Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јануари 2015

Сопрузи — направете го вашиот дом сигурно катче

Сопрузи — направете го вашиот дом сигурно катче

КАКВА сигурност треба да ѝ обезбеди мажот на својата жена? Многу луѓе мислат дека главната должност на мажот е да се погрижи неговото семејство да биде материјално обезбедено. Меѓутоа, некои сопруги имаат многу во материјален поглед, а сепак се чувствуваат несигурно, па дури и исплашено во емоционален поглед. На пример, Роса од Шпанија за својот сопруг вели: „Со другите беше многу фин, но дома беше груб“. Џои од Нигерија вели: „Кога за нешто ќе имав поинакво мислење од маж ми, тој само ќе ми речеше: ‚Јас сум мажот во оваа куќа и ќе правиш како што ќе кажам‘“.

Како може еден маж да биде добар сопруг? Што може да направи за жената да се чувствува сакана и згрижена покрај него? (Рут 1:9).

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА ЗА АВТОРИТЕТОТ НА СОПРУГОТ

Иако мажите и жените имаат еднаква вредност во Божји очи, Библијата вели дека секој од нив си има своја улога во семејството. Во Римјаните 7:2 пишува дека жената што е во брак е под „законот на мажот“. Исто како што многу институции поставуваат некој што ќе ги надгледува работите, Бог го поставил мажот како поглавар на жената (1. Коринќаните 11:3). Сопрузите треба да преземат водство во својот дом.

Како треба сопрузите да го спроведуваат авторитетот што им го дал Бог? „Сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието“, вели Библијата (Ефешаните 5:25). Иако Исус Христос никогаш не се оженил, неговиот пример може да ти помогне да станеш добар сопруг. Да видиме како.

ЖИВОТОТ НА ИСУС — СОВРШЕН ПРИМЕР ЗА СОПРУЗИТЕ

Исус сакал да им го олесни животот на другите. На сите што биле угнетени или оптоварени од лични проблеми, Исус им ветил: „Дојдете кај мене... и јас ќе ве закрепнам“ (Матеј 11:28, 29). Тој во многу прилики ги лекувал луѓето од болестите и ги закрепнувал духовно. Не е ништо чудно што мнозина се чувствувале привлечени кон Исус. Тие биле уверени дека тој ќе им го олесни товарот!

Како можат сопрузите да се угледаат на Исус. Помагај ѝ на сопругата во нејзината работа. Некои сопруги  се чувствуваат како Роса, која се пожалила: „Му бев како обична слугинка на маж ми“. За разлика од тоа, еден човек по име Квеку, кој е во среќен брак, вели: „Честопати ја прашувам жена ми што би можел да сработам јас. Бидејќи ја сакам, често ѝ помагам во домашните обврски“.

Исус бил обѕирен и сочувствителен. Една жена 12 години ја измачувал тежок здравствен проблем. Кога чула каква посебна моќ има Исус, си помислила: „Ако ја допрам само неговата облека, ќе оздравам“. И била во право. Дошла до Исус, го допрела работ на неговата облека и веднаш оздравела. Иако некои од присутните веројатно помислиле дека постапила дрско, Исус сфатил во каква очајна состојба била. * Љубезно ѝ рекол: „Ќерко... биди здрава од својата мачна болест“. Исус не само што не ја засрамил и не ја прекорил туку покажал разбирање за нејзината болест. Од тоа  се видело колку бил сочувствителен (Марко 5:25-34).

Како можат сопрузите да се угледаат на Исус. Кога твојата сопруга не се чувствува добро, биди посебно обѕирен и стрплив со неа. Пробај да ги видиш работите од нејзина гледна точка и да разбереш како се чувствува. На пример, Рикардо вели: „Кога ќе забележам дека жена ми е особено чувствителна, посебно се трудам да не кажам нешто што би можело уште повеќе да ја вознемири“.

Исус разговарал со своите ученици. Исус водел искрени и длабоки разговори со своите пријатели. „Ви објавив сѐ што чув од мојот Татко“, рекол тој (Јован 15:15). Точно е дека понекогаш Исус сакал да биде сам за да размислува и да се моли. Но, своите најдлабоки чувства честопати им ги кажувал и на своите ученици. Ноќта пред да биде осуден како злосторник и погубен, тој отворено им рекол дека бил ‚нажален до смрт‘ (Матеј 26:38). Дури и кога неговите пријатели го разочарале, Исус не престанал да зборува со нив (Матеј 26:40, 41).

Ако размислува за примерот на Исус, еден маж може да стане подобар сопруг и татко

Како можат сопрузите да се угледаат на Исус. Кажувај ѝ ги на твојата сопруга своите мисли и чувства. Некои жени се жалат дека нивниот сопруг слободно зборува со другите, но дома е молчелив. Од друга страна, забележи како се чувствува Ана кога нејзиниот сопруг искрено зборува со неа: „Чувствувам дека вистински ме сака и затоа ми станува уште поблизок“.

Немој да ја казнуваш жена ти со молчење. „Кога маж ми ќе ми се налутеше за нешто, не зборуваше со мене со денови“, вели една жена. „Се чувствував виновна и понижена.“ За разлика од тоа, Едвин се труди да постапува по примерот на Исус. „Кога ќе се изнервирам, не разговарам веднаш со неа, туку го чекам вистинскиот момент за да зборуваме.“

Џои, која беше цитирана во почетокот, забележала дека нејзиниот сопруг се променил откако почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Таа вели: „Стана подобар човек и се труди да биде понежен сопруг, кој го следи примерот на Исус“. Милиони брачни двојки ги применуваат истите библиски совети. Сакаш ли и тебе да ти помогнат овие совети? Стапи во контакт со некој од Јеховините сведоци за да ја проучуваш Библијата со него.

^ пас. 10 Според Мојсеевиот закон, поради својата болест оваа жена била нечиста. Затоа, и секој што ќе ја допрел ќе бил сметан за нечист (3. Мојсеева 15:19, 25).