 25-годишниот Џошуа. „Штом со платата можеш да си ги покриеш трошоците, тогаш твојата работа си ја исполнува целта.“

Освен тоа, ако трудољубиво работиме, ќе имаме поголема самопочит. Реално кажано, физички напорната работа е тешка. Но, ако се трудиме да ја вршиме како што треба — дури и кога ни е здодевна или напорна — ќе бидеме задоволни затоа што сме успеале да се надминеме себеси. Така не сме ѝ потклекнале на склоноста да избегнуваме да работиме само затоа што работата не е лесна (Изреки 26:14). Ако вака размислуваме, ќе бидеме задоволни со својата работа. Арон, кого го спомнавме во претходната статија, вели: „После еден долг работен ден, се чувствувам убаво. Дури и да сум исцрпен и  никој да не е свесен колку многу сум работел, знам дека сум постигнал нешто вредно“.

ИЗВРШУВАЈ ЈА ДОБРО РАБОТАТА

Библијата зборува пофално за човекот кој е „вешт во својата работа“ и за жената чии раце ‚со задоволство се зафаќаат за секоја работа‘ (Изреки 22:29; 31:13). Се разбира, никој не станува вешт прекуноќ. И ретко кој од нас сака да работи нешто што не му лежи. Можеби токму затоа многумина не си ја сакаат работата — не вложуваат доволно труд за да научат да ја прават како што треба.

Но, факт е дека може да научиме да уживаме во речиси секоја работа доколку имаме исправен став кон неа, односно ако се трудиме да научиме да ја извршуваме добро. „Кога целосно ќе се посветиш на она што го работиш и кога ќе го видиш крајниот резултат, се чувствуваш многу задоволен“, вели 24-годишниот Вилијам. „Тоа чувство нема никогаш да го имаш ако ‚фаќаш кривини‘ во работата или ако гледаш да поминеш најлесно што можеш.“

МИСЛИ НА КОРИСТА НА ДРУГИТЕ

Немој да мислиш само на тоа колку пари заработуваш. Наместо тоа, запрашај се: ‚Што се постигнува со оваа работа? Што ако никој не ја работи — или ако не ја работи како што треба? Како им користи на другите?‘

Особено важно е последното прашање, бидејќи работата ни носи најголемо задоволство кога сфаќаме како таа им користи на другите. Исус рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Освен оние што имаат првенствена корист од нашата работа како, на пример, муштериите или работодавачот, нашиот труд е за доброто и на другите. Тоа може да бидат членовите на нашето семејство, како и лица што се наоѓаат во тешка економска ситуација.

Членовите на нашето семејство. Кога еден поглавар напорно работи за материјално да го обезбеди семејството, постигнува најмалку две добри работи. Прво, успева да се погрижи за физичките потреби на семејството, како што се храна, облека и кров над главата. Така ја исполнува одговорноста што му ја дал Бог да „се грижи за своите“ (1. Тимотеј 5:8). Второ, вредниот поглавар со пример му покажува на своето семејство колку е важно трудољубиво да се работи. „Татко ми ми остави одличен пример на добри работни навики“, вели Шејн, која ја спомнавме во претходната статија. „Тој е чесен човек кој цел живот напорно работел, главно како столар. Од него научив колку е убаво кога со свои раце ќе направиш нешто што другите ќе можат да го користат.“

Лица во тешка економска ситуација. Апостол Павле ги советувал христијаните секој од нив „да работи марливо... за да има да му даде нешто на оној што е во немаштија“ (Ефешаните 4:28). И навистина, кога вредно работиме за да ги задоволиме потребите на нашето семејство, тоа може да ни даде можност да им помогнеме и на оние што се посиромашни (Изреки 3:27). Значи, со тоа што напорно ќе работиме ќе можеме да даваме, а така ќе бидеме порадосни.

 ПРАВИ ПОВЕЌЕ ОД ОНА ШТО СЕ ОЧЕКУВА

Во својата прочуена Проповед на гората, Исус рекол: „Ако некој што има власт те присили да одиш една милја, оди со него две“ (Матеј 5:41). Како можеш да го примениш начелото што стои зад тие зборови? Наместо да гледаш да си поминеш со минимален труд, барај начини да правиш и повеќе од она што се очекува од тебе. Поставувај си цели како, на пример, да ја завршиш работата подобро или побрзо од обично. Радувај се дури и на малите нешта што ги правиш додека работиш.

Ако правиш повеќе од она што се очекува од тебе, веројатно повеќе ќе уживаш во работата. Зошто? Затоа што така ти имаш контрола врз твоите постапки. Правиш нешто повеќе затоа што сакаш, а не затоа што мораш (Филимон 14). Со ова е поврзано начелото од Изреки 12:24, каде што пишува: „Раката на трудољубивите луѓе владее, а мрзливата рака води во ропство“. Денес, ретко кој од нас мора да биде роб или, пак, да работи под принуда. Сепак, оној кој гледа да вложи што помалку труд може да се чувствува како роб кој секогаш треба да ги исполнува барањата на другите. Но, оној што прави повеќе по свој избор, самиот има контрола врз својот живот. Прави толку колку што самиот ќе реши.

СТАВИ ЈА РАБОТАТА НА ИСПРАВНО МЕСТО ВО ЖИВОТОТ

Иако оној што напорно работи заслужува почит, не треба да заборавиме дека животот не се состои само од работа. Точно, Библијата нѐ поттикнува да бидеме вредни (Изреки 13:4). Сепак, не вели дека треба да работиме ден и ноќ. Во Проповедник 4:6 пишува: „Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветар“. Што значи ова? Оној кому работата му го одзема сето време и му ја црпи сета сила можеби никогаш нема да успее да ужива во она што го заработил. Всушност, сиот негов труд е бесмислен како да е „трчање по ветар“.

Библијата може да ни помогне да стекнеме урамнотежено гледиште за работата. Иако во неа пишува дека треба да сме посветени на работата, таа нѐ советува и ‚да процениме што е најважно‘ (Филипјаните 1:10). Што е најважно? Важно е да поминуваме време со семејството и пријателите. Уште поважно е да одвојуваме време за духовни активности, на пример да ја читаме Божјата Реч и да размислуваме за неа.

Оние што знаат да ја стават работата на исправно место во животот, најверојатно повеќе ќе уживаат во неа. Вилијам, кого го спомнавме претходно, вели: „Еден мој поранешен шеф е човек со урамнотежени работни навики. Тој многу работи и клиентите секогаш се задоволни од неговите услуги. Но, на крајот од денот, работата ја трга настрана и им се посветува на семејството и на Бог. Да ви кажам искрено, тој е еден од најсреќните луѓе што ги познавам!“