Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јануари 2015

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ВЛАДА БЕЗ КОРУПЦИЈА

Корупцијата во владите

Корупцијата во владите

Владината корупција се дефинира како злоупотреба на државната власт за лична корист. Таквата злоупотреба има долга историја. На пример, во Библијата има закон со кој се забранувало митото во судските случаи, што покажува дека таа појава постоела дури и пред 3.500 години (2. Мојсеева 23:8). Се разбира, корупцијата не се состои само од земање мито. Корумпираните државни службеници понекогаш си присвојуваат работи што не се нивни, користат услуги што не им следуваат или, пак, отворено крадат државни пари. Исто така, некои ја користат својата функција за да им прават услуги на пријателите и роднините.

Иако во секоја човечка организација може да има корупција, се чини дека е најлошо кога постои корупција во владите. Во еден извештај изготвен од Транспаренси Интернешнл било наведено дека низ целиот свет луѓето имаат впечаток дека петте најкорумпирани институции се политичките партии, полицијата, јавниот сектор, законодавството и правосудството (Global Corruption Barometer, 2013). Да наведеме само неколку извештаи кои ја истакнуваат сериозноста на овој проблем.

  • АФРИКА: Во 2013 год., околу 22.000 службеници во јавниот сектор на Јужноафриканската Република биле обвинети за корупција.

  • ЈУЖНА АМЕРИКА: Во 2012 год., во Бразил, на 25 лица им била изречена пресуда затоа што користеле државни пари за да придобијат политичка поддршка. Меѓу осудените бил и поранешниот шеф на кабинетот на претседателот, вториот најмоќен човек во државата.

  • АЗИЈА: Во Сеул (Јужна Кореја), во 1995 год. загинале 502 лица кога се урнала една зграда. Истрагата покажала дека подмитените градски службеници ѝ дозволиле на градежната фирма да користи бетон што не ги задоволувал стандардите и да не се придржува до нормите за безбедност.

  • ЕВРОПА: „Степенот на проблемот [со корупцијата во Европа] е шокантен“, според зборовите на еврокомесарката за внатрешни работи, Сесилија Малмстром. Таа додала дека „очигледно недостига политичка решеност да се искорени корупцијата“.

Корупцијата во владите има длабоки корени. Професор Сузан Роуз-Акерман, експерт на полето на антикорупција, напишала дека реформите ќе бараат „фундаментални промени во начинот на кој владата си ја врши работата“. Иако ситуацијата можеби изгледа безнадежна, Библијата покажува дека не само што е можно да се случат големи промени туку и дека тие сигурно ќе се случат.